Свет
Новата работа на Себастијан Курц е во Силиконската долина- компанија чиј клиент е ЦИА

Контроверзниот технолошки гигант, американската компанија „Палантир“, е новиот работодавец на поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, пишуваат австриските медиуми.
Како што наведуваат, Курц ќе замине за Силиконската долина и ќе заработува половина милион евра годишно, но ќе мора да живее на релација САД – Германија и Швајцарија. Станува збор за компанија која развива системи за анализа на големи количини на податоци, а меѓу нејзините први клиенти беа американските безбедносни служби, вклучително и ЦИА.
Веста за новото вработување на австрискиот политичар доаѓа нешто помалку од три месеци откако тој беше принуден да поднесе оставка од функцијата австриски канцелар поради корупциски скандал.
Нова информација поврзана со аферата објавија австриските медиуми минатата недела, а во центарот на оваа нова информација повторно е „човекот од доверба“ на Курц, Томас Шмид и неговата врска со милионерот Зигфрид Волф. Изгледа, се наведува во текстот, и двајцата учествувале во обидот на Волф да му се обезбедат привилегии при плаќање данок.
Полицијата од мобилниот телефон на Шмид извадила околу 300.000 пораки кои тој ревносно ги избришал. Според она што сега е познато, токму пораките на Шмид на крајот ја прекинале неверојатната политичка кариера на Себастијан Курц. Сепак, компанијата за која сега ќе работи „Палантир“, често беше мета на критики за соработка со тајните служби и собирање и користење на големи количини лични податоци.
Покрај американските безбедносни служби, Велика Британија ги користи нивните алатки за собирање податоци за коронавирусот, а данската полиција ги искористи своите алатки за да развие систем кој предвидува области каде се очекува зголемување на криминалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Квебек бара меѓународна поддршка за борба против повеќе од 160 шумски пожари

Квебек бара поддршка на меѓународно ниво додека се бори со повеќе од 160 шумски пожари за време на, како што велат федералните власти, една од најлошите сезони на пожари во Канада досега, пренесува „Ал Арабија“.
Со повеќе од 480 пожарникари на терен, Квебек може да се справи со околу 30 пожари, рече вчера премиерот на Квебек, Франсоа Лего, додавајќи дека вообичаено напомош доаѓаат пожарникарите од другите провинции, но сега и таму имаат полни раце работа.
Во петокот попладне низ Канада гореа 324 пожари, а од вчера тој број се зголеми на 413, а до доцна попладне, вкупниот број повторно се зголеми на 420.
„Ситуацијата останува сериозна“, рече министерот за подготвеност за вонредни состојби Бил Блер. „Сликите што ги видовме досега оваа сезона се едни од најтешките што сме ги виделе во Канада и тековната прогноза за следните неколку месеци укажува на поголем ризик од активни пожари од нормалното“.
Во Квебек се пријавени повеќе од 160 пожари, од кои најмалку 114 се надвор од контрола. Повеќе од 173.000 хектари изгореа годинава во Квебек во зоната на пожари под интензивна заштитна – областа каде што вообичаено има најмногу активни пожари – во споредба со 10-годишниот просек од 247 хектари, соопшти Агенцијата за превенција од шумски пожари во Квебек (СОПФЕУ).
Влажното време Нова Скотија на Атлантскиот брег ѝ овозможи на таа покраина да ги ослободи канадерите и да ги испрати во Квебек, каде што изминатиот викенд се разгореа шумски пожари.
Лего рече дека дополнителни 200 пожарникари доаѓаат од Франција и од САД, а Квебек преговара и со Костарика, Португалија и Чиле додека бара дополнителни ресурси.
„Со дадените проекции, се очекува да имаме доволно ресурси за да го поминеме летото“, рече премиерот Џастин Трудо. „Ако работите се влошат, развиваме планови за вонредни ситуации“.
Пожарите принудија околу 10.000 луѓе да ги напуштат своите домови во Квебек, а повеќето од нив се во северозападниот регион Абитиби и источниот регион Кот-Норд.
Свет
Украина подготвувала терористички напад со т.н. валкана бомба на руска територија

Украинското воено разузнавање планирало да изврши терористички напад во Русија користејќи „валкана бомба“, тврди руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), пренесува РИА Новости.
ФСБ дошла до овие планови во текот на истрагата за обид за саботажа на аеродромот „Северни“ во регионот Иваново, каде што Главната разузнавачка управа (ГУР) на украинското Министерство за одбрана имала намера да оштети авиони со долг дострел.
„Конкретно, бил развиен план за испорака и поставување на т.н. валкани бомби опремени со тајмери за одложување, за истовремено да се нанесе штета и да се направи областа несоодветна за живеење“, велат од ФСБ.
За таа цел, шефот на украинскиот ГУР, Кирил Буданов, создал единица со лесномоторни авиони, која требало да ги снабдува диверзантските и разузнавачките групи во Русија со оружје, како и да ја напаѓа инфраструктурата за гориво и енергија. Координацијата на употребата на лесни авиони ѝ била доверена на воената единица бр. 3449 со кодно име „Легија“, што е дел од ГУР.
„Од почетокот на годината, оваа единица планирала и извела пет лета во Русија, при што била оштетена инфраструктура за гориво и енергија во регионите на Русија кои граничат со Украина“, додава ФСБ.
Како резултат на специјалните операции, руските безбедносни служби привеле двајца пилоти, кои признале. Еден од нив, по име Шимански, рекол дека раководството на украинското разузнавање разговарало за можноста за пренесувањр мали преносни нуклеарни полнења во Русија.
Вториот, Александар Морозов, признал дека неговата задача била бомбардирање во областа Бријанск, а целта била складиште за гориво и мазива. Неговиот авион бил оштетен, а тој бил заровен кога принудно слетал.
„Валкана бомба“ е контејнер со радиоактивни изотопи и експлозивно полнење. Кога ќе се активира, контејнерот се уништува, а радиоактивното полнење се распрскува со ударен бран, загадувајќи голема површина.
На крајот на октомври минатата година, веродостојни извори од различни земји, вклучително и од Украина, објавија дека властите во Киев подготвуваат провокација на сопствена територија поврзана со детонација на „валкана бомба“ или нуклеарно оружје со слаба моќност.
За слични намери предупредуваше и руското Министерство за одбрана, а, според нив, целта на провокацијата била да се обвини Русија за употреба на оружје за масовно уништување.
Свет
(Видео) Герашченко: 16.000 луѓе се во критичната зона по уништувањето на браната

Антон Герашченко, поранешен министер и актуелен советник на украинското Министерство за внатрешни работи, на социјалните мрежи објави дека околу 16.000 луѓе би можеле да бидат погодени од поплавата предизвикана од уништувањето на браната Нова Каховка во областа Херсон на југот на Украина.
Герашченко објави видео за кое тврди дека покажува поплавено населено место.
About 16,000 people are in “critical zone” in Kherson region on the right bank of the Dnieper river – head of Kherson regional military administration.
Evacuation trains will take people to safety from Kherson. pic.twitter.com/rmltVcc9yI
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) June 6, 2023
„Околу 16.000 луѓе се наоѓаат во „критичната зона“ во регионот Херсон на десниот брег на реката Днепро“, изјави шефот на воената администрација на Херсон. „Возовите за евакуација ќе ги однесат луѓето од Херсон на безбедно“, напиша Герашченко.