Европа
Москва најави визи за непријателските земји меѓу кои е и Македонија

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, најави нови мерки за граѓаните на, како што вели, непријателските земји.
„Москва развива мерки за ограничување на влезот во Русија за граѓаните на непријателските држави“, изјави шефот на руската дипломатија.
„Се подготвува нацрт-претседателски декрет за реципрочни визни мерки како одговор на непријателските дејствија на голем број странски земји“, рече тој во телевизиска изјава.
Државната новинска агенција ТАСС пренесува дека мерките се одговор на непријателски дејствија на САД и нивните сателити, вклучително и нелегитимни санкции и одлуки кои ги кршат правата на руските граѓани и правни лица.
Не е прецизирано за кои земји ќе се применуваат мерките, но владата претходно одобри список на држави и територии кои, како што се вели, чинат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани.
„Списокот ги вклучува САД и Канада, земјите на ЕУ, Велика Британија, Украина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Андора, Исланд, Лихтеншатјн, Монако, Норвешка, Сан Марино, Северна Македонија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајван“, објави тогаш агенцијата ТАСС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кличко: Главна цел на Русија останува освојувањето на Киев

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, им се обрати на собраните на Светскиот економски форум (СЕФ), кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Тој рече дека Русија сè уште се надева оти ќе го преземе главниот град на Украина.
„Јасно е дека не станува збор за специјална воена операција, како што тврди Русија, туку за војна, една од најголемите по Втората светска војна. Илјадници луѓе загинаа, меѓу кои и многу деца, а на истокот на земјата се води голема битка“, рече Кличко.
Тој рече дека не е тајна оти окупацијата на цела Украина и понатаму е приоритет на Русија, „а нејзината главна цел е главниот град, срцето на земјата“, додавајќи дека „целиот свет виде докази за воени злосторства преку сателитските снимки на Буча“.
„Сите разбираат дека ова не е специјална операција, туку геноцид врз украинскиот народ“, рече Кличко мислејќи на човечкото страдање во Украина, пренесуваат медиумите.
Европа
Украина: Двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства

Двајца руски војници, кои беа заробени од украинските сили, денеска, за време на второто судење за воени злосторства во војната во Украина, ја признаа вината за гранатирањето на град во источниот дел на таа земја.
За време на судењето во Окружниот суд во Котелевск во централна Украина, државните обвинители побараа казна од 12 години затвор за Александар Бобикин и Александар Иванов за, како што наведоа, кршење на законот за војна, пренесува „Ројтерс“.
Бобикин и Иванов признаа дека биле дел од артилериска единица, која од областа Белгород во Русија гаѓала цели во областа Харков.
Европа
Шолц: Русија нема да победи во војната во Украина, ниту ќе ги диктира условите за мир

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Русија нема да победи во војната во Украина и посочи дека Москва не смее да ги диктира условите за каков било мир.
„Путин сериозно ќе преговара за мир само ако сфати дека не може да ја пробие одбраната на Украина“, рече Шолц во говорот на Светскиот економски форум во Давос, пренесува „Ројтерс“.