Свет
Орбан: Украинците немаат ни денар, а Европа се уништува самата себеси

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го критикуваше Западот за справувањето со кризата меѓу Русија и Украина, велејќи дека војната можела да се спречи доколку Доналд Трамп бил претседател на Соединетите Американски Држави во тоа време.
„Да имаше сериозен претседател, како Доналд Трамп, тој ќе ја спречеше војната“, рече тој во интервју со водителот Бен Шапиро.
Зборувајќи за војната во Украина, тој изрази критички став кон справувањето со кризата од страна на Западот, објаснувајќи дека Украина служела како тампон-зона меѓу Русија и НАТО сè додека западните лидери, со поддршка на САД, не се обиделе да ја интегрираат во западните воени и економски структури.
„Русите категорично рекоа дека нема да го толерираат ова“, рече тој, тврдејќи дека друг американски претседател можел да ја спречи ескалацијата. „Да имаше сериозен претседател, како Доналд Трамп, тој ќе ја спречеше војната“, рече Орбан.
Тој, исто така, посочи на економската штета што војната ѝ ја нанесе на Европа.
„Украинците немаат ни денар. Целата украинска армија е финансирана од Американците и Европа. Ние се уништуваме себеси. Инфлацијата расте. Цените на енергијата скокнаа нагло“, рече тој, тврдејќи дека Унгарија имала право што повикала на мир и враќање во неутрална тампон-зона.
„Ова е економска катастрофа за Европа. Ни треба прекин на огнот. Ни треба мир“, рече Орбан.
Тој изрази длабока загриженост за растечкото влијание на меѓународните организации, вклучително и Европската Унија, за која рече дека отстапила од својата првична намена.
„Брисел повеќе не е за координирање на земјите-членки“, предупреди тој, истакнувајќи дека „станал центар на моќ… Франкенштајн“.
Тој ја обвини ЕУ дека користи правни алатки како оружје, како што се дневни казни, за да ја казни Унгарија за одбивањето да прими нелегални мигранти.
„Тие земаат милион евра од нас како казна секој ден“, рече тој.
Во врска со странското влијание во домашната политика, Орбан го привлече вниманието на она што го нарече „сива зона“ на невладини организации, влијателни лица и тинк-тенкови кои го обликуваат јавното мислење без одговорност.
„Следете ги парите“, повика тој, нагласувајќи ја потребата од закони за транспарентност за да се утврди кој ги финансира политичките наративи во Унгарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Лaв: Светот гори поради вооружените конфликти и глобалното затоплување

Папата Лав денес го прекина двонеделниот одмор за да одржи посебна миса со која ги повикува католиците да се грижат за создадениот свет, за справување со глобалните климатски промени.
„Светот гори поради вооружените конфликти и глобалното затоплување“, рече папата.
„Мора да се молиме за многу луѓе кои сè уште не ја гледаат итноста од грижата за нашиот заеднички дом“, рече папата.
Новиот папа рече дека Црквата со 1,4 милијарда члена е посветена да зборува за ова прашање, „дури и кога е потребна храброст за да се соочиме со деструктивната моќ на владетелите на овој свет“.
Мисата вклучуваше молитва за жртвите од поплавите во Тексас, каде што до вторникот загинаа најмалку 109 луѓе.
Кардиналот Мајкл Черни, висок функционер на Ватикан, кој помогна во организирањето на мисата, за „Ројтерс“ изјави дека одлуката на папата да го скрати својот одмор е знак за важноста што ќе ја придаде на еколошките прашања.
Свет
Орбан ѝ порача на Фон дер Лајен: „Време е за заминување“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ѝ порача на претседателката на Европската комисија дека е време да си замине. Орбан објави фотографија од Урсула фон дер Лајен со натпис „Време е да си замине“.
Утре, Европскиот парламент ќе разгледа и ќе гласа за недоверба на Фон дер Лајен.
Иницијативата е поврзана со одлуката на Европскиот суд, кој ги прогласи процедурите на Европската комисија за нетранспарентни откога одби да ја предаде преписката меѓу Фон дер Лајен и директорот на компанијата „Фајзер“ на новинарите.
За време на пандемијата ЕУ купи вакцини против коронавирусот од оваа компанија.
Аналитичарите од Брисел се сомневаат дека ќе биде потребно мнозинство за да се гласа за разрешување на шефот на Европската комисија.
Свет
Топењето на глечерите во целиот свет може да предизвика вулкански ерупции

Топењето на глечерите во целиот свет може да предизвика долго неактивните вулкани да се разбудат под мразот, проценија научниците на конференцијата „Голдсмит 2025“ во Прага.
Ново истражување открива дека масивните ледени покривки ги потиснувале ерупциите илјадници години создавајќи подземен притисок. Но, како што оваа ледена тежина исчезнува, може да предизвика бран експлозивни ерупции, особено на места како Антарктикот, објавува „Сајенс дејли“.
На конференцијата, која се одржува од 6 до 11 јули во Прага, научниците истакнаа дека оваа неочекувана вулканска закана не само што претставува регионален ризик туку може да ги забрза и климатските промени.
Научниците сугерираа дека топењето на глечерите може да ослободи моќни вулкански ерупции со отстранување на тежината што ја држи магмата заробена длабоко под земјата. Антарктикот, велат тие, може да содржи стотици од овие експлозивни темпирани бомби. Топењето на глечерите може тивко да ги постави темелите за поексплозивни и чести вулкански ерупции во иднина, според студија на шест вулкани во чилеанските Анди, објавува „Танјуг“.
Студијата, презентирана на конференцијата во Прага, сугерира дека стотици неактивни вулкани во целиот свет, особено на Антарктикот, би можеле да станат поактивни поради климатските промени што го забрзуваат повлекувањето на глечерите.
Врската помеѓу повлекувањето на глечерите и зголемената вулканска активност е позната на Исланд уште од 70-тите, но ова е една од првите студии што го истражуваат феноменот во континенталните вулкански системи.
Истражувачите откриле дека за време на врвот на последната ледена доба дебелата ледена покривка го потиснува бројот на ерупции и дозволува голем резервоар на магма богата со силициум да се акумулира 10-15 км под површината.
„Со текот на времето кумулативниот ефект од повеќекратни ерупции може да придонесе за долгорочно глобално затоплување поради акумулацијата на стакленички гасови“, рече Морено-Јегер, пренесува „Танјуг“.