Свет
Макрон ќе го потпише законот за пензиската реформа во следните два дена, синдикатите се заканија
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го потпише законот за пензиската реформа во следните два дена, објави ТВ БФМ.
Доколку Макрон го потпише законот, првите мерки од пензиската реформа ќе стапат на сила на 1 септември 2023 година.
Работничките синдикати апелираа до Макрон да не го потпишува законот. Водачот на синдикатот, Софи Бине, рече дека ако Макрон го потпише законот, ниту еден синдикален лидер нема повторно да преговара со него.
„Ги повикувам работниците да ги засилат штрајковите низ државата“, изјави вечерва Бине, по објавувањето на одлуката на Уставниот суд. Покрај синдикатите, и опозицијата предупреди дека нема да попуштат и апелираа до Макрон да не го потпишува законот.
Демонстрантите се собраа вечерва пред градското собрание на Париз носејќи транспаренти на кои пишува „нема крај на штрајковите додека не се повлече реформата“.
На улиците околу Уставниот суд беа поставени барикади, а во близина беше распоредена полиција во полна опрема, во случај на натамошни насилни протести. Во Лион полицијата употреби солзавец против демонстрантите.
Пензискиот систем е камен-темелник на францускиот модел на благосостојба, а синдикатите велат дека парите може да се најдат на друго место, вклучително и со посилно оданочување на богатите, пренесе „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Северна Кореја испраќа војници во руската армија
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска ја обвини Северна Кореја дека испраќа војници во руската армија за да ја нападне Украина.
„Гледаме растечки сојуз меѓу Русија и режими како Северна Кореја. Повеќе не се работи само за трансфер на оружје. Се работи за испраќање луѓе од Северна Кореја во окупаторските вооружени сили“, рече тој.
Свет
САД му испраќаат на Израел голема помош: „Го правиме тоа за да го одбраниме“
Соединетите Американски Држави најавија дека ќе испратат напреден противракетен систем до Израел и американски војници да управуваат со него, во обид да ја зајакнат воздушната одбрана на земјата по ракетниот напад од Иран.
Американскиот претседател, Џо Бајден рече дека го испраќа системот за да го одбрани Израел.
Портпаролот на Пентагон, Пат Рајдер, рече дека распоредувањето на системот за одбрана ќе го зајакне интегрираниот израелски систем за воздушна одбрана.
„Ова е дел од поширокото прилагодување на американската војска во последните месеци за поддршка на одбраната на Израел и заштита на Американците од нападите на Иран и проиранските милиции“, рече Рајдер.
Претходно во неделата, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ги предупреди Соединетите држави дека ги загрозуваат животите на нивните војници со тоа што „ги испраќа да управуваат со американските противракетни системи во Израел“.
„Иако направивме неверојатни напори во изминатите неколку дена за да спречиме војна од целосен обем во нашиот регион, јасно ќе кажам дека немаме црвени линии во одбрана на нашиот народ и интереси“, објави Аракчи на „Икс“.
Иран истрела проектили и беспилотни летала кон Израел во април. На 1 октомври повеќе од 180 балистички ракети беа истрелани кон Израел поради ескалацијата на борбите меѓу Израел и Хезболах во Либан. Многумина беа пресретнати, но некои ја пробија одбраната.
Свет
(Видео) „Ова е сосема лудо!“ – „Старшип“ на Илон Маск изведе неверојатна мисија
Компанијата „Спејс Икс“ на милијардерoт Илон Маск денеска изврши успешна пробна летачка мисија со системот „Старшип“, петта по ред, со успешно враќање на Земјата на првата етапа од вселенскиот систем.
Пробната мисија имаше за цел да презентира можност првата етапа, ракетата „Супер хеви“ да се врати на Земјата неоштетена. Таа слета директно во клештите на лансирната рампа од каде што претходно беше лансирана. Ова предизвика радосни извици и аплаузи во вселенскиот центар на компанијата во јужен Тексас.
Watch Starship’s fifth flight test https://t.co/LVrCnTv797
— SpaceX (@SpaceX) October 12, 2024
„Ова е сосема лудо!“ врескаше инженерката на „Спејс Икс“, Кејт Тајс за време на преносот во живо.
Ова претставува голем чекор напред кон главната цел на „Спејс Икс“, „Старшип“ да стане вселенско летало за повеќекратна употреба. На веб-страницата на „Спејс Икс“ се вели дека тоа е „вселенски брод за целосно повеќекратна употреба“ и втора етапа од системот „Старшип“ .