Свет
Поранешната американска потпретседателка се огласи од Калифорнија: „Камала Д. Харис секогаш се бори за народот“

Поранешната американска потпретседателка Камала Харис, по враќањето во Калифорнија, рече дека најважно за неа е да им даде до знаење на луѓето погодени од пожарите во таа американска држава дека не се сами.
По посетата на противпожарната станица во Алтадена, Калифорнија, таа и нејзиниот сопруг Даг Емхоф поделиле бесплатни оброци во народната кујна, пренесува американски „Политико“.
„Ние сме некои од среќниците, нашиот дом е сè уште таму. Сакавме да излеземе и да ја видиме оваа извонредна заедница и само да им дадеме до знаење на луѓето дека ги гледаме и дека се згрижени“, рече Харис, чиј дом е во задолжителната зона за евакуација од пожари во Палисадес.
Харис не зборуваше за политика, туку повеќе ја истакна важноста на волонтерите.
„Моментите на криза навистина ги изнесуваат хероите меѓу нас“, рече таа пофалувајќи ги пожарникарите и волонтерите, кои ги загубија своите домови, но сè уште работат на помош на својата заедница.
Таа не зборуваше ниту за своите идни планови ниту, пак, одговори на новинарско прашање дали ќе се кандидира за гувернер на Калифорнија.
Веднаш по инаугурацијата, Харис ја ажурира својата официјална веб-страница објавувајќи нова фотографија и натпис „Канцеларија на Камала Д. Харис“.
Веб-страницата вклучува и линк до нејзината нова е-пошта, која гласи: „Контактирајте со поранешниот потпретседател“ и „Камала Д. Харис секогаш се бори за народот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пожар попладнево избувна во шумската област Агиос Никитас на Лефкада

Пожар попладнево избувна во шумската област Агиос Никитас на Лефкада, јавија грчките медиуми. Пожарот избувнал во близина на плажата Катисма.
Според Противпожарната служба, за инцидентот биле известени во 16 часот и 40 минути и засега нема извештаи за непосредна опасност по околните домови.
Нешто пред 18 часот жителите преку 112 биле предупредени да бидат подготвени, а вторпат да се евакуираат.
Свет
Трамп вели дека тој е единствената личност во светот што може да стави крај на војната во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тој е единствената личност во светот што може да стави крај на војната во Украина, додавајќи дека напорите да се спречи ескалацијата на конфликтот се „донекаде под контрола“.
Мислам дека нема никој на светот кој може да го запре рускиот претседател Владимир Путин, освен мене – рече Трамп доцна синоќа во интервју за „Ауткик“.
„И мислам дека ќе можам да го запрам“, додаде тој.
Имавме многу рационални дискусии и само сакам да видам дека луѓето престануваат да се убиваат, рече Трамп.
Свет
Папата Франциско денеска беше отпуштен од римската болница Гемели

Папата Франциско денеска беше отпуштен од римската болница Гемели по повеќе од пет недели престој, јави ДПА. Папата денеска го имаше своето прво појавување во јавноста по пет недели, мавтајќи од балконот на болницата пред да ја напушти установата.
На 14 февруари, 88-годишниот понтиф беше примен во болница со тешка респираторна инфекција. Од неговата хоспитализација, Ватикан објави само една фотографија од папата – и тоа само одзади, пред олтарот во капелата на десеттиот кат од клиниката.
Неизвесно е дали тој ќе може да учествува на прославата на Велигден следниот месец.