Свет
Министерка на Трамп му се закани на „Харвард“: Ќе ви забраниме да запишувате странски студенти

Американската секретарка за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, се закани дека ќе му го одземе правото на Универзитетот „Харвард“ да запишува странски студенти доколку до 30 април 2025 година не ја предаде документацијата за незаконски и насилни активности на странски студенти, објави денеска американското Министерство за домашна безбедност.
„Ноем испрати остро писмо, во кое бара детаљна документација за незаконски и насилни дејства од странски носители на студентска виза на „Харвард“ до 30 април 2025 година или веднаш ќе им биде одземен SEVP-сертификатот“, се вели во соопштението на Министерството.
Таа сертификација им овозможува на универзитетите да ги издаваат формуларите потребни за добивање виза за влез во САД на меѓународни студенти што биле примени, според Министерството.
Во моментот на „Харвард“ студираат 6.793 странски студенти, што претставува 27,2 % од вкупниот упис во академската 2024/2025 година, според податоците на Универзитетот.
Министерството исто така објави дека ја откажува исплатата на 2,7 милиона долари, што му беа доделени на „Харвард“.
Портпаролот на „Харвард“ во изјава рече дека тие се запознаени со писмото, но остануваат на нивниот претходен став дека „нема да се откажат од својата независност или да се откажат од своите уставни права“, пренесува Си-ен-ен.
„Ќе продолжиме да го почитуваме законот и очекуваме да го стори тоа и администрацијата“, се вели во соопштението. „Доколку федералната влада преземе акција против некого во нашата заедница, очекуваме тоа да се заснова на јасни докази спроведени преку постојни правни процеси и почитување на уставните права што важат за сите“.
Според студентскиот весник The Harvard Crimson, Министерството во писмото го обвинува „Харвард“ за создавање „непријателска средина за еврејските студенти“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Северна Кореја објави дека успешно лансирала воен брод во втор обид

Северна Кореја успешно го лансираше својот нов поморски разорувач од 5.000 тони, помалку од еден месец откако бродот се преврте за време на првото лансирање, објавија државните медиуми.
Лидерот на земјата, Ким Џонг-ун, беше бесен поради неуспешното лансирање во мај и нареди итни поправки на воениот брод. Најмалку четири функционери, тројца од бродоградилиштето и еден висок воен функционер, беа уапсени по инцидентот.
Државните медиуми сега тврдат дека бродот е целосно обновен, но експертите го доведуваат во прашање квалитетот на поправките со оглед на тоа колку брзо беше повторно лансиран.
Според извештајот на новинската агенција KCNA, Ким Џонг-ун и неговата ќерка Ким Џу Ае лично присуствуваа на церемонијата на лансирањето во северното пристаниште Раџин. Објавени се и фотографии од настанот. Воениот брод е еден од двата нови разорувачи што Северна Кореја ги изгради во изминатата година и ги лансираше од април. Тие се најголемите бродови што Пјонгјанг моментално ги има во својата флота и теоретски се способни да лансираат нуклеарно оружје.
Ким разви амбициозен план за изградба на нуклеарна морнарица и најави изградба на уште два вакви разорувачи во следната година. Разорувачот е именуван „Канг Кон“, по севернокорејскиот генерал кој загинал за време на Корејската војна. Сателитските снимки во последните недели покажаа дека бродот се превртел во пристаништето, потоа е преместен на поправки, вратен во вода и конечно закотвен на брегот.
KCNA соопшти дека Ким за време на настанот рекол дека почетниот неуспех не ја забавил модернизацијата на војската.
„Непријателите наскоро ќе почувствуваат колку е провокативно и непријатно да се видат непријателските бродови како слободно крстарат по работ на суверените води“, изјави Ким, цитиран од државната агенција.
Свет
Анализа: Иран ќе го нападне Израел со сè што има

Ова е моментот од кој многумина на Блискиот Исток се плашеа со години, но исто така и го чекаа. Како што анализира „Скај њуз“, прашањето што сега станува клучно е: што следи?
Израел долго време ги смета нуклеарните амбиции на Иран за егзистенцијална закана, и покрај тврдењата на Техеран дека неговата програма е исклучиво мирољубива. Иранските лидери постојано повикуваат на уништување на Израел, и како што истакнува „Скај њуз“, овие закани се сфатени буквално од страна на политичкото и безбедносното раководство на Израел.
Израел ќе се обиде да ја заврши работата
Премиерот Бенјамин Нетанјаху долго време тврдеше дека намерите на Иран никогаш не треба да се совпаѓаат со неговата способност да ги спроведе. Сега, објави „Скај њуз“, тој верува дека дојде време за решителна акција.
Откако започна напад за кој верува дека ќе ја елиминира заканата, Израел веројатно ќе се обиде да го заврши доколку околностите – и САД – му дозволат.
Иран не може да си дозволи слабост
Од друга страна, Иран тешко може да си дозволи слабост. Тоа е политички ранлив режим и секој знак на неодлучност би можел дополнително да го дестабилизира одвнатре. Одмаздата, според анализата на „Скај њуз“, би можела да вклучува напади врз израелски и американски цели, како и врз американските сојузници и нафтената инфраструктура во Персискиот Залив.
Само неколку танкери или рафинерии погодени би можеле веднаш да ја потресат глобалната економија, а иранското раководство можеби смета на ова за да го принуди Вашингтон да ги запре израелските воени операции.
Во случај на отворена војна, последиците ќе бидат глобални
Во најверојатното сценарио, предвидува „Скај њуз“, ќе се случи следново: Израел продолжува да напаѓа, Иран возвраќа со сè што има, САД се приклучуваат во одбраната на Израел, а Иран напаѓа и израелски и американски цели, а можеби и цели на американските сојузници.
Но, војните ретко ја следат логиката на планот. Секој чекор во ескалацијата може да доведе до нови, непредвидени последици. Ако Персискиот Залив се претвори во бојно поле, заклучува „Скај њуз“, последиците нема да бидат регионални – туку глобални.
Свет
Израелците масовно купуваат храна и вода: се подготвуваат за иранска одмазда

Репортерот на Би-Би-Си од Ерусалим известува дека Израелците масовно почнале да купуваат храна и вода, а полиците во супермаркетите брзо се празнат пред очекуваниот ирански одговор.
Населението во поголемиот дел од земјата се разбудило околу 3 часот наутро кога се огласиле сирени и бил испратен телефонски аларм со предупредување за „значајна закана“, а граѓаните добиле инструкции да останат блиску до засолништата.
Службите за итни случаи низ Израел складираат крв, додека некои болници почнале да ги отпуштаат пациентите доволно стабилни на домашна нега за да се ослободат капацитети.
На окупираниот Западен Брег, во сите палестински градови е прогласен карантин до понатамошно известување. Сите мерки се спроведуваат во очекување на одмазда, а израелската армија предупредува дека повеќе од 100 ирански беспилотни летала веќе се на пат кон Израел.
Светските медиуми потсетуваат дека синоќа Израел изврши обемен воздушен напад врз неколку цели во Иран. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со иранската нуклеарна програма и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивоата на зрачење.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел.
Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.