Свет
ОН: Одобрена резолуција со која се осудува секое негирање на холокаустот

Генералното собрание на Обединетите нации денеска одобри резолуција со која се осудува секое негирање на холокаустот и се повикуваат сите нации и компании на социјалните мрежи да преземат активни мерки во борбата против антисемитизмот.
Резолуцијата беше одобрена со консензус, без гласање, пренесе АП.
Амбасадорите на Израел и Германија, кои силно ја поддржаа резолуцијата, ја истакнаа важноста од усвојување на резолуцијата.
„ Живееме во ера во која фикцијата станува факт, а холокаустот станува далечно сеќавање“, рече израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан пред Собранието, повикувајќи на поддршка за резолуцијата.
Амбасадорот Ердан, внук на преживеаните од холокаустот, рече дека резолуцијата е обврска да се осигура дека искривувањата и негирањата на холокаустот повеќе нема да се толерираат.
Тој посочи дека платформите на социјалните медиуми, како што се Фејсбук, Твитер и Јутјуб, шират пандемија на искривувања и лаги за холокаустот.
Во резолуцијата се нагласува дека сеќавањето е клучна компонента за спречување на понатамошни акти на геноцид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: „Не сакаме непријателство со големите сили“

Александар Вучиќ и премиерот на Унгарија Виктор Орбан присуствуваа на свеченото отворање на 89. Меѓународен саем за земјоделство.
Вучиќ по отворањето им се обрати на медиумите каде ги коментираше сите актуелни случувања.
Претседателот, како што објавија медиумите во соседството ги коментирал и зборовите на поранешниот американски амбасадор Курт Волкер, кој и порачал на Србија дека сега мора да сфати дека е опасно да се биде руски пријател.
Знаете дека има уште една изрека, која вели поинаку. Но, не верувам во приказни за големи пријателства, туку во интерес. Како што еднаш рекол Хенри Кисинџер: „Постои една работа поопасна од тоа да се биде непријател на Америка. А тоа е да се биде пријател на Америка“. Не би се согласил со тоа, го ценам нашето пријателство. Мали сме и не сакаме непријателство со големите сили. Ќе ги заштитиме нашите реки и земја и нека прават што сакаат со нивните интереси“, рече тој.
Вучиќ рече дека наша работа е да се бориме за нашата земја и да се придржуваме до одлуката на Советот за национална безбедност, пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ изјавил и дека во наредниот месец во Белград се очекуваат многу интересни работи и дека многумина ќе бидат изненадени.
Тој ги коментирал заканите од Загреб дека ќе го блокира патот на Србија кон ЕУ поради обвиненијата за воени злосторства.
Вучиќ потсетил на зборовите на владиката Сергије дека сите напади врз него се сигнал дека прави добро за својот народ.
„Им пречеа и ќебапите со Шарл Мишел. Па, добро зарем требаше да ме удри со стап. Но, добро, тоа тие ќе го направат“, кажал Вучиќ.
Свет
Русија му забрани влез на Бајден: „Властите на САД поттикнуваат русофобија“

Русија забрани влез во земјата на 963 Американци, меѓу кои и претседателот, Џо Бајден.
Забраната се однесува и на државниот секретар Ентони Блинкен и на шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, пренесува „Ројтерс“.
Во соопштението на руското МНР се нагласува дека овој чекор е одговор на санкциите што САД постојано ги воведуваат кон Русија и предупреди дека непријателските дејствија ќе продолжат да добиваат соодветен одговор, пренесува РИА Новости.
„Русија не бара конфронтација и е отворена за искрен дијалог со взаемно почитување, одвојувајќи го американскиот народ, кој го почитува, од властите на САД, кои ја поттикнуваат русофобијата и оние кои им служат“, соопшти Министерството.
Забраната доаѓа откако Бајден денеска го потпиша пакетот помош за Украина од речиси 40 милијарди долари.
Свет
Првите резултати од гласањето во Австралија покажуваат водство на партијата на премиерот Морисон

Затворени се првите избирачки места на парламентарните избори во Австралија, а првите резултати покажуваат дека води владејачката партија на премиерот Скот Морисон.
Час и половина по затворањето на првите избирачки места, Австралиската радиодифузна корпорација објави дека врз основа на 6,7 отсто од преброените гласови, либералите во моментот имаат 39 места во парламентот, а лабуристичката партија 29, пренесува Би-би-си.
За победа на изборите ќе бидат потребни најмалку 76 пратенички места.
Избирачките места претходно беа затворени во Нов Јужен Велс, Викторија, Тасманија, Квинсленд, Јужна Австралија, како и Северната територија и територијата на Канбера, а гласачите во Западна Австралија имаа уште малку време да гласаат, наведува Би-би-си.
Последните избирачки места, две избирачки места на далечната австралиска територија на островите Килинг, ќе бидат затворени по два часа, јави британската телевизија.