Европа
Поранешни германски министри поднесоа кривични пријави против Путин и други руски претставници

Двајца поранешни министри на германската влада денеска поднесоа кривични пријави до германските сојузни обвинители, барајќи отворање истрага за воени злосторства против руски официјални лица, вклучително и претседателот Владимир Путин, поради конфликтот во Украина.
Поранешната министерка за правда Сабине Лојтројзер-Шнаренбергер и поранешниот министер за внатрешни работи Герхарт Баум изјавија дека сакаат да ги искористат германските закони кои дозволуваат кривично гонење за тешки злосторства извршени во странство за да ги изведат пред лицето на правдата оние што ги сметаат за одговорни за злосторствата во Украина, пренесува АП.
Адвокатот Николаос Газеас, кој во нивно име состави кривична пријава од 140 страници, рече дека таа не се однесува само на руското раководство, претседателот Путин и 32 члена на неговиот Совет за безбедност, туку и за цела низа припадници на руската војска.
„Тужбата опфаќа различни кривични дела, од нападот на нуклеарната централа до бомбардирањето на породилиштето во Мариупол“, рече адвокатот, додавајќи дека сојузните обвинители би можеле да одлучат дали ќе го започнат процесот врз основа на информациите добиени од разузнавачките агенции.
Тој особено го цитираше денешниот извештај на неделникот „Шпигел“ дека германската разузнавачка агенција пресретнувала радиопораки меѓу руски војници во кои разговарале за убиствата на цивили во украинскиот град Буча.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Во експлозија тешко повреден руски градоначалник

Руската новинска агенција РИА Новости јавува дека Андриј Шевчик, кој Русија го назначи за градоначалник на Енергодар, е тешко повреден во експлозија и се наоѓа на интензивна нега.
Повеќе детали не се достапни, но претходно украинските локални власти соопштија дека Шевчик и неговите телохранители биле повредени во насочен и прецизен напад.
Енергодар е град и општина во северо-западниот дел на Запорожјевската област во Украина, моментно под контрола на руските вооружени сили.
*Фотографијата е илустрација, а не од конкретниот настан
Европа
Канада: Најмалку пет лица загинаа во силно невреме, речиси 900.000 домови останаа без струја

Најмалку пет лица загинаа, а речиси 900.000 домови во јужна Канада останаа без електрична енергија кога силно невреме во саботата ги погоди провинциите Онтарио и Квебек.
Четири лица загинале во Онтарио кога врз нив паднале дрвја, додека една жена загинала во Квебек кога брод се превртел во реката Отава, јавува Би-би-си.
За време на невремето кое траело повеќе од два часа биле соборени многу дрвја, оштетени куќи, а имало и нарушувања во oдвивањето на сообраќајот.
Европа
Лукашенко пристигна во Сочи на разговори со Путин

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, пристигна во Сочи на разговор со рускиот претседател, Владимир Путин, соопшти денеска градоначалникот, Алексеј Копајгородски.
Путин и Лукашенко ќе се сретнат утре, пренесува „Известија“.
Кремљ претходно соопшти дека за време на разговорите на 23 мај, претседателите на Русија и Белорусија ќе разговараат за развојот на односите меѓу двете земји, со акцент на интеграциската соработка во рамки на Сојузот Русија и Белорусија, како и за меѓународни прашања.