Европа
Москва ја разгледува можноста за размена на украински затвореници за Медведчук, пријателот на Путин

Русија ќе ја проучува можноста за размена на заробените војници на украинскиот баталјон „Азов“ за Виктор Медведчук, пријател на Владимир Путин, изјави рускиот пратеник и преговарач Леонид Слуцки.
„Ќе го проучиме тоа прашање“, изјави Слуцки, член на руската делегација на последните преговори со Киев, одговарајќи на прашањето за таква размена, пренесува агенцијата РИА Новости.
Во изјавата што ја даде во сепаратистичкиот град Доњецк во југоисточна Украина, тој додаде дека за таквата можност во Москва ќе разговараат „оние кои се овластени за тоа“, пренесуваат медиумите.
Виктор Медведчук (67) е политичар и богат украински бизнисмен кој важи за личност блиска до рускиот претседател. Во средината на април, Медведчук беше заробен во Украина.
Медведчук е во домашен притвор од мај 2021 година, откако беше обвинет за велепредавство и обид за ограбување на природните ресурси на Крим, украинскиот полуостров што Русија го анектираше во 2014 година, пишуваат агенциите.
Во петокот руската армија објави дека се предале и последните украински бранители на стратешки важниот Мариупол, кои со недели давале отпор од огромната фабрика за челик „Азовстал“.
Меѓу нив биле членови на баталјонот „Азов“, единица која Кремљ ја смета за неонацистичка, а Киев сака да ја врати во замена за руски затвореници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шојгу: За да се постигнат целите во Украина нема потреба од нуклеарно оружје

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вели дека се апсурдни изјавите на западните медиуми дека Русија наводно може да употреби хемиско оружје во Украина.
„Нема потреба од употреба на нуклеарно оружје во Украина за да се постигнат целите на специјалната операција“ изјави денеска Шојгу.
„Од воена гледна точка, нема потреба да се користи нуклеарно оружје во Украина за да се постигнат поставените цели“, рече Шојгу за време на Московската конференција за меѓународна безбедност, пренесува ТАСС.
Европа
Лолобриџида на 95 години ќе се кандидира на избори, сака да стане сенатор

Познатата италијанска актерка Џина Лолобриџида изјави дека ќе се кандидира на општите избори следниот месец затоа што „ѝ е доста од препирките на политичарите“.
Лолобриџида, кој наполни 95 години во јули, сака да стане сенатор во партијата Суверена и Народна Италија (ISP), нов политички сојуз на евроскептиците, сојуз кој се спротивставува на политиката на Марио Драги, испраќање оружје во Украина и „воинствениот атлантизам“.
Таа изјави за Corriere della Sera дека е инспирирана од Махатма Ганди, дека го цени неговиот „начин на работа, неговото ненасилство“ и дека е „голем пријател“ на првата жена премиер на Индија, Индира Ганди.
– Ја гледав секогаш кога доаѓаше во Рим. Беше извонредна жена – рече таа.
Лолобриџида беше меѓу најгламурозните актери во златното доба на Холивуд.
Таа минатиот месец изјави дека е „решена да остане креативна“ и дека сега сака да искористи дел од таа енергија „за важни работи, особено за мојата земја“.
Последен пат Лолобриџида се обиде да влезе во политиката во 1999 година, кога се кандидираше на изборите за Европскиот парламент како кандидат на Демократите на Романо Проди.
Европа
Шолц за барањето Германија да ги забрани визите за Русите: Ова не е војна на рускиот народ

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Берлин нема да поддржи неколку европски земји кои ги повикаа членките на ЕУ да престанат да издаваат туристички визи за руските граѓани.
Земјите кои ја поддржуваат таквата забрана велат дека Русите не треба да можат да одат на одмор во Европа додека Москва е во војна во Украина.
Финска и Данска сакаат одлука на ЕУ, а некои земји од ЕУ кои граничат со Русија повеќе не им издаваат визи на Русите, јавуваат агенциите.
„Ова не е војна на рускиот народ. Тоа е војна на Владимир Путин и ние мора да бидеме многу јасни за тоа“ – рече Шолц.
Тој на прес-конференција на маргините на еднодневниот состанок на петте нордиски лидери во Осло рече дека е важно да се разбере дека има многу луѓе кои бегаат од Русија бидејќи не се согласуваат со рускиот режим.
„Сите одлуки што ги носиме во рамките на ЕУ не треба да го отежнуваат одењето до слобода, напуштањето на земјата“ – рече Шолц.
Се очекува прашањето за визите да биде покренато на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на 31 август.