Свет
На Шпанија и се заканува ново невреме, вклучен портокалов аларм: кралот во маскирна униформа ја посети војската
Кралот Филип од Шпанија денеска ја посети воената база во провинцијата Валенсија за да дознае како армијата им помага на поплавените подрачја каде што поплавите однесоа најмалку 222 жители.
Кралот пристигна од Мадрид во воената база во Бетера, место на 20 километри од градот Валенсија, соопшти кралската палата. Таа на социјалната мрежа Х објави фотографии од кралот во маскирна воена униформа за време на средба со воени претставници.
Во провинцијата Валенсија се распоредени 8.474 војници за да помогнат во чистењето на калливите улици и потрагата по исчезнати лица. Тој до крајот на денот ќе го посети и воениот брод кој пред неколку дена заплови во пристаништето во Валенсија. Нема да влезат во опустошени места или да се сретнат со жителите.
Метеоролошката служба АЕМЕТ ги предупреди жителите на југоисточната провинција на доаѓање на ново невреме, иако послабо од пред две недели кога почнаа поплавите.
„Во текот на вечерта и во среда очекуваме обилни врнежи од дожд на Балеарските острови и провинциите Каталонија, Валенсија и Андалузија“, објави АЕМЕТ преку социјалната мрежа X. Прогласен е „портокалов“ аларм што укажува на „голема опасност“.
Споменатите области, особено местата околу градот Валенсија, настрадаа по излевањето на реките на 29 октомври. Поплавени се бројни места, а спасувачките служби трагаат по уште 23 лица. „Внимание! Можни се нови излевања и поплави“, предупреди АЕМЕТ.
Се огласи и регионалниот лидер Карлос Мазон, чија оставка во неделата побараа илјадници демонстранти во градот Валенсија. Тој ги повика 5-те милиони жители на провинцијата Валенсија да бидат внимателни. „По се што се случи, потребно е посебно внимание. Ќе бидеме во контакт со АЕМЕТ и другите служби“, рече тој.
Некои жители сметаат дека властите не ги предупредиле навреме луѓето за невремето од дожд пред две недели и дека предоцна испратиле помош во опустошените подрачја. Некои училишта и колеџи во провинцијата Валенсија ја откажаа наставата.
Шпанија беше погодена од најтешката природна катастрофа во последните децении. Премиерот Педро Санчез во вторникот на глобалниот самит за климата во Азербејџан рече дека „климатските промени убиваат“. „Она што се случи во Валенсија не е изолиран случај“, истакна тој.
10.358 полицајци, 3.000 пожарникари и 800 доброволци им помагаат на жителите во поплавените подрачја, јави шпанската јавна телевизија ТВЕ. Доаѓањето на кралот Филип предизвика негодување кај населението, тоа беше негова прва посета на провинцијата откако таму беше пречекан со извици „убиец“.
Кралот, кралицата, премиерот и регионалниот лидер сакаа да изразат солидарност со жртвите четири дена по избивањето на поплавата, но жителите ги пречекаа со фрлање кал и навреди во Паипорта, најпогодениот град. Поради загрозената безбедност, надлежните ги прекинаа понатамошните посети на поплавените подрачја.
Кралската палата извести дека кралот и кралицата би можеле повторно да ги посетат поплавените области во внатрешноста, следната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Францускиот премиер: „Европската унија ќе биде прегазена од политиката на Трамп“
Францускиот премиер Франсоа Бајру денеска предупреди на ризикот Франција и Европската унија (ЕУ), доколку не преземат ништо, да бидат прегазени од најавената политика на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја презеде функцијата.
„САД се одлучија за неверојатно доминантна политика преку доларот, преку индустриската политика, преку фактот дека можат да ги заробат глобалните инвестиции и глобалните истражувања“, изјави францускиот премиер за новинарите во градот Пау, каде што им се обрати на претставниците на локалните власти.
– Ако не направиме ништо, нашата судбина е многу едноставна, ќе бидеме под доминаџција. Ќе бидеме прегазени. Ќе бидеме маргинализирани“, рече тој.
Тој додаде дека одлуката како да реагираат е и на Французите и на Европејците бидејќи, како што истакна, тоа е невозможно без Европа.
„Инаугурацијата на Доналд Трамп не става пред одговорност“, додаде францускиот премиер, потсетувајќи на „моќта на Кина“, која во декември го премина прагот од 1.000 милијарди трговски суфицит.
„Франција и Европа денеска се соочени со два предизвици, американскиот и кинескиот“, рече Бајру.
Свет
Трамп ја одложи забраната на „Тик Ток“ за 75 дена: „Сè уште не сум одлучил што ќе се случи“
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потпиша извршна наредба со која бара одложување од 75 дена во спроведувањето на забраната за популарната кинеска видео апликација TikTok. Апликацијата мораше да престане да работи на 19-ти јануари според законот и беше недостапна за Американците дел од неделата.
Наредбата го упатува јавниот обвинител да не го спроведува законот со цел „да и се даде можност на администрацијата на Трамп да одреди соодветен курс на дејствување во врска со Тик Ток“.
Новиот американски претседател, исто така, му наложи на Министерството за правда да испрати писма до компании како „Епл“, „Алфабет“ на „Гугл“ и „Оркл“ кои работат со „Тик Ток“ „во кои се наведува дека нема прекршување на прописите и дека нема одговорност за какво било однесување што се случува во горенаведениот период“.
На прашањето каков е ефектот на регулативата за „Тик Ток“, Трамп рече: „Само ми дава право да го продадам или да го затворам“, додавајќи дека треба да донесе одлука.
Врховниот суд на САД во петокот го потврди законот со кој се бара „Бајт денс“, сопственикот на „Тик Ток“, да ја продаде популарната апликација што ја користат речиси половина Американци или ќе биде забранета во земјата од 19 јануари поради загриженост за националната безбедност.
„Бајт денс“ моментално одбива да го продаде својот деловен скапоцен камен, иако се јавија неколку инвеститори.
TikTok е една од најпопуларните социјални мрежи во САД, која ја користат околу 170 милиони Американци, или околу половина од вкупното население, вклучително и многу млади луѓе.
Фактот дека „Тик Ток“ е во кинеска сопственост со години ги загрижува американските власти.
Свет
Несреќа во рудник во Словенија, има загинати, двајца се исчезнати
Еден рудар загина, а двајца се водат за исчезнати во словенечкиот рудник за јаглен во Велење, откако еден од тунелите беше поплавен и затрупан од големо количество тиња.
Несреќата се случила во понеделникот во 19 часот и 10 минути, а бидејќи тунелот бил затрупан под десетици метри кал, се очекува двајцата рудари да не преживеале, јавуваат словенечките медиуми.
Полициската управа Цеље соопшти дека телото на рударот кој беше пронајден мртов е извлечено од рудникот. Во моментот на несреќата на местото на ископот имало 14 лица, од кои повеќето успеале да побегнат, а тројца останале заробени.
Спасувачите се уште работат за да стигнат до затрупаните рудари и рачно откопуваат кал и друг материјал што влегол во ископот, јавува N1 Словенија. Засега не е познато зошто дошло до несреќата.
Велење денеска ќе го посети и словенечкиот премиер Роберт Голоб, кој во понеделник на социјалната мрежа Х објави дека е длабоко потресен од веста за трагичната несреќа.
„Искрено сочувство до семејството и роднините. Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија. Искрено им благодарам на спасувачите за напорите и посветеноста да направат се што е во нивна моќ“, напиша словенечкиот премиер.