Свет
Обединетите Арапски Емирати потенцијален домаќин на средбата Трамп – Путин: „Швајцарија повеќе не е неутрална“

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) би можеле да бидат потенцијален домаќин на средбата меѓу новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, и рускиот претседател, Владимир Путин.
Според Олег Карпович, проректорот на Дипломатската академија на руското Министерство за надворешни работи, ОАЕ би можеле да бидат место за средба на двајцата светски лидери.
Карпович нагласи дека Трамп за време на кампањата изјавил дека сака да придонесе за решавање на украинската криза. „Дојде време да преминеме во конкретна фаза на исполнување на дадените ветувања“, рече тој.
Тој додаде дека Трамп разбира оти политиките на администрацијата на Џо Бајден во заминување дополнително ја продлабочиле кризата во руско-американските односи оценувајќи дека сегашната ситуација по сериозност ја надминува дури и историската карипска криза. „Светот денес е исклучително напнат и треба да се преземат конкретни чекори“, додаде Карпович, пренесува ТАСС.
Тој ја отфрли Швајцарија како опција поради нејзиното придржување кон антируските санкции. „Швајцарија повеќе не е неутралната земја како некогаш“, рече Карпович. Во овој контекст, Блискиот Исток, а особено ОАЕ, е логичен избор поради неговата историја на успешно организирање меѓународни преговори и состаноци, вели тој.
Карпович потсети и на изјавите на Путин за време на неговата традиционална сесија на прашања и одговори во декември кога рускиот претседател рече дека е отворен за средба со Трамп доколку новоизбраниот американски претседател го предложи тоа. „Се разбира, нашите потези ќе зависат од фактичката ситуација на теренот. Руските трупи напредуваат“, заклучи Карпович осврнувајќи се на случувањата во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев: Киев може да употреби валкана бомба врз своите градови и да ја обвини Русија

Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, денеска изјави дека Киев може да употреби валкана бомба да ги нападне сопствените градови и да ја обвини Русија за тоа.
Медведев рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски може да употреби секакви средства, вклучително и оружје за масовно уништување, и да ја префрли вината на некој друг, пренесе ТАСС.
„Тие дури се и подготвени да ги нападнат сопствените градови и сопствените цивили и да користат оружје за масовно уништување, како што е валканата бомба“, напиша Медведев на платформата за социјалните мрежи „В контакте“.
Владимир Зеленски ќе биде подготвен на секаква провокација за да го спречи решавањето на украинскиот конфликт и да ја продолжи војната до последниот Украинец, изјави ексшефот на руската држава и актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.
Свет
Урсула Фон дер Лајен: Посветени сме да продолжиме да вршиме притисок врз Кремљ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска го поздрави договорот за 16. пакет-санкции на Европската Унија против Русија и рече дека ЕУ е посветена да продолжи да врши притисок врз Кремљ.
„ЕУ уште пожестоко се бори со заобиколувањето со таргетирање повеќе бродови од флотата во сенка на Путин и воведување нови забрани за увоз и извоз. Ние сме посветени да го задржиме притисокот врз Кремљ“, рече фон дер Лајен на социјалната мрежа Х.
Договорот за 16. пакет-санкции го поздрави и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, која на социјалната мрежа Х оцени дека ЕУ со построги мерки за заобиколување на санкциите, новите забрани за увоз и извоз и санкциите за флотата во сенка на Путин, ја затвора вратата за работата на руската воена машина.
„Кремљ нема да ја скрши нашата решителност“, рече Калас.
Свет
Австралијка обвинета за напад: задавила трудница со хиџаб

Австралиската полиција обвини 31-годишна жена за напад на две муслиманки во трговски центар во Мелбурн минатата недела. Жена од предградието Паско Вејл денеска треба да се појави на суд, каде што ќе биде обвинета за напад на две жртви на 13 февруари поради нивната покривка на лицето, јавува Би-би-си.
Таа наводно грабнала и задавила 30-годишна трудница користејќи го нејзиниот хиџаб во трговскиот центар Епинг, а потоа турнала и ѝ удрила шлаканица на друга жена десет минути подоцна во посебен напад. Инцидентот доаѓа две недели откога Австралија воведе построги закони за криминал од омраза по серијата антисемитски напади од висок профил во земјата.
Австралискиот премиер Ентони Албанес денеска го осуди инцидентот како грозоморен чин. Тој ги отфрли критиките дека неговата влада ги сфаќа исламофобичните напади помалку сериозно отколку антисемитските напади. „Сите напади врз луѓето поради нивната религија ги сфаќам сериозно и секој треба да ја поднесе целата сила на законот“, им рече тој на новинарите.
Полицијата соопшти дека ги истражува заканите упатени преку интернет кон една од двете жртви. Двете жени добиле повреди, кои не се опасни за животот. Австралискиот пратеник за борба против исламофобијата, Афтаб Малик, вчера изјави за австралиската радиодифузна корпорација дека мора да престанат сите форми на омраза и дека лидерите на земјата мора да го осудат инцидентот во Мелбурн.
Претходно оваа недела, претседателот на Австралиската федерација на исламските совети, Ратеб Џејд, изрази загриженост поради нападите врз муслиманите во земјата и го опиша одговорот на владата како страшно несоодветен.
Австралиската влада ги опиша новите закони донесени на почетокот на февруари како најстрогите закони против криминалот од омраза што Австралија ги имала досега. Законите пропишуваат задолжителни затворски казни од една до шест години за користење симболи на омраза, како што е нацистичкиот поздрав.
Минатата недела две австралиски медицински сестри беа суспендирани кога се појави видео на кое тие наводно се закануваат дека ќе убијат израелски пациенти и се фалат дека одбиваат лекување на пациентите.