Европа
Путин го одржа говорот најавен како екстремно важен, предвиде промена на политичките елити во ЕУ

Рускиот претседател, Владимир Путин, одржа говор на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
„Економскиот блицкриг против Русија немаше шанси за успех“, нагласи тој.
Рече дека Европската унија ја губи глобалната конкурентност поради санкциите што ги вовела кон Русија.
„Европските политичари ѝ зададоа сериозен удар на нивната економија со своите потези“, посочи рускиот претседател.
„Само директните загуби на Европската унија од лудилото на санкциите можат да надминат 400 милијарди долари годишно“, рече Путин и додаде дека трошоците ќе ги сносат граѓаните.
Тој предвидува дека во Европа дополнително ќе се влоши нееднаквоста и дека, како резултат на тоа, ќе има раздор во општеството. Рече дека Европа направила економски грешки. Според него, тоа ќе доведе до излив на радикализам, а во иднина и до промена на политичките елити во ЕУ.
Рече и дека Европската унија го изгубила својот политички суверенитет, дека нејзините бирократски елити играат на туѓи мелодии, му нанесуваат штета на населението, а вистинските интереси на Европејците и националниот бизнис се занемаруваат и се туркаат настрана.
„Неуспешната енергетска политика придонесе за раст на цените во Европа. Русија нема никаква врска со поскапувањето на енергијата, цените на горивата почнаа да растат многу пред специјалната операција“, истакна Путин.
Рускиот претседател најави дека е можно Русија во иднина значително да го зголеми извозот на храна и ѓубрива, а обемот на залихи на жито следната сезона би можел да се зголеми на 50 милиони тони.
Според него, има неколку опции за извоз на украинско жито одеднаш, но само властите во Киев ќе одлучат како да го направат тоа. Тој исто така рече дека тие не треба да се фокусираат на „нивните сопственици од другата страна на океанот“.
Путин го обвини Западот дека пумпа оружје во Украина и ја финансира русофобијата во земјата.
Тој рече дека верува оти западните санкции отвораат нови можности за Русија.
Според неговите зборови, идејата за западни санкции е изградена врз лажна претпоставка дека руската економија не е суверена.
„Сите кои продолжуваат да работат со Русија се под притисок на европските земји, тие се соочуваат со директни закани. Сепак, Русија ќе продолжи да комуницира со западните компании кои соработуваат со Москва и покрај притисокот“, нагласи Путин.
Во својот говор тој рече дека благодарение на високата технологија, Русија има хиперсонично оружје, на кое сè уште му нема рамно во светот.
Рускиот претседател е убеден дека правилата на новиот светски поредок ќе постават силни, суверени држави кои, како што кажа, не одат по патот што друг го зацртал.
Како што претходно објавија руските медиуми, неговиот говор бил одложен поради хакерски напад. Тој започна со поздравување на учесниците и гостите на форумот што се одржува, како што рече, во тежок момент за целата светска заедница.
Тамошните медиуми пред неколку дена го најавија говорот како исклучително важен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Бербок: Потребни се нови одржливи рути за извоз од Украина

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бeрбок, наведува дека веќе во јули можно е да има извоз на жито од Украина.
„Воспоставувањето одржлива рута за транспорт на жито од Украина е еден од главните приоритети во спречувањето на глобалната криза поради недостиг на производи“, вели Бeрбок.
„Рускиот претседател Владимир Путин ја уценува Украина и затоа е важно да се развиваат новите транспортни рути“, оценува министерот за земјоделство на Германија, Џем Ездемир.
Европа
Рама со одговор до бугарското МНР: Пријатели, смирете се, тргнете го ветото или бидете трпеливи со мене

Албанскиот премиер Еди Рама реагира кога бугарското Министерство за надворешни работи побара од него да зборува на соодветен јазик за политичар на земја кандидат за членство во ЕУ.
„Ох! Бугарското Министерство за надворешни работи има проблем со мојот говор! Многу точно! И јас имам едно прашање, а тоа е како Бугарија ќе ги решава билатералните прашања користејќи го процесот на проширување како средство за киднапирање две земји членки на НАТО! Пријатели, смирете се: тргнете го ветото или бидете трпеливи со мене“, напииша Рама на „Твитер“.
Oh! Bulgaria’s Foreign Ministry has an issue with my way of speaking!Fair enough.I have an issue too with the way Bulgaria wants to solve biletaral issues by using the enlargement process as e vehicle of kidnapping two NATO countries! Easy friends:Lift the VETO or bear with me!
— Edi Rama (@ediramaal) June 24, 2022
„Имаме заедничка иднина со Албанија. Политичарите си заминуваат. Нациите остануваат. Нашите народи имаат заеднички интерес, кој не треба да се нарушува со погрешна процена на политичарите. Неприфатливо е односите меѓу државите да станат заложници на ексцентричноста на актуелниот албански премиер“, се посочува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Европа
(Видео) Пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот во близина на Мармарис

Пожарникарите сè уште се обидуваат од копно и од воздух да го локализираат шумскиот пожар на југозападниот дел на Турција, во близина на познатото летувалиште Мармарис.
Сцените од запалената шума во близина на егејското поморско одморалиште Мармарис, во турската провинција Мугла, ги обновиле стравувањата дека минатогодишните пожари би можеле да се повторат кога беа уништени речиси 140.000 хектари шума во регионот, објави „Ројтерс“.
Полицијата со водни топови им помага на пожарникарите да го изгаснат пожарот што избувна во вторникот околу 20 часот и зафати повеќе од 3.400 хектари земјиште, пренесува медиумот.
Властите соопштија дека едно лице е уапсено под сомнение дека е вмешано во пожарот. Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, изјави дека лицето признало оти го предизвикало пожарот од фрустрација поради семејни проблеми.
„Имаме осомничен од моментот кога почна овој инцидент“, изјави Сојлу пред новинарите и додаде дека на самото место се пронајдени два барела нафта.
Министерот за здравство, Фахретин Коча, соопшти дека се повредени 29 лица, а две сè уште се сместени во болница. Претходно, министерот за шумарство, Вахит Киришчи, изјави дека 274 лица се евакуирани како мерка на претпазливост, а околу 2.600 луѓе работат на локализирање на пожарот.