Свет
Поранешниот украински претседател: Со Путин не се преговара, тој ќе продолжи да напаѓа други земји, следна е Босна

Поранешниот украински претседател Виктор Јушченко предупреди дека Русија нема да престане со својата експанзионистичка политика и ќе продолжи да напаѓа други земји, како што е Босна и Херцеговина, доколку сега не се запре руската агресија врз Украина.
„ Ако Украина не ја запре Русија, сега сте вие (БиХ) на ред – рече Јушченко во интервјуто објавено од босанско-херцеговската агенција „Фена“.
Јушченко беше претседател на независна Украина од 2005 до 2010 година, откако ја предводеше „Портокаловата револуција“ што доведе до соборување на промосковскиот режим.
Тој беше отруен со диоксин, а истрагата што беше спроведена ги потврди индициите за вмешаност на Русија во обидот за убиство на овој политичар кој отворено се залагаше за прозападна политичка ориентација и се залагаше за пристап на Украина за членство во НАТО.
Јушченко вели дека тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин за причините за нападот врз Украина поради наводната закана за безбедноста на руските граници се целосна глупост и посочува дека во текот на историјата, секогаш кога Украина сакала да биде независна земја, таа станувала цел на руските агресивни намери.
Тој ги нарече потполно неприфатливи повиците за прекин на војната во Украина со отворање преговори со Русија и признавање на окупацијата на делови од украинската територија, велејќи дека тоа ќе биде исто како да се преговара со Хитлер во 1942 или 1943 година.
„ Мирот може да се постигне на два начина – или си победник или капитулираш. Изберете – рече поранешниот украински претседател. Тој силно го поддржува гонењето на одговорните за воените злосторства во Украина.
„ Тие што ја започнаа оваа војна мора да завршат зад решетки. Не сакаме да ги предадеме 15 милиони Украинци кои се раселени поради оваа војна – рече Јушченко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Силен земјотрес го погоди Чиле

Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди Чиле.
Епицентарот бил во близина на местото Тома, на длабочина од 15 километри.
Засега нема информации за жртви и причинета материјална штета.
Свет
Путин потпиша указ за регрутација на 147.000 Руси од 1 април

Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша указ за пролетен воен рок, според кој 147.000 лица ќе бидат повикани да и’ се приклучат на руската војска од 1 април до 15 јули.
„Од 1 април до 15 јули 2023 година ќе се врши регрутирање на руски државјани на возраст од 18 до 27 години, кои не се во резервен состав и се предмет на воена служба. Тоа се однесува на 147.000 луѓе“, се наведува во указот на рускиот претседател.
Владата, регионалните власти и договорните комисии добија инструкции да обезбедат спроведување на активностите за регрутирање.
Европа
(Видео) Пратеници во Австрија ја напуштија седницата додека се обраќаше Зеленски

Австриските екстремно десничарски пратеници ја напуштија седницата на Долниот дом на парламентот за време на виртуелното обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека тоа е кршење на статусот на неутралност на Австрија.
Членовите на Партијата на слободата на Австрија (FPO) ги напуштија своите места кога Зеленски го започна своето видео обраќање, оставајќи мали картички на нивните работни маси со логото на партијата и порака „простор за мир“.
Austrian politicians walk out of Zelensky speech pic.twitter.com/EEdclVrg8M
— Clown World ™ 🤡 (@ClownWorld_) March 30, 2023
Партијата предупреди неколку дена претходно дека ќе организира некаква форма на протест против виртуелното обраќање на украинскиот претседател во австрискиот парламент.
„Тажно е што ФПО е единствената партија во парламентот која сериозно ја сфаќа нашата вечна неутралност, а со тоа се залага за мир“, изјави лидерот на ФПО, Херберт Кикл.
Во своето обраќање, Зеленски се заблагодари на Австрија за хуманитарната помош и помошта во проекти како што е чистењето мини, додавајќи дека „важно е да не се биде морално неутрален кон злото“.
Австрија не е дел од НАТО и не испорачува оружје на Украина. Сепак, на Украина и’ обезбеди хуманитарна помош и шлемови и заштитни елеци за цивилна употреба.
Австрискиот канцелар Карл Немер минатата недела на „Твитер“ го нагласи статусот на неутралност на неговата земја, велејќи дека иако неговата земја е воено неутрална, „разбираaт дека мора да помогнат таму каде што се случуваат неправди и воени злосторства“.
ФПО одржуваше блиски врски со Русија во минатото, а во 2016 година партијата потпиша договор за соработка со Единствена Русија, конзервативната партија која има мнозинство во рускиот парламент.
Во 2018 година, рускиот претседател Владимир Путин беше забележан во Австрија како гостин на свадбата на Карин Кнајсл, членка на ФПО и тогашна австриска министерка за надворешни работи, јавува Си-Ен-Ен.