Свет
Новата година пречекана на плоштадите во Њујорк и светските метрополи

Илјадници луѓе ја дочекаа Новата година на плоштадите во Њујорк и европските метрополи.
Во Њујорк, точно на полноќ традиционално беше спуштена кристална топка на Тајмс Сквер, каде илјадници луѓе присуствуваа на дочекот, иако врнеше силен дожд, пренесе АП.
Топка тешка речиси шест тони содржана од 2.688 кристални триаголници се спушти на столбот на Тајмс Сквер.
На плоштадот настапија американската група TLC и поп-рок групата Jonas Brothers.
Традиционалните новогодишни прослави во Рим годинава се специфични по тоа што ја одбележуваат јубилејната година на Католичката црква, прослава која се одржува еднаш во четвртина век и се очекува оваа година во Рим да донесе околу 32 милиони аџии.
Папата Франциско во вторникот отслужи вечерна миса во базиликата Свети Петар во Рим.
Во Париз Новата година беше пречекана со традиционално одбројување и огномет на Шанзелизе.
Новата година во Лондон се слави со воден топ покрај реката Темза.
Сепак, поради невремето, официјалниот дочек во Единбург, Шкотска беше откажан.
Исто така, поради невремето, во Холандија е откажан новогодишниот огномет, како и традиционалното капење во морето на плажата во Шевенинген, каде повеќе од шест децении секоја година се капат 10.000 луѓе.
Во Швајцарија луѓето традиционално за Нова година влегуваа во водата на ниски температури.
Во Бразил главната новогодишна ноќ беше на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро, со огномет кој траеше 12 минути.
Се очекуваше бројот на луѓе кои ја дочекаа Новата година во Копакабана да надмине два милиони, од кои повеќето беа традиционално облечени во бело.
Повеќето европски земји ја дочекаа Новата година со огномет на главните плоштади.
Претходно, 2025 година беше пречекана во поголемиот дел од Русија, Турција, Иран, Сирија.
Новата година пристигна порано во Мадагаскар, во близина на источниот брег на Африка, каде граѓаните славеа со танц и музика.
Етиопија, Сирија, Белорусија, Обединетите Арапски Емирати, Ерменија, Азербејџан и жителите на Антарктикот исто така ја дочекаа 2025 година пред Европа и САД.
Граѓаните ширум источна и југоисточна Азија, вклучително и Индија, Кина, Филипините и Малезија, Хонг Конг и Сингапур, ја дочекаа Новата година уште порано со огномет и дронови.
Прославите се намалени или откажани во Јужна Кореја по авионската несреќа во Муан во неделата во која загинаа 179 луѓе.
Претходно, Новата 2025 година пристигна во Австралија, а во пристаништето во Сиднеј беше пречекана со традиционален огномет.
Два часа пред тоа Нов Зеланд ја дочека Новата година, која беше пречекана во Окленд со огномет, со кој им оддадоа почит на домородните племиња.
Новата година во светот први ја дочекаа жителите на малиот остров Лајн, кој припаѓа на островската држава Кирибати во централниот дел на Тихиот Океан.
Последните населени места каде ќе биде дочекана 2025 година ќе бидат островите Нижуе и Американска Самоа, кои се наоѓаат југозападно од Кирибати во јужниот дел на Пацификот, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мировниот договор мора да биде траен; на Киев не може да му се наметне диктат – Стармер и Шолц со пораки од Париз

Британскиот премиер Кир Стармер сподели кратко видео на социјалните мрежи од француската престолнина, велејќи дека сите сакаат мировен договор – но дека тој мора да биде траен.
„Сите на континентот мора да се заложат за колективна безбедност“, додаде тој.
This is why I’m in Paris today. pic.twitter.com/12e829Ysed
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) February 17, 2025
Од Париз изјава даде и германскиот канцелар, Олаф Шолц.
Тој нагласи дека поддршката за Украина мора да продолжи, додавајќи дека на Киев не може да му се наметне никаков диктат, пренесува Ројтерс.
Истакна дека доколку европските земји потрошат повеќе од 2 отсто од БДП за одбрана, Германија смета дека тоа не треба да биде дел од буџетските ограничувања на ЕУ.
Најави дека Германија ќе продолжи да инвестира во воени трошоци и дека мора да биде пофлексибилна со буџетските правила.
Десетина лидери на европски земји пристигнаа денес во Елисејската палата на итен состанок за Украина и одбраната, додека американскиот претседател, Доналд Трамп, се подготвува директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин. Средбата се одржа на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон за да започне консултации за ситуацијата во Украина и предизвиците што таа ги поставува за безбедноста во Европа. Средбата беше договорена за кратко време за време на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд, по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин. Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да се обидат да постигнат билатерално мировно решение.
Регион
Меџити со честитка: Косово наше, ти ја честитам од срце оваа значајна годишнина

