Свет
(Видео) Муслиманите ја слават победата на Мамдани: „Сега е нашето време“
Во кафулето „Мока и ко.“ во Њујорк, сместено меѓу халал-рестораните и јеменските кафулиња во Асторија, населба во Квинс, се одржа прослава на стотици луѓе, кои се собраа на покана на Муслиманскиот демократски клуб на Њујорк и неколку други муслимански и јужноазиски здруженија за да ги поздрават резултатите од изборите, пишува „Њујорк тајмс“.
Додека првите резултати од трката за градоначалник на Њујорк пристигнуваа на три големи екрани, возбудени разговори на англиски, бенгалски и на арапски јазик одекнуваа во воздухот. Она што до неодамна изгледаше невозможно, сега беше на дофат: стотици илјади муслимани во Њујорк набргу ќе живеат во град предводен од првиот градоначалник на нивната вера.
Кога победата на Зохран Мамдани беше официјално објавена кратко по 21.30 часот, се слушнаа извици „Мамдани!“ Мобилните телефони ја осветлија просторијата додека еуфоричната толпа се обидуваше да го долови историскиот момент.
Muslim New Yorkers took to the streets in celebration after Zohran Mamdani’s projected victory, which would make him the city’s first Muslim mayor — a historic moment for representation in New York City politics.#WashingtonEye #zohranfornyc pic.twitter.com/zHpOFeQpSL
— Washington Eye (@washington_EY) November 5, 2025
„Викавме ‘Мамдани мубарак!’“, рече Шахрук Али, сопственик на „Кабаб кинг“, ресторанот во кој се прослави победата на Мамдани, користејќи го арапскиот збор за честитки, објави Си-ен-ен.
„Нереално е“, рече 32-годишната Фатима Кан додавајќи дека е воодушевена што е во друштво на толку многу муслимански лидери на едно место. „Тој победи!“, извика таа, едвај задржувајќи го својот ентузијазам.
Кога Мамдани ќе положи заклетва на 1 јануари, тој ќе стане најистакнатиот муслимански избран функционер во Соединетите Американски Држави. Неговата победа означува историска пресвртница за муслиманите во Њујорк, кои честопати се чувствувале исклучени од многу аспекти на јавниот живот.
Со изборот на Мамдани, но и преку неговата кампања, муслиманските сограѓани не само што станаа клучен дел од политичката сцена во градот туку сега имаат и еден свој на самиот врв. „Гласав и плачев“, рече Сумаја Чоудхури, 41-годишна фармацевтка од Квинс. Таа призна дека пред овие избори не можела ни да замисли дека муслиман може да биде избран за градоначалник на Њујорк.
Мамдани обезбеди приближно еден милион гласови, речиси половина од повеќе од два милиона колку што беа преброени – највисок вкупен број во трката за градоначалник на Њујорк во повеќе од пет децении.
Високите трошоци за живот во Њујорк – или, како што Мамдани го сумира со еден збор, прифатливоста – беше клучна порака на неговата кампања. Таа привлече голем број гласачи од работничката класа, од кои многумина гласаа првпат вклучувајќи многу муслимани.
„Добро е што е муслиман, но тоа не е одлучувачко“, рече 46-годишниот Тарек Мнавер, кој гласаше за Мамдани во Бронкс во вторникот. „Важно е што може да направи за заедницата, за луѓето“. Тој додаде: „Њујорк е скап, но ако го направите прифатлив, добар е за сите“.
Покрај вештото користење на социјалните мрежи, кампањата на Мамдани се потпираше и на класична теренска работа. Илјадници волонтери тропнаа на вратите во претежно муслиманските населби Квинс, Бруклин и Бронкс обраќајќи им се на гласачите на арапски, бенгалски и на урду. Муслиманските и јужноазиските гласачи станаа негови први и најлојални поддржувачи.
Тој ја вплетка својата вера во кампањата молејќи се со други муслимани за време на посети на повеќе од 50 џамии. Тој исто така создаде еден од првите вирални моменти од кампањата кога објави фотографија од себе како јаде бурито во метрото за да го прекине рамазанскиот пост, што предизвика мала контроверзност на социјалните медиуми.
Многу гласачи го забележаа вештото справување на Мамдани со ситуацијата. Муслиманите во Њујорк го сметаа за кандидат што отворено и лежерно зборуваше за својата вера. Тоа беше одраз на секојдневната култура на муслиманите во градот, кои ретко се чувствуваа толку видливи.
