Свет
Поранешниот директор на ЦИА го предупреди Западот: „Русија ќе војува со НАТО ако победи во Украина“

Поранешниот директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Дејвид Петреус денеска ги предупреди западните земји да се разбудат затоа што рускиот претседател Владимир Путин ќе влезе во војна со НАТО доколку победи во војната во Украина.
– Тој беше многу јасен и мислам дека е јасно, гледајќи наназад, дека требаше да го слушаме тој поединец (Путин). Ни кажува во што верува – изјави Петреус во интервју за Sun.
За да го победи Путин, истакна Петреус, Западот мора да направи се што е можно за да и помогне на Украина.
– Украинската војна може да се прошири во регионот доколку Путин успее во Украина. Тој нема да се задоволи да застане во Украина. Следна очигледно би била Молдавија, а после тоа би можела да биде Литванија или некоја од балтичките држави – изјави Петреус.
Тој оцени дека клучот за победата на Украина е брзото зголемување на бројот на војници и воена моќ со помош на нејзините западни сојузници.
– Реалноста е тешка и тоа е дополнителна причина зошто треба да направиме се што можеме за да и помогнеме на Украина на секој можен начин – рече Петреус.
Тој додаде дека Украина мора да направи и голем технолошки напредок, потсетувајќи на нејзиниот успех во поразот на руската флота во Црното Море.
– Имајте на ум дека тие (Украинците) го направија она што го направија во Црното Море, не со помош на бродови или морнари, туку со беспилотни летала. Поморските беспилотни летала, воздушните беспилотни летала и противбродските проектили им овозможија да потонат третина од флотата во Црното Море – рече Петреус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: 1.800 дронови и 1.200 бомби врз Украина за една недела, Русија го засилува теророт

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за ескалација на теророт врз цивилното население, откривајќи дека во последната недела врз Украина биле лансирани најмалку 1.800 беспилотни летала, над 1.200 лизгачки бомби и 83 ракети.
„Русите го зголемуваат теророт врз нашите градови и општини со цел дополнително да го заплашат народот“, изјави Зеленски преку Телеграм, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Според него, воздушните напади стануваат сè поинтензивни, особено ноќе, а Русија секојдневно ја напаѓа Украина од воздух.
Зеленски ја пофали ефикасноста на украинската противвоздушна одбрана, нагласувајќи дека специјално развиени дронови-пресретнувачи успешно собориле стотици ирански борбени дронови „Шахед“, кои Русија ги користи за напади.
Претседателот на Украина информираше и дека неодамна имал интензивни разговори со западните партнери, со цел понатамошен развој на овие одбранбени технологии.
Како што наведува ДПА, Русија во средата го извела најголемиот напад со беспилотни летала досега, при што украинската одбрана успеала да пресретне повеќе од 700 дронови во еден ден.
Инаку, Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија, со голема поддршка од западните земји во оружје, технологии и воена обука.
Регион
(Видео) Гореше зграда во Анкара, бебе и двајца возрасни загинаа, 26 лица се повредени

Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.
Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.