Вицепремиерот Изет Меџити, упати честитка по повод 17 Февруари, Денот на независноста на Косово, изразувајќи длабока почит кон истрајноста и жртвата на косовскиот народ во нивната борба за слобода и сувереност.
„Косово наше, ти ја честитам од срце оваа значајна годишнина! Во овој историски ден за Косово, се сеќаваме на жртвите, отпорот и гордоста на народот кој никогаш не застана на својот пат кон слободата и независноста. Среќен нека ни биде овој голем ден за нашиот народ, со љубов и почит кон нашите браќа и сестри каде и да се!“ – истакна Меџити во својата порака.
Тој додаде дека Косово претставува симбол на непокорноста и стремежот кон достоинствена иднина, додека посака единство и напредок за сите Албанци во регионот.
Свет
Во Париз почна итниот состанок за Украина, се огласи Кремљ

Десетина лидери на европски земји пристигнаа во понеделникот во Елисејската палата на итен состанок за Украина и одбраната, додека американскиот претседател, Доналд Трамп, се подготвува директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
Средбата се одржува на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, кој телефонски разговарал со Трамп пред собирот во Париз, соопшти Елисејската палата.
Неколку лидери од клучните европски земји, вклучително и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск, му се придружија на Макрон во Елисејската палата. Учествуваат и лидерите на шпанската, италијанската, холандската и данската влада, ЕУ и НАТО.
Засега не се знае дали по разговорот ќе споделат детали со новинарите.
Макрон ја организираше средбата за да започне консултации за ситуацијата во Украина и предизвиците што таа ги поставува за безбедноста во Европа.
Средбата беше договорена за кратко време за време на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд, по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да се обидат да постигнат билатерално мировно решение.
„Безбедноста на Европа се наоѓа во пресвртница“, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по нејзиното пристигнување во француската престолнина, каде што е присутен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Непосредно пред почетокот на разговорите, Емануел Макрон телефонски разговараше со Трамп, кој го посеа хаосот во Европа разговарајќи со Владимир Путин минатата недела за да започне големи дипломатски акции поврзани со војната во Украина, пренесе „Јутарњи“.
Состојбата ја вжешти изјавата на американскиот претставник за Украина Кит Келог кој јасно стави до знаење дека Вашингтон не сака Европејци на преговарачка маса.
Кризниот состанок ги отвора дипломатските активности кои ќе продолжат со американско-руските преговори закажани за вторник во Саудиска Арабија, каде што пристигна американскиот државен секретар Марко Рубио.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ќе отпатува во Саудиска Арабија во среда, откако предупреди дека неговата земја нема да признае каков било договор постигнат без Украина.
Премиерот Стармер рече дека ќе се сретне со Доналд Трамп во Вашингтон следната недела.
Русија го поздрави итниот самит за војната во Украина, организиран од францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.
Би било добро разговорите меѓу европските лидери да бидат за ставање крај на конфликтот, а не за негово продолжување, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од руската новинска агенција Интерфакс.
Русија постојано тврдеше дека војната, која ја започна пред речиси три години, се продолжува со испраќање западно оружје во Украина.
Песков го нарече тешко прашањето за можното распоредување на европски мировни сили во Украина, за кое во моментов се разговара во Франција и Велика Британија, бидејќи во него ќе бидат вклучени вооружени сили од земјите-членки на НАТО.
Постојат правила за такво распоредување, нагласи портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Но, засега нема конкретни разговори за тоа“, рече Песков.
Британскиот премиер, Кир Стармер, изјави во неделата дека е подготвен да испрати војници во Украина доколку се покаже дека е неопходно за да се обезбеди безбедноста на Велика Британија и Европа.
Но, неколку лидери на европските земји рекоа дека е премногу рано да се разговара за таква одлука.