Свет
Последен ден на Лиз Трас како премиерка: проштален говор па аудиенција кај кралот

Риши Сунак денеска ќе стане новиот британски премиер, објави Даунинг стрит.
Тој ќе ја замени Лиз Трaс, која минатата недела поднесе оставка по 45 дена на премиерската функција.
Трас го одржа последниот состанок со членовите на нејзиниот кабинет денеска во 9 часот по локално време. Таа се очекува да го одржи својот последен говор како британски премиер пред Даунинг стрит 10 во 11:15 часот.
Актуелната премиерка потоа ќе замине во Бакингемската палата со службено возило, на последната аудиенција кај кралот Чарлс Трети. Откако таа ќе му поднесе оставка на кралот, нејзината премиерска функција официјално ќе заврши таму. По средбата со Трас, кралот Чарлс ќе биде домаќин на новоизбраниот претседател на Конзервативната партија Риши Сунак, кој ќе ја преземе премиерската функција, пишува „Скај њуз“.
Кралот ќе го покани да формира нова влада. Се претпоставува дека Сунак потоа ќе замине во својата нова резиденција, каде што ќе го одржи првиот говор како премиер.
По напуштањето на Бакингемската палата, Лиз Трас ќе биде повторно назначена за пратеник, за првпат по десет години.
Се очекува со службен автомобил од палатата да оди до зградата на Собранието. Според сегашните закони во Велика Британија, таа ќе има право да користи службено возило до крајот на својот живот. Ова правило важи само за поранешните премиери, а тие ќе имаат право и на лично обезбедување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Доделена Нобеловата награда за хемија на тројца научници што работат во САД

Нобеловата награда за хемија за 2023 година им е доделена на Мунги Бавенди, Луис Е. Брус и на Алексеј Екимов за откривање и синтеза на таканаречените квантни точки.
Престижното признание за хемија за 2023 година им е доделена на тројца научници што работат во САД: Мунги Бавенди, Луис Е. Брус и Алексеј Екимов, соопшти Кралската шведска академија на науките во Стокхолм. Тројцата научници се наградени за откривање и развој на таканаречените квантни точки, наночестички, кои се толку мали што нивната големина ги одредува нивните својства.
„Овие честички имаат уникатни карактеристики и ја шират својата светлина од телевизиските екрани сè до ЛЕД-светилките. Тие катализираат хемиски реакции и нивната јасна светлина на хирурзите може да им го осветли туморското ткиво“, посочи Академијата.
Бавенди, Брус и Екимов создадоа важни основи за областа на нанотехнологијата во 80-тите и 90-тите.
Мунги Бавенди е француски хемичар со туниско потекло, професор на МИТ – Технолошки институт во Масачусетс, САД. Луис Е. Брус е американски професор по хемија на Универзитетот „Колумбија“, а Алексеј Екимов е руски физичар, кој работи во САД.
Свет
Словачка повторно воведува гранична контрола со Унгарија

Словачка најави дека повторно ќе воведе гранични контроли на границата со Унгарија со цел да се намали сè поголемиот број мигранти на нејзината територија, каде што само во септември беа регистрирани повеќе илегални мигранти отколку во минатата година.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи на Словачка по денешната седница на владата, мерката стапува во сила од утре и ќе трае до 14 октомври.
Се наведува дека воведувањето контрола на границата со Унгарија „соодветствува на моментната закана и зависи од развојот на безбедносната ситуација“.
Оваа година таканаречената секундарна транзитна миграција од западнобалканската рута особено придонесе за илегалната миграција во Словачка, наведува словачката агенција.
Словачка од почетокот на годинава до 1 октомври регистрирала 39.688 илегални мигранти, што е 11 пати повеќе од истиот период лани.
Регион
„Кориера дела сера“: Меѓу загинатите во трагичната несреќа кај Венеција е лице од Хрватска

Како што пренесува италијанскиот „Кориере дела сера“, меѓу загинатите во автобуската несреќа кај Венеција е и едно лице од Хрватска.
Во автобусот имало двајца Хрвати. Наводно, се работи за млад брачен пар од Сплит или неговата околина.
Според сè уште непотврдени информации, почината е млада жена, а млад човек е опериран и се наоѓа во една од блиските болници.
Меѓу 21 загинат има петмина украински државјани, Германец, Французин и Италијанец.