Свет
Медведев: Русија е подготвена за разговори со Украина доколку Киев ја препознае реалноста на теренот
Русија е подготвена да ги продолжи разговорите со Украина, но само доколку Киев ја препознае реалноста на теренот и предлозите на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев.
„Подготвени сме да ги продолжиме преговорите со Украина, но само доколку Киев ја препознае реалноста на теренот и предлозите дадени од рускиот претседател Владимир Путин за време на неговиот говор во Министерството за надворешни работи оваа година“, рече Медведев на прес-конференција по средба со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Пекинг, пренесе Тас.
Тој додаде дека на средбата со кинескиот лидер биле покренати темите за Украина и Сирија, како и прашањата за билатералната соработка, земајќи ги предвид промените во меѓународната политика, вклучително и сириската криза.
Одговарајќи на новинарски прашања за ситуацијата во Сирија, Медведев рече дека не е сигурен дека единството на Сирија ќе може да се одржи по промената на власта во земјата, дека сите народи и претставници на различни религии ќе можат да продолжат да постојат заедно.
„Сè уште не слушнав одговор на прашањето како ќе биде можно да се најде консензус за интересите на сунитите, шиитите, алавитите, друзите и христијаните“, посочи тој.
Медведев потсети дека Русија извесен период и давала сериозна поддршка на владата на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад, бидејќи разбрала какви закани претставува можниот колапс на Сирија за целиот свет во сценариото на другите земји на Блискиот Исток.
„Тогаш овој тип на поддршка беше ефективен, но, се разбира, внатрешната ситуација зависеше од администрацијата, владата на поранешниот претседател на Сирија, Башар ал Асад“, рече Медведев, одговарајќи на новинарски прашања, пренесува Танјуг.
Коментирајќи ги изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина „за 24 часа“.
„Ќе молчам за можноста за решавање на ваква сложена криза за еден ден, мислам дека тоа е дел од збир на изборни слогани“, изјави Медведев пред новинарите, коментирајќи ги изјавите на Трамп.
Медведев е во дводневна работна посета на Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Турција, почувствуван и во Грција
Земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала е регистриран вечерва во 21:38 часот, во западна Турција.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во областа со географски координати на географска ширина 39,444 и географска должина 26,284.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 1о километри под површината на земјата.
Земјотресот се почувстувал и на 13 километри северно од Митимна, Грција.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Свет
Трамп ја суспендира странската помош на 90 дена
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за привремено суспендирање на сите американски програми за надворешна помош на 90 дена во очекување на ревизија за да се утврди дали тие се во согласност со неговите политички цели.
Наредбата, меѓу многуте потпишани од Трамп на неговиот прв ден од враќањето на функцијата, наведува дека „странската помошна индустрија и бирократијата не се усогласени со американските интереси и во многу случаи се спротивни на американските вредности“ и „служат за дестабилизирање на светскиот мир преку промовирање идеи во странство“.
Според тоа, Трамп изјави дека „никаква дополнителна странска помош на Соединетите држави нема да биде исплатена на начин што не е целосно конзистентен со надворешната политика на претседателот на САД“.
Државниот секретар Марко Рубио им рече на членовите на Комитетот за надворешни односи на Сенатот за време на неговото сослушување за потврдување минатата недела дека „секој долар што го трошиме, секоја програма што ја финансираме и секоја политика што ја водиме мора да се оправда со одговарање на три едноставни прашања:
„Дали ја прави Америка побезбедна? Дали ја прави Америка посилна? Дали ја прави Америка попросперитетна“.
Наредбата потпишана од Трамп му остава на Рубио да донесе такви одлуки, во консултација со Канцеларијата за управување и буџет. Стејт департментот и Агенцијата на САД за меѓународен развој се главните агенции кои ја надгледуваат странската помош.
Свет
Силен земјотрес го погоди Тајван
Земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала е регистриран во 19:48 часот во Тајван.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во областа со географски координати на географска ширина 21.459 и географска должина 121.0699.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 23 километри под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.