Европа
Премиерот на Украина: Ќе бидат потребни 565 милијарди долари за обнова на земјата разурната од војната

Според прелиминарните процени, ќе бидат потребни 565 милијарди долари за обнова на Украина по војната со Русија, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал.
Тој го изјави ова по средбата со премиеритее Матеуш Моравјецки од Полска, Петер Фијал од Чешка и Јанез Јанша од Словенија и со вицепремиерот на Полска, Јарослав Качински, пренесува „Укринформ“.
„Прелиминарните процени велат дека директните еднократни загуби за Украина во моментот се проценуваат на 565 милијарди долари. Всушност, тоа се средствата што ќе бидат потребни за обнова на нашата држава“, рече Шмихал.
Тој нагласи дека украинската влада ќе работи на запленување руски средства и имот во странство.
„Веруваме дека нашите партнерски земји ќе му се приклучат на овој голем план“, рече тој.
Додаде дека Владата формирала група за процена на загубите на украинската економија поради руската агресија.
Како што претходно беше најавено, Моравиецки, Фијала и Јанша пристигнаа во Украина на 15 март. Ова беше прва меѓународна посета на Киев од почетокот на вооружената агресија против Украина. Според податоците на Министерството за економија на Украина, Русија ѝ нанела штета на украинската инфраструктура од 119 милијарди долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Објавена снимка од предавањето на украинските борци од „Азовстал“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека по предавањето на последните украински војници целосно ја ослободило фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол. Објавено е и видео на кое се гледа предавањето на последните украински борци од „Азовстал“.
На видеото се гледа како руски војници ги проверуваат украинските борци. Некои од борците ги покажаа своите тетоважи пред камера на барање на руските војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенко изјави дека 2.439 украински припадници на одбраната се предале во фабриката за челик „Азовстал“ од 16 мај, oд кои последните 500 во петокот.
Европа
Британска министерка: Мора и Молдавија да ја опремиме со модерно оружје, амбициите на Путин не запираат

Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, откри дека Велика Британија започнала разговори со своите меѓународни сојузници за испраќање модерно оружје во Молдавија за да ја заштити од Русија.
Таа рече дека земјата, која се наоѓа југозападно од Украина, сака да биде опремена според стандардите на НАТО.
Молдавија во моментот не е членка на НАТО и постои загриженост дека земјата би можела да биде идна цел на Путин, по конфликтот во Украина.
„Путин беше целосно јасен за неговите амбиции да создаде голема Русија – и само затоа што неговите обиди да го заземе Киев беа неуспешни, не значи дека тој ги напушти таквите амбиции“, рече Трас за „Телеграф“.
Европа
Москва ги стави Каспаров и Ходорковски на списокот на странски агенти

Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајца противници на рускиот претседател Владимир Путин во егзил, денеска се ставени на списокот на „странски агенти“ во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Терминот „странски агент“, налик на етикетата „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционерите, новинарите и активистите за човекови права обвинети дека спроведуваат политички активности финансирани во странство.
Со назначувањето за странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓудругото, тие треба да го наведат статусот на сите свои објави.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гари Каспаров (59) имаат извори во Украина за да ги финансираат своите активности.
Каспаров долго време му се противи на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД. Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 90-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година. Тој мина десет години во затвор, меѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија, која се самораспушти во мај 2021 година поради растечките репресии во земјата.