Свет
Ослободени свештеници вмешани во случајот со злоупотреба на деца

Судот во Ватикан ослободи двајца свештеници за вмешаност во наводна сексуална злоупотреба на младински семинар во Ватикан од 2006 до 2012 година.
Денеска, 29-годишниот свештеник Габриел Мартинели е обвинет дека го принудил Л. Г. на секс пред неколку години кога двајцата биле малолетници. Судот утврди дека имало сексуален чин помеѓу двете момчиња, но дека нема доволно докази дека Л. Г. бил принуден да го стори тоа.
Судот исто така утврди дека има противречности во сведочењето на Л. Г., пренесува „Ројтерс“.
Ова судење, кое почна пред една година, е прво во Ватикан што се спроведува под обвинение за сексуална злоупотреба.
Обвинителството побара и четиригодишна затворска казна за свештеникот Енрико Радиче (72), кој во тоа време бил ректор и кој бил обвинет за прикривање на наводното злосторство.
И Мартинели и Радиче постојано ја негираа вината и тврдеа дека Л. Г. ги користел обвиненијата за лична одмазда против нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чавушоглу: Парламентот на Турција не може да го ратификува барањето на Шведска и Финска за членство во НАТО

Парламентот на Турција не може во сегашните услови да го ратификува протоколот за членство на Шведска и Финска во НАТО, тоа е невозможно, изјави шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
„На гости ни дојде министерот за надворешни работи на шведската влада. Беше во парламентот, се сретна со партиски претставници. Слушна дека сите партии го најавуваат истото, дека без исполнување на обврските кон нас не е можна ратификација. Затоа, во сегашните услови, нема потреба да се зборува за одобрување на тој документ“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со својот унгарски колега Петер Сијарто.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека „ако Шведска ги исполни своите обврски“, Анкара може да седне и да преговара со Стокхолм.
„Во овој момент, сепак, не можеме да го поддржиме членството на Шведска во НАТО“, рече турскиот министер.
Чавушоглу, сепак, посочи дека Анкара би можела позитивно да го разгледа членството на Финска во НАТО доколку Хелсинки и Северноатлантскиот сојуз одлучат Финска да поднесе барање за членство одделно од Шведска.
Според неговите зборови, Турција во моментот ја гледа кандидатурата на Финска за членство во НАТО во попозитивно светло од кандидатурата на Шведска.
По почетокот на руската специјална воена операција во Украина, на 18 мај минатата година, Финска и Шведска поднесоа барања за влез во алијансата до генералниот секретар на НАТО.
Барањата на Шведска и Финска не ги ратификуваа само две од 30-те земји – Унгарија и Турција, пренесе „Новости.рс“.
Регион
Зеленски: Интензивната офанзива на исток е одмазда за руските загуби

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша интензивната офанзива на Русија на исток како одмазда за претходните загуби во војната.
„Мислам дека нема да може да му обезбеди на своето општество некаков убедлив резултат од офанзивата. Јас сум уверен во нашата армија“, рече Зеленски.
„Ќе ги запреме, малку по малку, и ќе ја подготвиме нашата голема контраофанзива“, рече Зеленски додавајќи дека Русите претрпеа огромни загуби во нападите во изминатите неколку недели.
Европа
Борис Џонсон: Путин го отвори патот за членство на Украина во НАТО

Со децении користевме дипломатска реторика со две сечила на тема НАТО и Украина и тоа резултира со целосна катастрофа, пишува поранешниот британски премиер, Борис Џонсон, во авторски текст за „Вашингтон пост“.
„Поминавме години кажувајќи им на Украинците дека имаме политика на отворени врати во НАТО и дека тие имаат право сами да си ја изберат судбината и дека Русија не треба да може да наметне вето.
И сето ова време отворено ѝ сигнализиравме на Москва дека Украина никогаш нема да се приклучи на алијансата – затоа што многу членки на НАТО, едноставно, самите ќе стават вето.
Во принцип – да, во пракса – не. Тоа беше пораката.
И каков е резултатот од сето тоа? Што постигнавме со тивко говорење на двете страни?
Резултатот е најлошата војна во Европа во последните 80 години“, според Џонсон.
„Рускиот претседател Владимир Путин уништи безброј животи, домови, надежи и соништа. Ја уништи и најмалата причина да има некаква симпатија кон него или неговата параноја. Попатно, тој направи да исчезне случајот против членството на Украина во НАТО. Украинското население се сметаше за премногу поделено во врска со членството во НАТО; а пред 2014 година секако можеше да се бара.
Ако ги видиме бројките сега, поддршката за членство во НАТО во Украина отиде во стратосферата – таа е 83 проценти според резултатите од неодамнешната анкета. Беше кажано дека Украина не е соодветно воено компатибилна со НАТО. Денес, Украинците користат вртоглаво количество разновидна опрема од земјите на НАТО, со најголема вештина и храброст. Нема апсолутно ништо што НАТО би можел да ги научи Украинците за водење војна – всушност, има многу што тие би можеле да нè научат“, според Џонсон.
„Пред сè, се тврди дека евентуалното членство на Украина во НАТО е провокативно за Путин и Русија. Вистината е дека никогаш не требаше да го прифатиме овој аргумент. Требаше да инсистираме на реалноста – дека Кремљ нема од што да се плаши кога е НАТО во прашање бидејќи е одбранбен сојуз. Но, земјите членки го прифатија ова лажно гледиште. Признавам дека извесно време и самиот го прифаќав“, пишува Џонсон.