Свет
Најмалку 30 лица загинаа во израелските напади врз бегалскиот камп Џабалија во Газа
Најмалку 30 лица загинаа во израелските напади врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа, соопшти Агенцијата за цивилна заштита во Газа.
Портпаролот на Агенцијата Махмуд Басал изјави дека 12 лица, меѓу кои и жени и деца, загинале во нападот што се случил синоќа нешто пред 21:40 часот по локално време, додека 14 лица се водат како исчезнати и најверојатно заробени под урнатините.
Пред тој инцидент, директорот на Агенцијата Ахмад ал-Кахлут рече дека 18 лица биле убиени во неколку напади, вклучително и напади врз осум училишта во кампот, кои служеле како засолништа за раселените лица.
Најмалку 110 лица се повредени во нападите што се случија во текот на денот.
Израелската армија тврди дека убила десетици милитанти во Џабалија, без да обезбеди никакви докази.
Фотографиите што ги објавија медиумите од околината покажаа дека меѓу загинатите има многу деца.
Во меѓувреме, добротворната организација Лекари без граници соопшти дека илјадници луѓе се заробени во кампот, додека член на персоналот рече дека луѓето кои се обидувале да заминат биле „застрелани“.
„Никој не смее да влезе ниту да излезе, а секој што се обидува да замине е застрелан“, напиша координаторката на проектот на Лекари без граници, Сара Вилстек на мрежата Х.
Лекари без граници за Ројтерс изјавија дека најмалку 61 Палестинец биле убиени вчера низ Појасот Газа.
Новинари, исто така, се убиени и ранети во израелската офанзива во северниот дел на Газа, во која, според Гардијан, се мета и болниците, а Ал Џезира оваа недела повторно го обвини Израел дека намерно ги гаѓал откако двајца негови новинари беа тешко повредени.
Израел негира дека намерно гаѓал новинари.
Претставници на ОН изразија загриженост дека тековната израелска офанзива и наредбите за евакуација во северниот дел на Газа може да ја нарушат втората фаза од кампањата за вакцинација против детска парализа, која треба да започне следната недела.
Групите за помош го спроведоа првиот круг вакцини минатиот месец, откако во август беше откриено бебе делумно парализирано од вирусот на детска парализа тип два, прв таков случај на територијата во последните 25 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Малолетник планирал да направи масакр на Божик во Германија
Полицијата во средата вечерта привела 17-годишник во Елмшорн, под сомнение дека планирал да изврши терористички напад за време на божиќниот базар и да убие луѓе со камион.
Медиумите јавуваат дека станувало збор за тинејџер со германско-турско потекло. Полицијата ги проследила неговите комуникации и констатирала вознемирувачки информации, по што бил лоциран и уапсен.
Според информациите на Билд, се смета дека зад малолетникот стојат исламисти.
Предупредување дека може да има напад дојде до германските разузнавачи од американски колеги.
„Можеме да потврдиме дека водиме истрага, а поради сомнение дека уапсениот планирал да изврши кривично дело, со цел да предизвика смрт на поголем број лица“, соопштило обвинителството.
Регион
Вучевиќ: Разговорот на Вучиќ со Трамп е добар знак за нашата земја
Српскиот премиер Милош Вучиќ изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ бил меѓу првите лидери кои разговарале со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и дека тоа е добар знак за Србија.
Вучиќ изјавил дека ова е добра вест за земјата и дека бил задоволен од разговорот на кој присуствувал и Илон Маск.
„Претпоставувам дека тоа е добар знак за Србија. Претпоставувам дека тоа е нешто со што треба да се гордееме, добра вест“, изјави Вучевиќ.
Милош Вучевиќ изјави и дека најважно во овој момент е државните органи да утврдат зошто и како се урнала настрешницата на железничката станица во Нови Сад, што го очекуваат и семејствата на загинатите во таа огромна трагедија и најави дека обвинителството може во следните два-три дена да излезе со првите информации.
Свет
Патник без билет нападнал кондуктер на воз во Италија
Патник без билет во локален воз нападнал кондуктер во близина на Арека во Тоскана, соопшти денеска железничката компанија ТФТ.
Тоа е последен во серијата напади врз персоналот на јавниот транспорт низ Италија, вклучувајќи го и случајот со кондуктер кој беше избоден минатата недела во близина на Џенова, пренесува АНСА.
Напаѓачот прво го удрил кондуктерот во главата, а потоа го испрскал со бибер спреј, се вели во соопштението на компанијата TFT.