Свет
Нови случаи на Хавана-синдромот во американска амбасада

Анонимен американски службеник изјави дека се регистрирани најмалку два случаја на мистериозниот невролошки проблем познат како Хавана-синдром кај американски државјани.
Синдромот се појавил меѓу персоналот на американската амбасада во Колумбија, непосредно пред посетата на државниот секретар Ентони Блинкен на главниот град Богота.
„Волстрит џурнал“ објави дека едно американско семејство ја напуштило земјата за да замине на лекување поради Хавана-синдромот.
„Едно семејство е погодено, вклучително и малолетно лице. Возрасните го потпишаа она што го потпишаа, односно се согласија на ризиците што доаѓаат со мисијата. Меѓутоа, таргетирањето деца, дури и ако е случајно, треба да биде црвена линија“, рече дипломатот.
Блинкен треба да пристигне во Богота следната недела како дел од кратката турнеја во Латинска Америка.
Стејт департментот не одговори на барањето за коментар, а американската амбасада во Богота одби да ги коментира наводите. Доколку се потврдат, овие напади ќе бидат најновите во многуте мистериозни напади врз американски дипломати во разни земји.
Синдромот Хавана првпат се појави меѓу американските дипломати во Куба кон крајот на 2016 година. Симптомите вклучуваат вртоглавица, главоболка, слабост, гадење, вознемиреност, когнитивни проблеми и губење на меморијата.
Оттогаш, според „Волстрит џурнал“, регистрирани се напади во Кина, Австрија, Германија и во Србија. Се проценува дека околу 200 американски дипломати биле погодени од овој синдром, а официјалните лица инсистираат на тоа дека мора да се утврди точната бројка бидејќи секој случај мора да биде медицински потврден затоа што некои поединци ги имаат истите симптоми од други причини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Екс полицајци обвинети за убиство

Петмина поранешни полицајци во Мемфис, во врска со смртта на Тајри Николс на 10 јануари се во притвор и денеска се обвинети за убиство, соопштија официјални лица.
Записите покажуваат дека освен за убиство, тие се соочуваат и со други обвиненија како што се тешко киднапирање и тежок напад.
Тадариус Бин, Деметриус Хејли, Емит Мартин Трети, Дезмонд Милс и Џастин Смит беа отпуштени во петокот, откако полициската истрага покажа дека употребиле прекумерна сила или одбиле да интервенираат и да му помогнат на осомничениот
Тие се „директно одговорни за физичкото малтретирање на Николс“, рече началникот на полицијата.
Првичните наоди од обдукцијата покажуваат дека Николс бил жестоко претепан пред да почине, пишува „NBC News“.
„Си-Ен-Ен“ јавува дека полицајците го извлекле Николс од возилото и употребиле сила за да го приведат.
Николс почина три дена откако полицијата го приведе, поради наводно несовесно возење, на 7 јануари.
Полицијата во Мемфис и Бирото за истраги во Тенеси ја истражуваа употребата на полициска сила при апсењето на Николс.
Европа
Лавров по посетата на Африка: Русија останува посветена на извозот на храна во сиромашните земји

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров по посетата на Еритреја потврди дека Москва останува посветена на извозот на храна во сиромашните африкански земји, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
„Лавров ја потврди цврстата посветеност на Русија во исполнувањето на обврските во однос на испораката на клучните прехранбени производи за африканските земји, вклучително и пакетите помош од договорите потпишани со посредство на ОН“ – се наведува во соопштението на министерството, пренесува ТАСС.
Свет
Трамп: Прво тенкови, па потоа нуклеарно оружје

Конфликтот во Украина би можел да ескалира во нуклеарна војна поради префрлањето на западните тенкови во Киев, изјави поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
– Прво тенкови, па нуклеарно оружје. Запрете ја оваа луда војна сега. Тоа е толку лесно да се направи – напиша политичарот на својата социјална мрежа „Truth Social“.
Трамп постојано предупредуваше дека ситуацијата во Украина може да ескалира во трета светска војна. Политичарот е убеден дека непријателствата немаше да започнат доколку тој продолжеше да биде претседател на САД.
Германската влада претходниот ден објави дека ќе испрати тенкови Леопард 2 во Украина, пренесува РИА Новости.
Планирано е формирање на два тенковски баталјони, а во првата фаза Берлин од складиштето на Бундесверот ќе префрли чета од 14 борбени возила А6.
Како што истакна германскиот министер за одбрана Борис Писториус, тенковите би можеле да пристигнат во Украина на крајот на март.