Свет
Песков: Нема никакви сигнали дека САД сакаат подобри односи со Русија
Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, Владимир Путин, денеска изјави дека од САД нема никакви сигнали дека сакаат подобрување на односите со Русија.
Песков со кратко „не“ одговорил на прашањето дали има какви било сигнали од американската администрација кои покажуваат дека оттаму постои желба за компромис или избегнување на следната фаза на санкции во врска со аферата „Скрипал“, пренесе агенцијата „Тасс“.
Весникот „Вашингтон пост“ претходно објави дека американскиот државен секретар, Мајк Помпео, барал средба со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, со цел да разговараат за клучните прашања во односите Москва-САД.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска соопшти дека се работи на организирање средба меѓу Помпео и Лавров за време на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк следниот месец, но дека сè уште не се усогласени времето и агендата на состанокот.
САД неделава воведоа нови санкции кон Русија поради наводната вмешаност на Москва во труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скипал во Англија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тензии во Ормускиот теснец: спротивставени позиции и глобална загриженост
Тензиите околу Ормуски теснец и понатаму се високи, додека светските лидери изнесуваат спротивставени ставови за решавање на кризата. Додека американскиот претседател Доналд Трамп најавува напредок во преговорите, Иран се заканува со затворање на овој клучен поморски правец доколку продолжи американската блокада. Во меѓувреме, европските сили подготвуваат меѓународна мисија за заштита на пловидбата.
Трамп: Преговори за викенд, блокадата останува
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ситуацијата со Иран на Блискиот Исток „изгледа прилично добро“. Тој најави дека преговорите ќе се одржат за време на викендот и дека има „некои добри вести“ кои сè уште не може да ги сподели.
Сепак, Трамп порача на својата платформа Truth Social дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ќе остане на сила сè додека „работата со Иран не биде целосно завршена“.
Иран: Теснецот нема да остане отворен
Од друга страна, претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф ги отфрли изјавите на Доналд Трамп за евентуална американска победа во војна со Иран како „лажни“.
Галибаф предупреди дека доколку САД продолжат со блокадата, Ормускиот теснец „нема да остане отворен“.
Европа подготвува мисија за заштита на пловидбата
Европските лидери активно се вклучија во обидите за решавање на кризата. Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер од Париз претседаваа со виртуелен состанок на околу 40 земји.
Целта на состанокот беше да се постигне глобален договор за одржување на теснецот отворен за пловидба. Стармер најави дека Обединетото Кралство и Франција ќе предводат меѓународна мисија за заштита на слободата на пловидба во регионот.
Според него, мисијата ќе биде „исклучиво мирољубива и одбранбена“ и ќе започне „штом условите тоа ќе го дозволат“.
Кина: Поддршка за отворен теснец
Според Доналд Трамп, кинескиот претседател Си Џинпинг е многу задоволен што Ормускиот теснец е отворен.
Американскиот претседател најави и средба со Си Џинпинг во Кина на 14 и 15 мај, опишувајќи ја како „посебна, а потенцијално и историска“.
Свет
Tрамп најавува објава на интересни НЛО-документи
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација пронашла низа многу интересни документи поврзани со НЛО, додавајќи дека првите записи наскоро ќе бидат објавени.
„Морам да кажам дека најдовме многу, многу интересни документи и првите објавувања ќе започнат многу, многу скоро, за да можете да видите дали тој феномен е точен“, изјави Трамп пред поддржувачи на настан организиран од Turning Point USA.
Во февруари, Трамп им нареди на американските агенции да започнат со објавување на владини досиеја за НЛО, неидентификувани воздушни феномени и можен вонземски живот, наведувајќи силен јавен интерес за оваа тема.
Трамп ја наложил ревизијата откако го обвини поранешниот претседател Барак Обама за несоодветно споделување доверливи информации, откако Обама во интервју за подкаст изјави дека вонземјаните се вистински.
Обама подоцна појасни дека за време на неговиот мандат не видел никакви докази за контакт со вонземјани, иако нагласил дека статистички е многу веројатно да постои живот некаде во вселената.
Трамп изјави дека и самиот не видел докази за постоење на вонземјани и дека не е сигурен дали тие постојат.
Во последните години, Пентагон истражуваше извештаи за НЛО. Високи воени претставници во 2022 година изјавија дека нема докази дека вонземјани ја посетиле Земјата или дека се урнале тука.
Извештај на Пентагон од 2024 година наведува дека американските истраги од крајот на Втората светска војна не пронашле докази за вонземска технологија, како и дека најголемиот дел од пријавените случаи се всушност погрешно идентификувани објекти и природни појави.
Свет
Трамп: Ќе го земеме збогатениот ураниум од Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе соработуваат со Иран за собирање на збогатениот ураниум и да го вратат во САД, објави Ројтерс.
„Ќе го решиме тоа заедно. Ќе влеземе со Иран, со бавно и лежерно темпо, ќе се спуштиме и ќе почнеме да го ископуваме со големи машини. Ќе го вратиме во САД“, рече Трамп за време на телефонско интервју, пренесува медиумот.
Тој исто така спомена „нуклеарна прашина“ и додаде дека таа ќе биде собрана „многу брзо“. Терминот на Трамп се однесува на она што тој го смета за остатоци откако САД и Израел ги бомбардираа иранските нуклеарни објекти во јуни минатата година.
Медиумите потсетуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп претходно го нападна НАТО, отфрлајќи ја понудата од сојузник за помош во Ормускиот теснец. Во објави на социјалната мрежа Truth Social, тој рече дека не му е потребна помош и ги нарече своите сојузници „хартиен тигар“, истакнувајќи дека тие се „бескорисни кога е важно“.
Во исто време, тој ги изнесе деталите од наводниот договор со Иран, тврдејќи дека Техеран ветил дека нема повторно да го затвори Ормускиот теснец, додека САД ќе ја задржат контролата врз нуклеарниот материјал на Иран. Трамп нагласи дека парите не се дел од договорот и им се заблагодари на регионалните партнери како што се Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар и Пакистан.
Тој додаде дека договорот не се однесува на Либан, но потврди дека САД ќе се справат со ситуацијата со Хезболах одделно и дека на Израел му е забрането понатамошно бомбардирање на таа земја.
