Европа
Објавена првата голема временска прогноза за летото: што нѐ очекува

Пристигнаа првите долгорочни прогнози за летото 2025 година, а според анализите на метеоролошката служба Severe Weather Europe, Европа е во многу динамичен период. Летото може да почне со малку повеќе врнежи, но средината и крајот на сезоната носат посуви услови и поголем ризик од топлотни бранови.
Кога станува збор за сезонски и долгорочни прогнози, секогаш треба да се има предвид дека тоа се трендови, а не прецизни сценарија. Постојат многу глобални фактори, кои може да влијаат на временските обрасци. Сепак, овие први прогнози даваат поглед на тоа како би можело да изгледа летото.
Пред да се фокусираме на самата летна сезона, Severe Weather Europe анализира што нѐ очекува во текот на пролетта, поточно во април, мај и во јуни.
Тримесечната прогноза за аномалија на воздушниот притисок покажува дека над западна и северозападна Европа се развива област со низок притисок, што отвора простор за прилив на потопол и повлажен воздух од југ, особено од Медитеранот. Во исто време поле со висок притисок се формира над источна и североисточна Европа.
Во таков распоред поголемиот дел од континентот е под влијание на потопла воздушна маса. Западот има нешто поблаги температурни аномалии поради близината на циклонот, а поизразени топлотни вредности се очекуваат на исток и североисток.
Кога станува збор за врнежите, поголемиот дел од Европа ја очекува натпросечни врнежи, особено на запад и северозапад, а југоисточна Европа ќе биде посува, под влијание на антициклон. Севкупно, пролетта ќе заврши во жива атмосфера, пишува SWE, а постабилни временски услови се очекуваат кон средината и крајот на летото.
Severe Weather Europe носи ран поглед на моделот ECMWF за јуни – модел што се покажа како еден од посигурните во сезонските прогнози.
Според првите карти, подрачје со низок притисок ќе опстојува над северниот дел на Атлантикот и северозападна Европа, а истовремено се очекува зајакнување на антициклонот кон исток и Скандинавија.
Овој распоред е поволен за западни и југозападни струи кон централна Европа, што значи потопол воздух и зголемена влажност – услови што често носат нестабилност и поизразени временски услови.
Температурите ќе бидат натпросечни во поголем дел од Европа, а највисоки ќе бидат во централна, југоисточна и во северна Европа.
Во однос на врнежите, пообилни врнежи од дожд се очекуваат во западните и централните предели и во северозападните предели, а југот и југоистокот ќе останат посуви.
Јули е типично најтоплиот месец во годината, а според моделите анализирани од Severe Weather Europe, ова може да биде особено изразено оваа година. Прогнозите покажуваат стабилен и силен антициклон, кој се населува над централна и северна Европа – ова е т.н. систем за блокирање, кој носи долгорочна стабилност, топлина и суша.
Топлотниот вишок е најизразен во централна и југоисточна Европа, а температури поблиску до просекот се очекуваат на крајниот север и на југозапад.
Врнежите ќе бидат оскудни во поголемиот дел од централна и северна Европа, а малку повеќе дожд ќе врне на крајниот север, на пример, над делови од Обединетото Кралство и во Скандинавија.
Сè укажува дека јули може да донесе поизразени сушни услови и зголемен ризик од топлотни бранови, особено во централна Европа.
Август, како последен месец на метеолошкото лето, честопати носи продолжување на горештините, а моделите на Severe Weather Europe укажуваат дека тоа ќе биде случај и оваа година. Високиот притисок ќе остане доминантен над централна и северна Европа, а топлотните бранови ќе продолжат. Областа со низок притисок на исток донекаде ги ограничува екстремните температури во овој дел од континентот.
Најголем топлотен вишок се очекува во централните и во северните делови на Европа.
Врнежите ќе бидат ретки во поголемиот дел од континентот, а на крајниот север и на исток можни се малку повеќе врнежи.
Severe Weather Europe донесува и анализа на канадскиот модел CANSIPS. Тој исто така предвидува доминантен висок притисок над северозападна и централна Европа. Ваквата позиција најчесто значи помал притисок над југот на континентот и на Медитеранот.
Температурите ќе бидат натпросечни во поголем дел од Европа, а малку постудени само на крајниот исток, каде што преовладува северна струја. Врнежите ќе бидат потпросечни, особено во централна и северна Европа, а на југ и на Медитеранот може да се очекуваат пообилни врнежи поради влијанието на низок притисок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.
Европа
Зеленски: Подготвени сме да разговараме за територија, но само под еден услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека Украина ќе биде подготвена да разговара за територијални прашања како дел од мировните преговори, но само откако Русија ќе се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Тајм“ изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Она што го кажува претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, рече Зеленски.
Да потсетиме дека украинските претставници претходно решително ја отфрлија можноста за какви било територијални отстапки во замена за мир со Русија.