Европа
НАТО ги отфрли руските барања да се повлече од Бугарија и Романија

НАТО ги отфрли руските барања за повлекување на своите сили од Романија и Бугарија, објави „Ројтерс“.
„НАТО нема да се откаже од можноста да ги заштити и брани своите членки, па ќе има присуство и во земјите источно од границите на НАТО“, рече портпаролката на алијансата, Oана Лунгеску.
Претходно, Москва побара правно обврзувачки гаранции од НАТО дека алијансата нема да се проширува на исток и дека ќе се врати во рамки на границите од 1997 година.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека безбедносните гаранции што Москва ги бара од Западот вклучуваат и повлекување на силите на НАТО од Романија и Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Руски војник призна дека убил цивил, му се заканува доживотен затвор

Рускиот војник на кој му се суди за воени злосторства во Украина се изјасни за виновен за убиство на невооружен цивил.
Вадим Шишимарин е обвинет дека убил невооружен 62-годишен цивил и му се заканува доживотен затвор.
Како што беше претходно објавено, станува збор за 21-годишен војник од тенковската дивизија „Кантемировскаја“ од Московската Област.
Според обвинението, војникот во обид да им побегне на украинските војници од украден автомобил застрелал 62-годишен маж на велосипед, кој зборувал на мобилен телефон.
Обвинителите велат дека би можеле да следат повеќе судења откако ќе се идентификуваат илјадници потенцијални злосторства извршени од руските сили.
Москва негираше дека нејзините војници гаѓале цивили.
Европа
Мајмунски сипаници почнаа да се шират низ Европа? Пријавени случаи во Шпанија и Португалија

Случаи на мајмунска сипаница се откриени во Португалија и Шпанија, што би можело да биде првата глобална епидемија на оваа ретка болест, објавија светските медиуми.
Шест лица во Португалија биле позитивно тестирани, а состојбата на десетици од нив се контролира, соопштија денеска тамошните здравствени власти.
Шпанија следи осум лица за кои верува дека би можеле да бидат заразени, а се спроведуваат тестови за да се потврди вирусот, соопштија тамошните власти.
Најновите случаи биле регистрирани кај мажи, од кои повеќето биле млади, но сè уште не е јасно како се заразиле.
Досега случаите на мајмунска сипаница беа ограничени на патници и нивните роднини кои се враќаа од Западна и Централна Африка, каде што вирусот е ендемичен.
Но, експертите сега стравуваат дека таа за прв пат се шири во заедницата, откако на седум Британци им беше дијагностицирана болеста во последните две недели.
Шест од нив се чини дека се заразени во Велика Британија, а повеќето се неповрзани, што сугерира дека повеќе случаи остануваат неоткриени.
Д-р Сајмон Кларк, микробиолог на Универзитетот во Ридинг, изјави за „Дејли меил“ дека се сомнева дека бројот на случаи во ОК веќе е десетици лица.
Кларк инсистирал на тоа дека болеста нема да се шири како ковид, додавајќи дека ќе биде изненаден ако се регистрираат повеќе од 100 случаи.
Регионите низ Шпанија се ставени во состојба на готовност по објавувањето на осумте сомнителни случаи во Мадрид.
Сè уште се чека потврда од Националниот центар за микробиологија.
Шефот на јавниот здравствен сектор во земјата, Фернандо Симон, рече дека мајмунските сипаници веројатно нема да предизвикаат значителен пренос, но тоа не може да се исклучи.
Шпанскиот здравствен систем за предупредување ги повика заедниците „итно“ да ги информираат јавните здравствени служби за пациентите со симптоми.
Европа
Поранешниот германски канцелар Шредер ќе ги загуби привилегиите поради врските со Русија

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер дополнително ќе биде казнет затоа што не сакал директно да ја осуди руската инвазија на Украина.
Германската владејачка коалиција, предводена од Социјалдемократите (СПД), партија на која ѝ припаѓа и Шредер и која некогаш ја водеше, ќе му ги одземе посебните права што ги ужива како поранешен канцелар. Тој ќе остане без својата канцеларија и персонал, според владиниот предлог што треба да го одобри Комисијата за буџет во четврток, пренесуваат медиумите во регионот.
Шредер, како што пишува во извештаите, ќе може да ја одржува пензијата и личната заштита. Конзервативната опозиција побарала тој да остане без пензија.
Опозицијата тврди дека го нарушува угледот на Германија во светот бидејќи не се оградил од рускиот претседател Владимир Путин и затоа што ги задржал своите должности во различни руски енергетски компании. Шредер беше канцелар од 1998 до 2005 година, последниот социјалдемократ кој ја предводеше Германија пред сегашниот канцелар Олаф Шолц.
Потоа, меѓу другите, работеше за „Северен тек“, „Гаспром“ и „Роснефт“. Раководството на СПД побара од него да ја напушти партијата. Некои дури бараа да биде избркан.