Европа
Папата постави нови правила за пријавување сексуална злоупотреба во Црквата
Папата Франциско во четвртокот објави нови правила што се однесуваат на Католичката црква на глобално ниво за пријавување сексуална злоупотреба обврзувајќи ги првпат сите епархии да воведат систем за пријавување малтретирање или прикривање малтретирање, објави Си-ен-ен.
Според новите одредби, сите католички епископи во светот треба да воспостават јавен и достапен систем за пријава на злоупотреба до 1 јуни 2020 година. Одредбите ја опфаќаат внатрешната процедура на Католичката црква и мора да бидат следени од сите епархии.
Новите правила беа објавени набргу по одржувањето на конференцијата за сексуална злоупотреба во Ватикан во февруари и тие претставуваат ветување на папата Франциско дека ќе спроведе конкретни мерки за борба против сексуалната злоупотреба во Католичката црква.
Досега немало единствен и универзален систем за известување и испитување на наводите за малтретирање во Католичката црква.
Иако овие нови одредби се важни во поглед на појаснување на постапките што треба да се следат во вакви случаи, тие во моментот не се занимаваат со тоа што ќе се случи со свештеникот или епископот што ќе ги прекрши овие правила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
