Свет
„Нетфликс“ сними документарец за серискиот донатор на сперма, се претпоставува дека има 1.000 деца, тој тврди дека бројката е помала
Нетфикс има нов хит документарец наречен Човекот со 1.000 деца (The Man with 1000 Kids).
Станува збор за донатор на сперма, Холанѓанецот Џонатан Џејкоб Мајер. Во документарецот се интервјуирани бројни жени и парови на кои Мајер им помогнал да добијат дете, но им кажал дека само неколку пати донирал сперма. Се претпоставува дека тоа го направил дури 1.000 пати, додека тој тврди дека „Нетфликс“ претерува и бројката е околу 500 деца.
Сериски донатор на сперма
Проблемот настанува откако родителите ширум Холандија забележале дека децата кои ги добиле со вештачко оплодување, со спермата на Мејер, изгледаат слично. Мејер донирал сперма не само во Холандија, туку и ширум светот, а на мапата во документарецот ја има и Србија. Го нарекуваат „сериски донатор на сперма“.
Станав донатор од љубов
Но, зборувајќи за медиумите, 42-годишниот холандски Јутјубер рече дека е разочаран од серијата и дека погрешно ги прикажува неговите намери како донатор на многу семејства и оти реалната бројка е многу помала. Прво тврдеше дека има приближно 250 деца, а подоцна спомена бројка од 500.
„Претпоставките за 1000 се смешни. Разочаран сум од опседнатоста со бројки. Станав донатор не поради бројки, туку од љубов и да им помогнам на родителите да го остваруваат својот сон, рече Мејер.
Тој за „Индепендет“ изјавил дека станал „зависен“ од донирање сперма.
„Понекогаш помислував дека имам многу деца и дека можеби треба да престанам, но тогаш ќе добиев нова порака и тешко ми е да кажам не“, рече тој. Смета дека серијата е резултат на селективна селекција на незадоволни семејства.
Нему му е забрането дополнително да донира сперма
Додека Нетфликс допрва треба да одговори на тврдењата на Мејер, извршната продуцентка на документарецот Натали Хил ја коментираше ситуацијата.
„Последните четири години ги поминав разговарајќи со семејствата кои беа погодени од лагите на Џонатан. Лично разговарав со 45 или 50 семејства“, изјави таа за Би-Би-Си.
На Мејер во Холандија му е забрането да донира сперма, а доколку го направи тоа, ќе мора да плати казна од 100.000 долари за секоја донација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Генералниот секретар на НАТО разговараше со Трамп на Флорида
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, разговараше со Доналд Трамп на Флорида. Ова го соопшти портпаролот на Алијансата, цитиран од „Ројтерс“, за средбата којашто се одржала во петокот.
Тие разговарале за глобалните безбедносни прашања со кои се соочува Алијансата.
„Ројтерс“ потсетува дека како премиер на Холандија Марк Руте бил меѓу оние европски политичари со кои Трамп одржувал добри работни односи за време на неговиот прв мандат во Белата куќа.
Регион
Побаран притвор за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и поранешен министер
По рочиштето, Вишото јавно обвинителство во Србија побара притвор за сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ и уште еден осомничен по кој беше распишана потерница, поради падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември во при што загинаа 15 лица.
Покрај Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по несреќата, меѓу уапсените, а за кои Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бара притвор, се и Јелена Танасковиќ, која поднесе оставка од челната позиција во Железничката инфраструктура на Србија, поранешниот директор на Инфраструктурата на Железниците на Србија Небојша Шурлан, како и помошникот министер за железнички транспорт Анита Димовски.
Обвинителството предлага приведување и притвор и за 13. осомничениот кој е во бегство и по кого е распишана потерница.
Осомничените се товарат за сторени повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилно изведување градежни работи и им се заканува затворска казна од две до 12 години.
Вкупно 15 лица загинаа во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември околу пладне – 14 загинаа на местото на несреќата, додека уште едно лице од тројцата тешко повредени им подлегна на повредите подоцна во болница.
Свет
Трамп објави повеќе номинации за челните позиции во неговата идна администрација
Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, најави нова серија назначувања во неговата претстојна администрација.
Поранешниот финансиски менаџер на тајкунот Џорџ Сорос, Скот Бесант ќе биде министер за финансии. Бесант води хеџ фонд и се спротивставува на буџетските дефицити. Пред неколку месеци тој за медиумите изјави дека одлучил да се приклучи на кампањата на Трамп делумно за да се бори против растечкиот национален долг на САД. Неговите ставови вклучуваат намалување на владините програми и други јавни трошоци.
Лори Чавез-Де Ремер е номинирана од Трамп за министерка за труд. Таа го загуби своето поранешно место во Орегон Хаус претходно овој месец, но ужива силна поддршка од синдикатот во нејзиниот округ. Се верува дека за време на новиот мандат на Доналд Трамп, министерството ќе биде повеќе бизнис-ориентирано, со оглед на плановите што ги најави идниот претседател за намалување на бирократијата.
Поранешниот играч на Националната фудбалска лига и помошник во Белата куќа Скот Тарнер ќе биде секретар за урбанистичко планирање.
Алекс Вонг се очекува да стане заменик советник за национална безбедност. Тој е поранешен функционер на Стејт департментот и поранешен специјален пратеник за Северна Кореја за време на првата администрација на новоизбраниот претседател. Себастијан Горка, друг член на тимот во тоа време, ќе биде директор за контратероризам во Белата куќа. Горка одреден период беше заменик помошник на претседателот.
Поранешниот конгресмен Дејв Велдон е номиниран да служи како директор на Центрите за контрола на болести, кој презеде водечка улога за време на пандемијата. Тој е лекар и ветеран на армијата, а на функцијата ќе има буџет од повеќе од 17 милијарди долари наменети за превенција од разни заразни болести. Центрите даваат и препораки за употреба на различни видови вакцини.
Трамп направи уште една номинација во областа на здравствената заштита. Лекарот за семејна медицина и соработник на Фокс њуз, Џенет Нешејват, беше избрана за главен лекар, повторно покажувајќи ја предноста на телевизиската личност како лице на новата администрација.
„Д-р Нешејват е жесток застапник и силен комуникатор за превентивната медицина и јавното здравје. Таа е посветена да обезбеди Американците да имаат пристап до прифатлива, квалитетна здравствена заштита и верува во зајакнувањето на поединците да преземат одговорност за сопственото здравје за да живеат подолг и поздрав живот. “, рече Трамп.