Европа
Поранешниот премиер на Путин: Преговорите се камуфлажа, тој не е подготвен на отстапки

Тврдењата на Русија дека драстично ќе ги намали воените операции во близина на Киев ги изненади сите на Запад и доведе до прашањето дали тоа е потег што води кон мир или само димна завеса за да може Кремљ да ги организира своите сили.
Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов ја коментираше и ситуацијата во Украина, нагласувајќи дека нема индикации дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен на отстапки.
Москва вети дека ќе ги намали операциите околу главниот град на Украина со цел да ја зголеми меѓусебната доверба во преговорите меѓу Русија и Украина, а западните власти сугерираат дека станува збор за купување време.
Михаил Касјанов, кој беше премиер на Русија од 2000 до 2004 година, за време на првиот претседателски мандат на Путин, зборуваше за Sky News за тоа што би можеле да значат мировните преговори.
„Мислам дека нема никакви индикации дека Путин е подготвен да направи какви било отстапки. Тој сака да има наместени преговори со Украина само за да му покаже на целиот свет дека сака мир, но мислам дека тоа е само некаква камуфлажа “, рече тој.
Во интервју за британскиот медиум ЛБЦ, тој рече дека „Путин треба да се плаши“, а притоа изнесе аргументи за воведување зона на забранети летови над Украина од страна на НАТО.
„Да имаше такви мерки, тој ќе беше шокиран“, додаде тој.
Касјанов истакна дека Путин веќе е изненаден од одговорот на Западот на војната во Украина.
„Тој мислеше дека ова ќе биде исто како анексијата на Крим“, рече тој.
Тој повтори дека целата ситуација сè повеќе го лути Путин, бидејќи неговите операции не одат како што би сакале.
На прашањето дали Путин ќе се соочи со гневот на рускиот народ поради бруталната инвазија на Украина, Касјанов рече: „Не за краток временски период, туку на долг рок“.
„Тие ќе ги видат вистинските причини и вистинските извори на проблемите што ги имаат. Ќе бидат потребни децении да се плати за она што Путин ѝ го направи на оваа земја“, рече тој.
На крајот тој додаде дека сè додека „Украина продолжува да се брани и да победува во оваа војна, тоа значи дека дојде почетокот на крајот на ерата на Путин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Објавена снимка од предавањето на украинските борци од „Азовстал“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека по предавањето на последните украински војници целосно ја ослободило фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол. Објавено е и видео на кое се гледа предавањето на последните украински борци од „Азовстал“.
На видеото се гледа како руски војници ги проверуваат украинските борци. Некои од борците ги покажаа своите тетоважи пред камера на барање на руските војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенко изјави дека 2.439 украински припадници на одбраната се предале во фабриката за челик „Азовстал“ од 16 мај, oд кои последните 500 во петокот.
Европа
Британска министерка: Мора и Молдавија да ја опремиме со модерно оружје, амбициите на Путин не запираат

Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, откри дека Велика Британија започнала разговори со своите меѓународни сојузници за испраќање модерно оружје во Молдавија за да ја заштити од Русија.
Таа рече дека земјата, која се наоѓа југозападно од Украина, сака да биде опремена според стандардите на НАТО.
Молдавија во моментот не е членка на НАТО и постои загриженост дека земјата би можела да биде идна цел на Путин, по конфликтот во Украина.
„Путин беше целосно јасен за неговите амбиции да создаде голема Русија – и само затоа што неговите обиди да го заземе Киев беа неуспешни, не значи дека тој ги напушти таквите амбиции“, рече Трас за „Телеграф“.
Европа
Москва ги стави Каспаров и Ходорковски на списокот на странски агенти

Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајца противници на рускиот претседател Владимир Путин во егзил, денеска се ставени на списокот на „странски агенти“ во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Терминот „странски агент“, налик на етикетата „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционерите, новинарите и активистите за човекови права обвинети дека спроведуваат политички активности финансирани во странство.
Со назначувањето за странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓудругото, тие треба да го наведат статусот на сите свои објави.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гари Каспаров (59) имаат извори во Украина за да ги финансираат своите активности.
Каспаров долго време му се противи на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД. Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 90-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година. Тој мина десет години во затвор, меѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија, која се самораспушти во мај 2021 година поради растечките репресии во земјата.