Свет
Нов вид на коронавирус се шири во Европа, летото доведено во прашање, велат експертите

Одморите во странство може да бидат загрозени ова лето поради страв од нов вид на коронавирусот, кој наводно потекнува од Непал и се шири во Европа, пренесуваат странските медиуми.
Официјални лица од Велика Британија стравуваат дека непалскиот вид е отпорен на вакцини против коронавирусот, а владините научници веќе ги предупредуваат министрите за опасноста од новиот вид.
Англиските медиуми објавија дека постојат стравувања дека уште некои земји ќе бидат отстранети од зелената листа на патувања, вклучително и Португалија, каде што наводно е откриен новиот вид од коронавирусот од Непал.
Научниците од „Заедничкиот центар за биосигурност“ се загрижени за растечката стапка на зарази со коронавирусот, како и од појавата на мутации во познатите летувалишта.
Извештајот дојде откако имунологот и професор Џон Бел предупреди дека Велика Британија може да биде погодена од нови видови на коронавирус ако не се стори повеќе за да им се помогне на сиромашните нации да го вакцинираат своето население.
Тој рече дека заштитата од појавата на идните видови коронавирус не е „гарантирана засекогаш“, иако вакцините се моментално ефикасни против видот кој за првпат беше идентификуван во Индија.
Болниците во Непал се пред колапс по трагичниот скок на нови случаи на коронавирус. Бројот на нови инфекции во март беше под 100, сепак, во средината на март, беа регистрирани повеќе од 9.000 нови случаи дневно.
Вториот бран во Непал беше поттикнат од зголемувањето на инфекциите во соседна Индија, но експертите сега се загрижени за новиот вид што таму е идентификуван.
Според странските медиуми, одморите во Европа може да бидат загрозени ова лето, поради загриженоста за новиот вид од Непал и бавната вакцинација на континентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ: Помошта од САД за Киев директен пат кон зголемена тензија и ескалација

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за разговори меѓу рускиот претседател, Владимир Путин, и американскиот претседател, Џозеф Бајден.
„Засега нема планови за разговори меѓу Путин и Бајден. Нашата главна цел е да ја продолжиме специјалната воена операција, односно да ги исполниме нашите задачи поставени од шефот на државата“, изјави Песков за новинарите.
Тој го коментира и новиот пакет-помош од САД за Киев, кој го карактеризира како директен пат кон зголемена тензија и ескалација, но додаде дека тоа нема да го промени текот на настаните.
„Да, тоа е директен пат кон зголемување на тензијата, зголемување на степенот на ескалација, го гледаме тоа, бара дополнителни напори од нас. Сепак, уште еднаш, тоа нема да го промени текот на настаните, специјалната воена операција ќе продолжи“, нагласи Песков.
Претходно, агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери, објави дека САД подготвуваат пакет воена помош за Украина во вредност од 2,2 милијарди долари, а првпат може да вклучи и ракети со двојно поголем дострел од досегашните испорачани.
Европа
Прво интервју на новиот чешки претседател: Украина треба да влезе во НАТО

Новоизбраниот чешки претседател Петр Павел денеска изјави дека на Украина треба да ѝ се дозволи влез во НАТО „штом војната ќе заврши“.
Павел, пензиониран генерал на НАТО, изјави за Би-би-си дека Украина ќе биде „морално и практично подготвена“ да ѝ се приклучи на алијансата кога ќе заврши конфликтот.
Во своето прво интервју како претседател за странски медиуми, Павел цврсто ја бранеше западната воена поддршка за Киев велејќи дека не треба да има „речиси никакви ограничувања“ за пратките.
Тој додаде дека за него испраќањето западни борбени авиони „Ф-16“ не е табу, но дека не е сигурен оти тие би можеле да бидат испорачани во време што би му одговарало на Киев.
Американскиот претседател Џозеф Бајден ја отфрли можноста за испраќање „Ф-16“ оваа недела иако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ништо не е исклучено.
„Се гордеам што мојата земја беше една од првите што обезбеди значителна воена помош за Украина“, изјави Павел за Би-би-си.
Тој го поздрави испраќањето тенкови од Западот во Украина, но додаде дека верува оти „сè уште не е доволно“ да се спротивстави на Русија.
Европа
Русија осуди новинар поради лажни вести за армијата и војната

Истакнат руски новинар Александар Невзоров е осуден во отсуство на осум години затвор кога судот во Москва го прогласи за виновен за ширење лажни вести за руската војска.
Инспекторите отворија случај против Невзоров минатата година поради објави на социјалните мрежи, во кои тој ги обвини руските вооружени сили за намерно гранатирање породилиште во украинскиот град Мариупол за што Москва рече дека е лажна вест.
Судот во соопштение за медиумите наведе дека тој ќе ја издржи казната доколку некогаш се врати во Русија, а четири години му е забрането да управува со интернет-содржини.
Невзоров, кој води канал на „Јутјуб“ со речиси 2 милиона претплатници, истрагата против него ја нарече смешна и минатиот март ја напушти земјата со сопругата.
Украина му даде државјанство во јуни откога тој јавно ја осуди руската инвазија нарекувајќи ја војната злосторство, а Украина нејзина жртва.
Осум дена по инвазијата на Украина во февруари минатата година, Русија донесе закон со кој се определуваат затворски казни до 15 години за осудените за намерно ширење лажни вести за руската војска.