Европа
На Мариупол му се заканува епидемија: Температурата расте, нема вода, тела се распаѓаат под урнатините

Локалните власти во украинскиот град Мариупол предупредија дека градот е подложен на епидемии поради ужасните санитарни услови во повеќето делови на градот и фактот што можеби илјадници тела сè уште не се подигнати.
Се проценува дека околу 100.000 луѓе сè уште живеат во градот, и покрај неколкунеделните тешки борби и недостатокот на централизирано снабдување со вода.
Градскиот совет во четвртокот објави дека постои ризик од колера, дизентерија и ешерихија коли – бактериска инфекција која може да предизвика силна болка во стомакот, крвава дијареа и откажување на бубрезите.
Советот рече дека условите за живот во Мариупол се неподносливи и дека ситуацијата ќе се влоши со зголемувањето на температурите.
– Температурата на воздухот веќе достигна 20 степени. Така, во градот наскоро би можеле да избијат силни и смртоносни епидемии, поради немањето централизирано водоснабдување и канализација, распаѓањето на илјадници трупови под урнатините и катастрофалниот недостиг на вода за пиење и храна – наведуваат надлежните.
– Окупаторите не можат на постојното население да му обезбедат храна, вода и лекови. Или не ги интересира. Ги блокираат сите обиди за евакуација. И без тоа луѓето ќе умрат. Потребна е итна и целосна евакуација – изјави градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Нехамер: Путин е подготвен да овозможи извоз преку украинските пристаништа

„Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да овозможи извоз од Украина преку поморските пристаништа“, изјави попладнево австрискиот канцелар Карл Нехамер.
По телефонскиот разговор со Путин на прес-конференција во Виена, Нехамер рече дека прво мора да се воспостават безбедносни услови во украинските пристаништа.
Австрискиот канцелар нагласува дека останува да се види дали тоа се само празни зборови или искрена подготвеност, што ќе се види само доколку навистина се овозможи извоз преку пристаништата, пренесе „Танјуг“.
Европа
Шолц: Путин сака нас да нè обвини за кризата со гладот

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака да му ја припише на Западот одговорност за кризата со глад, што ја предизвикал со агресијата врз Украина.
– Наративот на Путин мора итно да се побие – нагласи Шолц во Штутгарт.
Тој рече дека Путин нашол формулација, и дека постојано зборува за „глобалниот запад“. Со ова, вели Шолц, мисли на непријателите против кои сака да се обедини со другите.
– Кризата на глад, која беше предизвикана од неговата војна, која тој ја започна, сега им се припишува на оние кои се со Украина – рече тој, пренесе Блиц.рс.
Европа
Путин: Притисокот од непријателските земји е практично агресија

Притисокот од непријателските држави е „практично агресија“, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
– Предноста на интеграцискиот курс сега е особено очигледна, во сегашната тешка меѓународна ситуација, а тоа е практично агресија на некои непријателски држави – рече Путин на состанокот на Врховниот евроазиски економски совет, кој се одржува во форма на видео-конференција.
Рускиот претседател додаде дека учесниците на состанокот биле „убедени дека интеграцијата економски ќе ги зајакне нивните земји и“ значително ќе ја намали нивната зависност од надворешни кризи, вклучително и политички, пренесе ТАСС.
Путин зборуваше за мерките што ги презема владата во сегашните услови.
Тој рече дека Владата навремено носи одлуки за стабилно функционирање на пазарот и финансискиот сектор и се грижи за клучните индустрии и компании кои се од системско значење.
Путин рече дека е обезбедена поддршка за ликвидноста на банките и дека се шири практиката на тргување во национални валути со земји кои со своите постапки покажале дека се доверливи партнери на Русија.