Свет
Несреќа на брегот кај Либија: 42 мигранти се водат за исчезнати, стравувањата се дека се удавиле
Најмалку 42 мигранти се водат за исчезнати и се верува дека се удавиле кога гумен чамец се превртел кај либиското крајбрежје, соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Спасени се седум лица што шест дена пловеле по морето по потонувањето на чамецот со вкупно 49 лица во близина на нафтното поле Ал Бури, северозападно од либискиот брег.
Според ИОМ, мигрантите потекнуваат од Судан, Нигерија, Камерун и од Сомалија.
Од падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 година, Либија е клучна транзитна точка за мигранти, кои преку Средоземното Море се обидуваат да стигнат до Европа.
Оваа година во централниот дел на Средоземното Море веќе се удавиле повеќе од 1.000 мигранти, а најновата несреќа дополнително го зголеми овој број, соопшти ИОМ.
Организацијата потсети и на други смртоносни инциденти во последните недели кај Сурман и Лампедуза, како и на случајот во октомври кога западно од Триполи биле пронајдени телата на 61 мигрант.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Центарот за кожни заболувања во Лозана работи со полн капацитет за да им помогне на пациентите од пожарот во Кран-Монтана
По смртоносниот пожар во ноќен клуб во Кран-Монтана, во кој голем број луѓе претрпеа тешки изгореници, Центарот за производство на клетки на кожата на Универзитетската болница во Лозана (CHUV), единствен од ваков обем во Европа, работи со полн капацитет за да им помогне на повредените, објавија денес швајцарските медиуми.
Седум пациенти со тешки изгореници од Кран-Монтана моментално се лекуваат во оваа болница.
„Приоритет е да им се помогне на овие пациенти колку што е можно повеќе“, рече експертот на центарот Лоран Карез, пренесува Svis info.
Според него, од несреќата во Кран-Монтана, во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, од кои десетици се уште се хоспитализирани, центарот работи седум дена во неделата.
Овој центар, единствен способен да произведува такви количини на кожно ткиво, почитувајќи го швајцарското и европското законодавство, работи со парчиња здрава кожа земени од повредените во Кран-Монтана за да се избегне ризикот од отфрлање.
„Од 10 квадратни сантиметри здрава кожа, можеме да произведеме помеѓу една и три серии од по 2.600 квадратни сантиметри, што претставува приближно површината на грбот“, објасни Карез, истакнувајќи дека ова телесно ткиво, произведено со репродукција на клетки, дури и не содржи мали потни жлезди.
До денес, центарот примил 15 барања за трансплантација на кожа поврзана со пожарот во Кран-Монтана, додека нормално произведува трансплантати за околу 20 пациенти годишно.
Специјалистот за тешки изгореници, Оливие Панте, рече дека овој центар игра многу важна улога затоа што „кога 50 до 60 проценти од површината на телото е изгорена, кожата мора да се одгледува во лаборатории, бидејќи тоа едноставно не може да се направи со користење на преостанатата здрава кожа“.
Како што изјави, успехот на трансплантираната кожа не е секогаш загарантиран.
„Ако трансплантираната кожа се добие во 80 проценти од случаите, ние сме многу задоволни, бидејќи тоа е одличен резултат“, рече Панте.
Свет
Захарова: Заканите на САД кон Куба се неприфатливи, киднапирањето на Мадуро е нелегално
Москва е загрижена за ескалацијата на ситуацијата околу Куба и го смета јазикот на уцена од страна на САД против таа земја за неприфатлив, изјави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Секако, внимателно ја следиме ситуацијата во Латинска Америка и Карипскиот регион и секако ја изразуваме нашата загриженост за растечките тензии, ескалацијата и агресивната реторика, вклучително и онаа против нашата пријателска република Куба“, рече таа на брифинг за медиумите, пренесува Интерфакс.
Според неа, Русија е посветена на решавање на сите меѓудржавни конфликти со политички и дипломатски средства.
„Убедени сме дека јазикот на уцени и закани е едноставно неприфатлив.
Особено кога се применува на Островот на слободата, неговиот народ и неговата влада, кои со децении страдаа од сите ужаси на нелегитимни и нелегални санкции, кои навистина се запишаа во историјата како „блокада“.
Се надеваме дека прагматизмот и здравиот разум на крајот ќе победат“, рече Захарова, коментирајќи ги изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Куба.
Захарова, исто така, нагласи дека сите одлуки на американскиот суд против венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој беше заробен од американските сили и изнесен од земјата претходно овој месец, ќе бидат нелегални, бидејќи, како што изјави таа, тој „ужива апсолутен имунитет од јурисдикцијата на САД, исто како и секоја друга земја“.
„Самиот факт за киднапирањето и притворањето на Николас Мадуро грубо ги крши меѓународните правни обврски на Соединетите Американски Држави. И евентуалните шпекулации дека Николас Мадуро наводно престанал да ги извршува своите претседателски овластувања и затоа го изгубил имунитетот не можат да се земат предвид“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, пренесува Танјуг.
Таа истакна дека Мадуро е отстранет од функцијата „како резултат на нелегална воена операција“ од страна на Соединетите Американски Држави.
Свет
(Видео) „Не знаеме дали има луѓе под урнатините“: голем пожар по експлозија во зграда во Холандија, има повредени
Неколку лица се повредени откако голема експлозија предизвика пожар во зграда во центарот на Утрехт, еден од најголемите градови во Холандија.
„Неколку згради се урнаа по експлозијата. Четири лица се повредени и се однесени во болница на лекување“, објавија локалните власти на нивната веб-страница.
„Не сме сигурни дали сè уште има луѓе заробени под урнатините. Полицијата работи напорно на истрагата“, рече градоначалничката Шерон Дијксма.
NOW: Explosion in Utrecht, Netherlands, caused widespread destruction. pic.twitter.com/w9OvurJKmo
— OSINT Spectator (@osint1117) January 15, 2026
Локалните власти соопштија дека имало голема штета во овој густо населен дел од градот, додавајќи дека причината за експлозијата сè уште е непозната.
Жителите кои морале да ги напуштат своите домови од безбедносни причини биле сместени во хотел во близина.
Фото: ЕПА

