Свет
Путин ги отстрани талибанците од листата на терористи
Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека одлуката за бришење на талибанците од листата на терористички организации „е донесена на највисоко ниво“, јави државната новинска агенција ТАСС. Одлуката треба да биде придружена со правни процедури за да стане валидна, изјави Замир Кабулов, специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Авганистан.
Путин во јули рече дека Русија го смета движењето на авганистанските талибанци за сојузник во борбата против тероризмот. Русија полека гради врски со талибанците откако тие ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, откако силите предводени од САД се повлекоа по 20 години војна, но движењето сè уште е официјално забрането во Русија.
Ниту една земја формално не ги призна Талибанците како легитимно раководство на земјата, иако Кина и Обединетите Арапски Емирати ги прифатија нивните амбасадори. Русија ги додаде Талибанците на својата листа на терористички организации во 2003 година. Нивното отстранување би било важен чекор за Москва кон нормализација на односите со Авганистан.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва е убедена во потребата од одржување на „прагматичен дијалог“ со актуелната авганистанска влада. „Очигледно е дека е невозможно да се решат проблемите, па дури и да се разговара за авганистанското решение без Кабул“, рече Лавров.
„Москва ќе продолжи со својот курс на развивање политички, трговски и економски врски со Кабул“, додаде тој, говорејќи во Москва на состанокот со неговиот авганистански колега Амир Кан Мутаки и претставници на соседните земји.
Иако не ги спомна талибанците отворено, тој го пофали сегашното авганистанско раководство за напорите да се потисне производството на дрога и борбата против Исламската држава, која е забранета во Русија. Тој рече дека САД треба да ги вратат запленетите средства во Авганистан и дека Западот треба да ја прифати одговорноста за обнова на земјата во постконфликтната ера.
Лавров повика и на зголемување на хуманитарната помош за Авганистан и најави дека Русија ќе продолжи да испраќа храна и основни добра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

