Свет
Пожар на товарен брод кај Гетеборг, оган гори повеќе од 24 часа, екипажот не е евакуиран

Пожарот на товарниот брод кој превезувал дрва во близина на Гетеборг на западниот брег на Шведска и по повеќе од 24 часа се уште не е под контрола, соопштија денеска властите.
Шведската агенција за вонредни ситуации (MSB) соопшти дека испратила два хеликоптери, а неколку други организации, вклучувајќи ја и крајбрежната стража, исто така се борат со пожарот, пренесе Ројтерс.
Дрвата што го превезувале бродот вчера се запалиле, додека самиот брод не гори, но пожарот тешко се гаси, се вели во соопштението од МСБ.
Бродот содржи големи количества гориво и МСБ започна со подготовки за да може да обезбеди поддршка во случај на потенцијално истекување гориво, се вели во соопштението.
Екипажот од 17 лица не бил евакуиран од бродот, јави агенцијата ТТ.
Портпаролот на крајбрежната стража изјавил дека пожарот не е под контрола, но дека не се шири и дека работата на неговото гаснење може да потрае неколку дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„Бугарија е приоритет“ – ЕУ издвојува 600 милиони евра за зајакнување на бугарската граница со Турција

Европската унија ќе одвои 600 милиони евра за зајакнување на границата на Бугарија со Турција, изјави денеска државниот секретар во бугарското МВР, Петар Тодоров.
Тој рече дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во ја информирала Владата на Бугарија дека Комисијата одржала состанок за нов стратешки пристап за заштита на надворешната граница на ЕУ и оти Бугарија е приоритет.
„За зајакнување и техничка изградба на нашата граница ќе бидат издвоени повеќе од 600 милиони евра. Таму имаме над 110 километри технички необезбедена граница, а има што да се направи и на другите 200 километри“, посочи тој.
Според него, парите ќе бидат потрошени за опрема, камери, сензори и автомобили.
Во првите три месеци приливот на мигранти е зголемен за 43 отсто во однос на лани, а како што се наведува, лицата кои се занимаваат со нелегална трговија доаѓаат од сите слоеви.
Европа
Русија распореди ракетни системи на Курилските Острови

Русија денеска објави дека дел од нејзиниот противракетен одбранбен систем Бастион е распореден на Парамушир, еден од Курилските Острови во северниот дел на Тихиот Океан.
Јапонија смета дека некои од овие острови се нивна територија.
Овој потег е дел од поширокото зајакнување на руската одбрана во нејзините огромни региони на Далечниот Исток, рече министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, делумно како одговор на, како што ги нарече, американските напори да ги задржат Русија и Кина.
Шојгу разговараше со највисоките руски воени лидери еден ден откако претседателот Владимир Путин и кинескиот лидер Ши Џјинпинг го зацементираа своето партнерство без задржување на разговорите во Кремљ со договори за подлабока енергетска и воена соработка.
„За да ги држат Русија и Кина, Соединетите Американски Држави значително го зголемуваат своето воено присуство во Азиско-пацифичкиот Регион, ги зајакнуваат политичките и воените врски со сојузниците продолжувајќи да создаваат нова американска безбедносна архитектура во регионот“, рече Шојгу.
Шојгу рече дека системот „Бастион“ ќе ја зајакне руската безбедност околу Курилските Острови.
Јапонија, близок сојузник на САД, тврди дека четирите јужни Курилски Острови биле заземени од советските сили на крајот на Втората светска војна, пренесе „Индекс.хр“.
Свет
Бил Гејтс ги објави предвидувања за иднината

Коосновачот на „Мајкрософт“ објави текст од седум страници на својот блог со наслов „Почна ерата на вештачката интелигенција“, во кој ги изложува своите ставови. Тој напиша дека вештачката интелигенција е еднакво фундаментален, како и создавањето на микропроцесорот, персоналниот компјутер, интернетот и мобилниот телефон“.
Гејтс претходно зборуваше за тоа колку е возбуден за иднината на вештачката интелигенција, имено како таа би можела да се користи како учител во образованието или да дава медицински совети на луѓе каде што лекарите не се лесно достапни. Милијардерот во писмото признал и дека е загрижен за вештачката интелигенција, ризикот од луѓето да ја злоупотребуваат и можноста за суперинтелигентна вештачка интелигенција, која би можела да воспостави свои цели.
Во писмото Гејтс ги елаборира овие идеи нудејќи размислувања за тоа како вештачката интелигенција може да се користи и како алатка за подобрување на човечката продуктивност, но и како може да помогне за подобрување на глобалните нееднаквости – на работното место, здравството и образованието.
Работник кој е таму да ви помогне во различни задачи
Гејтс пишува за тоа како вештачката интелигенција може да се користи како „дигитален личен асистент“ за подобрување на продуктивноста на вработените – идеја за која претходно зборуваше во февруари. Вештачката интелигенција, интегрирана во дигиталните работни алатки како Microsoft Office, може да помогне во управувањето и пишувањето е-пошта, напиша Гејтс.
Тој додаде дека овие лични агенти генерирани од вештачката интелигенција, опремени со огромно знаење и податоци за нивната компанија и индустрија, исто така може да бидат ресурси за комуникација со вработените.
„Како што компјутерската моќ станува поевтина, способноста на GPT да изразува идеи сè повеќе ќе личи на достапноста на работниците што ќе ви помогнат во разни задачи“, напиша тој.
Дигитален асистент што ќе ги преземе работните места на здравствените работници
Во здравствената индустрија Гејтс напиша дека вештачката интелигенција може да ги ослободи здравствените работници од одредени задачи, како што се поднесување барања за осигурување, пополнување документи и составување белешки за посета на лекар.
Гејтс напиша дека за сиромашните земји, каде што „многу луѓе никогаш не одат на лекар“, вештачката интелигенција може да им овозможи на здравствените работници да бидат попродуктивни со пациентите што ги гледаат. Можно е вештачката интелигенција да помогне и во лекувањето на пациенти што не живеат во близина на медицински установи, напиша Гејтс.