„Муслиманите се буквално насекаде во градот“, рече Рана Абделхамид, основач на непрофитната организација со седиште во Квинс. „Тие се едукатори, тие се сопственици на мали продавници. Одите на улица и ќе најдете халал-храна. Долго време сме столбот на многу делови од градот, а сега е нашето време“.
фото:ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маск предлага криминалците да ги следат роботи наместо да одат во затвор
Елон Маск повторно ја изненади јавноста со идеја осудениците да не одат во затвор, туку да бидат следени од роботот Оптимус како похуман начин“да се спречат нови злосторства. На состанок на акционерите на Тесла, тој предложи секој криминалец да добие робот кој ќе го следи и ќе го спречува да прави криминал.
Идејата отвори бројни недоразјаснети прашања: како би функционирале роботите во спречување на криминал, кој би го финансирал системот и кои се етичките ризици од заменување на затворите со роботска контрола.
Иако изјавата може да звучи како импровизација, аналитичарите потсетуваат дека Маск има огромно влијание и дека неговите зборови се значајни. Порталот „Електрек“ додава дека акционерите на Тесла всушност го зголемиле неговото богатство и моќ на сопствена штета.
Регион
Масакр во Србија: четиричлено семејство цел на убиецот – починаа таткото и синот
Таткото М.Л. (69) и неговиот син М.Л. (44) биле убиени во семејната куќа во селото Завидинци кај Бабушница денес околу 16 часот. Полицијата ги пронашла нивните тела, но и две повредени лица – мајката С.Л. и братот на убиениот син М.Л. Жената била ранета во главата и токму таа го пријавила случајот во полиција.
Како што дознава „Блиц“, тие биле убиени во дворот на семејната куќа.
При јавувањето во полиција, таа навела дека смртоносните повреди ги нанел извесен С.М.
Полицијата го затекнала осомничениот С.М., кој веднаш бил задржан од страна на полицијата.
Сè уште не е познато кој е извршителот, но полицијата се сомнева на неколку лица и врши проверки.
Жителите на Завидинци велат дека не знаат што точно се случило, бидејќи злосторството се одвивало на периферијата на селото.
„Тоа се фини луѓе, татко, мајка и двајца синови. Едниот од нив има сериозни здравствени проблеми поради кои никогаш не излегува од куќата. Последен пат го видов пред околу петнаесет години. Чувме дека некој од нивното семејство е убиен, но сè уште не знаеме точно што се случило. Во селото кружат разни верзии: според една, напаѓач е синот, а според друга – во нив пукал сосед. Во секој случај, многу сме уплашени затоа што не знаеме дали напаѓачот е на слобода. Ја повикав полицијата во Пирот, никој не ми се јави, а сакав да дознаам дали сме безбедни и што се случува. Пријатели и роднини постојано нè бараат затоа што се загрижени, а ние не знаеме што да кажеме, бидејќи ни самите не знаеме што точно се случило“, наведе жителка на Завидинци за локалните медиуми.
Свет
„Телеграф“: Авионот што вечерва се урна кај Суботица паднал на истото место пред три години
Авионот од типот „Пајпер“ (Piper), кој вечерва околу 17 часот се урна кај аеродромот „Биково“ во Суботица, не паднал за првпат – истото летало, регистрирано како YU-DPV, имало несреќа и пред три години, под речиси исти околности, дознава ексклузивно „Телеграф“.
Вечерва, во леталото беа двајца членови на екипажот. Едно лице загина на лице место, додека другото во тешка состојба е пренесено во болница. Падот се случил за време на приодот кон аеродромот Биково, а причината сè уште не е позната. Полицијата, пожарникарите и Итната помош се на терен и увидот е во тек.
Претходната несреќа се случила на 24 септември 2022 година, исто така кај аеродромот Биково. Тогаш авионот ја изгубил силата на моторот за време на школски лет, па екипажот се обидел со присилно слетување. Авионот бил тешко оштетен, но пилотот и пилот-патникот поминале без потешки повреди.
Тогаш биле утврдени сериозни оштетувања: деформирана шасија за слетување, оштетен труп, елиса и крилја. Деталите од вечерешната несреќа допрва треба да бидат утврдени, а се очекува анализа што ќе покаже дали постои каква било поврзаност со претходната историја на летелото.

