Свет
Мерц ги разгледува санкциите на ЕУ против Русија: можност за ставање во функција на замрзнатите фондови

Канцеларот Фридрих Мерц не ја исклучи можноста новите санкции против Русија да ги вклучат и руските средства замрзнати од Европската Унија.
„Моментно ја истражуваме оваа опција“, рече тој во интервју за „Ди цајт“. „Доколку постои законска основа за мобилизирање на овие средства, ние ќе го сториме тоа“.
Сепак, Мерц предупреди за потенцијалните ризици.
Германија, заедно со Франција, Велика Британија и Полска, ѝ се закани на Русија со дополнителни санкции доколку не се согласи на прекин на огнот во Украина. За време на неодамнешната посета на Киев, лидерите на овие земји поставија рок до минатиот понеделник, на кој Русија не одговори.
ЕУ би можела да одговори со казнени мерки до крајот на оваа недела, додаде претходно Мерц.
Според податоците на Европската комисија, речиси 210 милијарди евра од руската централна банка се замрзнати во ЕУ. Од средината на минатата година ЕУ користи камата од овие фондови за финансирање испорака на оружје и муниција во Украина.
Директната експропријација на средствата на руската централна банка предизвикува сомнежи во ЕУ поради правни проблеми и можни одмазди. Во 2023 година Москва ја предупреди ЕУ да не ги конфискува средствата на руската држава или на руските граѓани.
Доколку ЕУ преземе таков чекор, Русија би можела да возврати со конфискација на средствата на европските компании што работат во Русија. Исто така, експропријацијата на рускиот имот би можела да ја разниша довербата на другите земји и инвеститорите во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Лaв: Светот гори поради вооружените конфликти и глобалното затоплување

Папата Лав денес го прекина двонеделниот одмор за да одржи посебна миса со која ги повикува католиците да се грижат за создадениот свет, за справување со глобалните климатски промени.
„Светот гори поради вооружените конфликти и глобалното затоплување“, рече папата.
„Мора да се молиме за многу луѓе кои сè уште не ја гледаат итноста од грижата за нашиот заеднички дом“, рече папата.
Новиот папа рече дека Црквата со 1,4 милијарда члена е посветена да зборува за ова прашање, „дури и кога е потребна храброст за да се соочиме со деструктивната моќ на владетелите на овој свет“.
Мисата вклучуваше молитва за жртвите од поплавите во Тексас, каде што до вторникот загинаа најмалку 109 луѓе.
Кардиналот Мајкл Черни, висок функционер на Ватикан, кој помогна во организирањето на мисата, за „Ројтерс“ изјави дека одлуката на папата да го скрати својот одмор е знак за важноста што ќе ја придаде на еколошките прашања.
Свет
Орбан ѝ порача на Фон дер Лајен: „Време е за заминување“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ѝ порача на претседателката на Европската комисија дека е време да си замине. Орбан објави фотографија од Урсула фон дер Лајен со натпис „Време е да си замине“.
Утре, Европскиот парламент ќе разгледа и ќе гласа за недоверба на Фон дер Лајен.
Иницијативата е поврзана со одлуката на Европскиот суд, кој ги прогласи процедурите на Европската комисија за нетранспарентни откога одби да ја предаде преписката меѓу Фон дер Лајен и директорот на компанијата „Фајзер“ на новинарите.
За време на пандемијата ЕУ купи вакцини против коронавирусот од оваа компанија.
Аналитичарите од Брисел се сомневаат дека ќе биде потребно мнозинство за да се гласа за разрешување на шефот на Европската комисија.
Свет
Топењето на глечерите во целиот свет може да предизвика вулкански ерупции

Топењето на глечерите во целиот свет може да предизвика долго неактивните вулкани да се разбудат под мразот, проценија научниците на конференцијата „Голдсмит 2025“ во Прага.
Ново истражување открива дека масивните ледени покривки ги потиснувале ерупциите илјадници години создавајќи подземен притисок. Но, како што оваа ледена тежина исчезнува, може да предизвика бран експлозивни ерупции, особено на места како Антарктикот, објавува „Сајенс дејли“.
На конференцијата, која се одржува од 6 до 11 јули во Прага, научниците истакнаа дека оваа неочекувана вулканска закана не само што претставува регионален ризик туку може да ги забрза и климатските промени.
Научниците сугерираа дека топењето на глечерите може да ослободи моќни вулкански ерупции со отстранување на тежината што ја држи магмата заробена длабоко под земјата. Антарктикот, велат тие, може да содржи стотици од овие експлозивни темпирани бомби. Топењето на глечерите може тивко да ги постави темелите за поексплозивни и чести вулкански ерупции во иднина, според студија на шест вулкани во чилеанските Анди, објавува „Танјуг“.
Студијата, презентирана на конференцијата во Прага, сугерира дека стотици неактивни вулкани во целиот свет, особено на Антарктикот, би можеле да станат поактивни поради климатските промени што го забрзуваат повлекувањето на глечерите.
Врската помеѓу повлекувањето на глечерите и зголемената вулканска активност е позната на Исланд уште од 70-тите, но ова е една од првите студии што го истражуваат феноменот во континенталните вулкански системи.
Истражувачите откриле дека за време на врвот на последната ледена доба дебелата ледена покривка го потиснува бројот на ерупции и дозволува голем резервоар на магма богата со силициум да се акумулира 10-15 км под површината.
„Со текот на времето кумулативниот ефект од повеќекратни ерупции може да придонесе за долгорочно глобално затоплување поради акумулацијата на стакленички гасови“, рече Морено-Јегер, пренесува „Танјуг“.