Свет
Пекинг му врачи демарш на Вашингтон: „Изјавата на Бајден е политичка провокација“
Кинеската влада упати протест до американскиот амбасадор во Кина поради коментарите на претседателот Џо Бајден, кој го нарече кинескиот претседател Шји Џјинпинг диктатор.
Николас Барнс ја добил дипломатската нота неколку часа по изјавата на Бајден за Шји за време на донаторска конференција во Калифорнија, пренесе „Волстрит журнал“, цитирајќи тројца неименувани американски претставници.
На собирот во вторникот, Бајден рече дека Шји не знаел за наводниот кинески шпионски балон што бил соборен во воздушниот простор на САД во февруари, додавајќи: „Тоа е голем срам за диктаторите. Кога не знаат што се случува“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, во средата изјави дека крајно апсурдните коментари на Бајден сериозно му наштетиле на политичкото достоинство на Кина и претставуваат политичка провокација.
Но, американските официјални лица кои ја објавија веста за протестот на Пекинг до Барнс, забележаа дека кинеските државни медиуми не ја објавиле дипломатската нота, позната како демарш, за да ја зачуваат добрата атмосфера создадена од посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Кина.
Изјавата на Бајден дојде еден ден откако Блинкен се сретна со Шји во долгоочекуваната посета со цел да се запре надолната спирала во односите меѓу САД и Кина.
Американскиот претседател рече дека се уште очекува да се сретне со Шји во блиска иднина и ја пофали посетата на Блинкен на Пекинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најголемата компанија за вода во САД погодена од сајбер напад
Најголемата компанија за вода во САД, American Water, денеска откри дека неодамна била погодена од сајбер напад и дека поради тоа го затворила својот портал за услуги на клиентите.
Компанијата со седиште во Камден, Њу Џерси, на својата веб-страница соопшти дека минатиот четврток станала свесна за „неовластена активност во нејзините компјутерски мрежи и системи“, за која утврдила дека е „резултат на инцидент со сајбер безбедноста“, објави CNN (CNBC).
Компанијата, исто така, рече дека нема да наплатува никакви задоцнети такси или други такси додека системот не работи.
Свет
Пет земји ќе добијат повеќе од една милијарда евра помош од ЕУ за санација на последиците од поплавите
Европскиот парламент (ЕП) денеска одобри помош во износ од над една милијарда евра за санација на последиците од катастрофалните поплави што ги погодија Италија, Словенија, Австрија, Грција и Франција во 2023 година.
Средствата се доделени од Фондот за солидарност на ЕУ, а пакетот помош е одобрен со 632 гласа „за“, седум гласа против и три воздржани, се наведува на веб-страницата на ЕП.
Европратениците велат дека помошта од ЕУ треба да се прошири со оглед на зголемениот број природни катастрофи во Европа.
Свет
Орбан: Ако победи Трамп, ќе отворам неколку шишиња шампањ
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека ќе отвори „неколку шишиња шампањ“ доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа.
Орбан треба да биде домаќин на колегите лидери на ЕУ на самитот во Будимпешта неколку дена по претседателските избори во САД на 5 ноември.
„Ќе отвориме неколку шишиња шампањ ако Трамп се врати“, рече Орбан, опишувајќи го самитот на ЕУ во ноември како момент за „блокот да се собере за да се обиде да најде заеднички глас“.
Орбан рече дека Трамп, доколку биде избран за претседател, нема да чека до неговата инаугурација, туку веднаш ќе дејствува „за да се воспостави мир“ меѓу Украина и Русија „за како европски лидери да немаме што да изгубиме“.
„Прво треба да реагираме интелектуално, филозофски, а потоа и стратешки“, рече тој.
Трамп постојано тврдеше дека може да донесе мир во Украина „многу брзо“, без да понуди никакви детали за тоа како би можело да се постигне трајно решение.
Ставовите на Орбан за руската инвазија многу ги отсликуваат ставовите на Трамп, кој беше обвинет од потпретседателката на САД и кандидат за претседател на Демократската партија Камала Харис дека ги повторува идеите на Владимир Путин, пишува Гардијан.