Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски по средбата со Трамп: Чекам датум за потпишување на историскиот договор
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека со американскиот претседател Доналд Трамп во Давос разговарале за прашања поврзани со противвоздушната одбрана, безбедносни гаранции и финансирање на обновата на Украина, вклучувајќи ја и областа Донбас.
Како што пренесе „Европска правда“, Зеленски појасни дека договорот за безбедносни гаранции е подготвен за потпишување и изрази надеж дека САД ќе реагираат позитивно.
„Сега чекам претседателот Трамп да предложи датум и место. Подготвени сме да го потпишеме овој документ, кој за нас е историски важен“, рече тој, додавајќи дека договорот ќе треба да биде ратификуван од Конгресот на САД и од украинската Врховна рада.
Во врска со финансиската помош, Зеленски спомена дека пакетот документи познат како „план за просперитет“ сè уште не е финализиран. „Важно е да се утврдат јасни и транспарентни извори на финансирање, затоа што токму тие ќе бидат темелот на обновата на Украина во наредните години“, истакна тој.
Тема на разговор била и областа Донбас. Според Зеленски, прашањето ќе продолжи да се разгледува во Абу Даби, каде што е најавена дискусија за ставовите на трите страни: Русија, Украина и САД.
Состанокот на Зеленски и Трамп се одржал вчера и траел околу 50 минути. Обата тима го оцениле како „добар“ и „многу добар“.
Регион
Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата
Уставниот суд ја прифати оставката на бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат бугарските медиуми.
Според одлуката на судиите, овластувањата на Румен Радев како претседател престануваат предвреме со потврдувањето на неговата оставка од страна на Уставниот суд . Одлуката стапува во сила денес, 23 јануари.
Уставниот суд го разгледа барањето на Радев без да мора да го сослуша или да побара дополнителни докази, бидејќи испитувањето беше ограничено на утврдување на лична изјава за волја – прашање кое, според судот, нема сложени правни пречки.
На расправата учествуваа 12 уставни судии, а за уставниот случај извести судијката Павлина Панова.
Оставката ја поднесе Радев по обраќањето до бугарскиот народ на 19 јануари, во кое објави дека се повлекува од функцијата со цел активно да учествува на претстојните предвремени парламентарни избори и евентуално да учествува во политички проект или партија.
„Инвестор.бг“ потсетува дека одлуката на Уставниот суд е историска – ова е прв случај во поновата историја на Бугарија во кој актуелен претседател поднесува оставка пред истекот на мандатот, а судот го разрешува од функцијата.
Потпретседателката Илијана Јотова автоматски ја презема функцијата нов шеф на државата до крајот на нејзиниот мандат на 21 јануари 2027 година. Таа ќе ги извршува функциите на претседател, вклучително и назначување на привремена влада и подготовка за следниот изборен процес.
Фото: ЕПА
Регион
Дедото уапсен под сомнение за обљуба над малолетната внука во Белград
Полицијата на територијата на Белград го уапси Г. М. (57) бидејќи постоеле основи на сомнение дека сторил кривично дело обљуба над дете.
Жртвата е неговата четиринаесетгодишна внука, која ја дала изјавата во присуство на нејзината мајка, според медиумите во соседството.
Осомничениот е задржан од полицијата до 48 часа, во кој период ќе биде приведен на сослушување.
Според написите, се сомнева дека дедото наводно го сторил ова тешко кривично дело врз својата внука во неколку наврати.
Случајот го презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе спроведе понатамошна истрага. Бидејќи жртвата е малолетно лице, истражните органи ќе ги преземат сите мерки за заштита на интегритетот на детето, а изјавата ќе биде земена во присуство на експерти и психолози.
Кривичниот законик на Србија предвидува исклучително строги санкции за злоупотреба на деца. За најтешките форми на ова кривично дело, особено кога има роднинско сродство или злоупотреба на положбата, се заканува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Сите надлежни служби, вклучително и Центарот за социјална работа, се вклучени во обезбедување поддршка и заштита на жртвата од самиот момент на пријава, според медиумите.

