Регион
Маж од Србија мистериозно исчезна во Грција: семејството го збунува последниот сигнал од мобилниот телефон

Радован Јурачиќ (44) од Србија исчезна минатиот понеделник во Грција кога наводно се качил на патнички брод, кој од Пиреја одел кон островот Кос, по што му се губи секаква трага. Потрагата по него трае цели седум дена, а сѐ уште нема информации каде се наоѓа и што се случило кобниот ден.
Радован Јурачиќ од Кикинда, татко на две деца, отишол на грчкиот остров Кос кај својот кум со намера да се договори за сезонска работа и да заработи во текот на летото.
Минатиот понеделник околу 18 часот се качи на траектот во Атина. Два часа подоцна, околу 20 часот, разговарал со сопругата Драгана, на која ѝ кажал дека се качува на траектот за Кос.
Неговата сопруга Драгана Јурачиќ претходно за „Нова.рс“ истакна дека повикот бил прекинат бидејќи врската била лоша и дека нејзиниот сопруг оттогаш не се јавил.
„Му се јавив во вторникот околу 7 часот, но тој не ми одговори, а некаде околу 12 часот телефонот се исклучи и веќе нема сигнал. Последен пат беше лоциран на Родос“, рекла тогаш таа.
Семејството и голем број пријатели на исчезнатиот Радован постојано апелираат до сите лица, доколку имаат информации за него, веднаш да пријават.
Посебен акцент е ставен на островите Патмос, Лерос, Калимнос, Кос и Родос, тоа се островите на кои се закотвувал бродот со кој патувал Радован.
Неговите пријатели не знаат што можело да тргне наопаку или што се случило кобниот ден.
„Сѐ оди многу бавно, иако секоја минута е многу важна. Не знаеме што се случило и само сакаме да го најдеме”, рекол познајник на семејството.
Според досегашните информации, семејството на исчезнатиот Радован е во контакт со српската амбасада во Атина.
„Им беше кажано дека сѐ уште не ги одобриле сите барања од бродските компании за преглед на камерите и телефонските записи“, соопштија од групата на која беа објавени првите информации за исчезнувањето на Радован.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Лукашенко испрати писмо со поддршка до Додик

„Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, се грижи за својата татковина и народ и ги штити националните интереси и покрај надворешните притисоци“, се вели во писмото на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, до претседателот на РС.
Лукашенко му изрази искрена благодарност на Додик за топлите и срдечни зборови што претседателот на РС му ги упатил по повод неговиот роденден.
„Многу сум задоволен што ги слушам тие зборови од човек што се грижи и за својата татковина и народ и ги штити националните интереси, без оглед на разните невидени надворешни притисоци“, рекол Лукашенко, пренесува „Срна“.
Лукашенко истакна дека целосно го дели мислењето на Додик за неопходноста од натамошен развој на билатералните односи, како и за постигнување повисоко ниво на квалитет на односите меѓу РС и Белорусија.
Белорускиот претседател ја потврди подготвеноста на Минск да помогне на сите начини.
„Со задоволство се сеќавам на нашата средба и отворен конструктивен дијалог. Задоволство ми е што повторно ќе ве угостиме, почит кон вас“, додал Лукашенко во писмото.
Регион
Жена во Младеновац го претепала својот зет, па ги изгребала и ги гризнала полицајците кога дошле да ја приведат

Полицијата во Младеновац ја уапси Ј. В., која вчера во Младеновац под дејство на алкохол го претепала својот зет З. М.
Таа при приведувањето изгребала и гризнала еден полицаец за раката, а друг за дланката.
Сите повредени мажи се примени во Здравствениот дом во Младеновац, каде што им се констатирани полесни физички повреди.
На Ј. В. за семејно насилство и напад врз службено лице одреден ѝ е полициски притвор до 48 часа.
Истрагата ја води Основното јавно обвинителство Младеновац.
Регион
Ослободени четворица Срби осомничени за вооружен конфликт во Бањска

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека во вторник ослободило четворица осомничени за случајот во Бањска во Звечан бидејќи според нив немало доволно докази за нивната вмешаност во случајот, објави приштинска „Коха“.
Како што соопштија од Обвинителството, осомничените се уапсени далеку од местото на настанот.
„Ве информираме дека четирите лица, кои беа уапсени за време на акцијата на косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан, далеку од местото на настанот, вчера беа ослободени од Специјалното обвинителство на Република Косово во отсуство на докази од косовската полиција“, соопшти во средата Обвинителството, пренесува „Коха“.
Косовската полиција уапси осум лица во врска со вооружениот напад што се случи во неделата во Бањска во Звечан, каде што беше убиен наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку.