Свет
Путин го опиша Кисинџер како мудар државник, а Кина како стар добар пријател
Се нижат изразувањата сочувство за смртта на американскиот дипломат Хенри Кисинџер кого рускиот претседател, Владимир Путин, го опиша како „мудар државник“, а кинеските власти како „стар добар пријател на кинескиот народ“.
Познатиот американски дипломат и научник почина во средата на 101-годишна возраст во својот дом во Конектикат.
Во телеграма до вдовицата Ненси Кисинџер, Путин рече дека Кисинџер е „мудар и далековид државник“. „Името на Хенри Кисинџер е нераскинливо поврзано со прагматична надворешнополитичка линија, која во еден момент достигна затегнатост во меѓународните тензии и најважните советско-американски договори, кои придонесоа за зајакнување на глобалната безбедност“, рече Путин.
Кисинџер го охрабруваше дијалогот меѓу Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз во 70-тите, што доведе до првите големи договори за контрола на нуклеарното оружје меѓу двете суперсили од Студената војна.
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг и високите кинески претставници упатија сочувство до американскиот претседател Џо Бајден и до семејството на Кисинџер, соопшти во четвртокот кинеското Министерство за надворешни работи.
„Кисинџер беше добар стар пријател на кинескиот народ. Тој е пионер и градител на кинеско-американските односи“, рече портпаролот на Министерството, Ванг Венбин, на редовната прес-конференција. Кисинџер ја посети Кина повеќе од 100 пати, а во јули се сретна со Шји во ненадејна посета на Пекинг.
Хајнц Алфред Кисинџер е роден во Фурт, Германија, на 27 мај 1923 година во еврејско семејство, со кое се преселил во САД во 1938 година пред нацистичката кампања за истребување на европските Евреи. Тој го промени своето име во Хенри, служеше во американската армија во Европа во Втората светска војна, а докторира на „Харвард“ во 1954 година.
„Хенри Кисинџер ја обликуваше американската надворешна политика како ретко кој друг. Неговата посветеност на трансатлантското пријателство на САД и Германија беше значајна и тој секогаш остана близок со својата германска татковина. Светот загуби голем дипломат“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го опиша Кисинџер како „стратег што внимавал на најмалите детали“, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека „неговото влијание и наследство ќе продолжат да одекнуваат и во 21 век“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека заминувањето на Кисинџер „го означува крајот на една ера, во која неговиот неверојатен интелект и дипломатските вештини го обликуваа не само правецот на американската надворешна политика туку имаше големо влијание и на глобалната сцена“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанскиот министер: Лидерот на Хезболах се согласи на прекин на огнот, после тоа бил убиен
Високи либански официјални лица соопштија дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах е убиен набргу откако се согласил на привремен прекин на огнот со Израел. Примирје од 21 ден беше предложено од САД, Франција и другите сојузници.
„Тие ни рекоа дека г-дин Нетанјаху се согласил на тоа и така ние исто така добивме согласност од Хезболах за тоа и знаете што се случи оттогаш“, изјави либанскиот министер за надворешни работи Абдалах Бу Хабиб за Си-Ен-Ен.
„Хезболах ја потпиша оваа заедничка изјава што беше објавена во која се повикува на 21-дневен прекин на огнот и веднаш откако почна да бара дипломатско решение според резолуцијата на Советот за безбедност“, изјави амбасадорот Рами Мортада за Би-Би-Си.
„Бевме на вистинскиот пат обидувајќи се да зборуваме за дипломатска алтернатива на сегашниот ќорсокак, но вжештените глави во Израел избраа поинаков пат“, додава тој, пренесува медиумот.
Свет
Зеленски: Фронтот мора да се зајакне, НАТО ги разбира потребите на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска разговараше со новиот генерален секретар на НАТО, Марк Рута, што е негова прва странска посета откако е назначен на функцијата генерален секретар на Алијансата.
„Денеска, новиот шеф на НАТО, Марк Руте, за прв пат го посети Киев – веднаш по добивањето на овластувањата на генералниот секретар на Алијансата. Јасно е колку е важно целосно да се спроведе секој од нашите договори за одбранбената поддршка. Треба да се стави крај на оваа војна, рече Зеленски по разговорот со Рута, пренесе Укринформ.
Претседателот на Украина додаде дека воздушната одбрана е важна за Украина.
„Гледаме дека една од главните причини за недостатокот на безбедност на небото на Украина, а особено во близина на границите на НАТО, е отсуството на одлуки за заедничка работа и одбрана. Она што функционира на небото на Блискиот Исток и им помага на одбраната на Израел, може да работи и на небото во нашиот дел од Европа“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека Украина ќе продолжи да ги убедува своите партнери да воведат средства за ефикасна заштита на небото.
Зеленски додаде дека „прашањето за покана на Украина во НАТО е постојано на преговарачка маса“.
Според него, денеска со Руте разговарал за деталите за влезот на Украина во Алијансата, пренесува Танјуг.
Свет
Словачкиот премиер: На ЕУ и е потребна Русија, а на Москва и е потребна ЕУ
Европската комисија врши притисок со цел да го запре транзитот на нафта и гас од исток кон запад, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо.
„Се мачиме со тоа што има огромен притисок од Европската комисија ништо да не оди од исток кон запад и никому да не му е гајле што имаме некакво „Општество“, некакви гасоводи““, рече Фицо на прес-конференција, пренесува Спутник.
Тој посочи и дека е подготвен да вложи напори за обновување на односите со Русија, бидејќи Москва и Брисел си имаат потреба еден од друг.
„Доколку војната заврши за време на мандатот на оваа влада, ќе направам се, за да ги вратам економските и нормалните односи со Русија. Ќе направам се, бидејќи на Европската унија и е потребна Русија, а на Москва, се разбира, и е потребна ЕУ“, рече Фицо.
Тој истакна и дека неговата изјава дека нема воено решение за украинскиот конфликт се потврдува со текот на времето.
„Фактот дека нема воено решение за украинскиот конфликт го потврдуваат зборовите на многу политичари кои веќе зборуваат за компромиси, за тоа дека Украина треба да се подготви за некаков компромис“, подвлече словачкиот премиер.
Претходно словачкиот премиер најави дека на 7 октомври со својот украински колега ќе разговара за можноста за продолжување на транзитот на нафта и гас низ Украина.
Според него, Словачка е исклучително заинтересирана да се осигура дека нема прекини во транзитот на нафта и гас низ Украина, пренесува Спутник.