Европа
Путин даде големо интервју за државната телевизија: Европејците не нè послушаа

Рускиот претседател, Владимир Путин, даде интервју за државната телевизија Русија 1. Во него тој ја оцени состојбата во енергетскиот сектор и зборуваше за причините за глобалната криза со храна.
Со потсмев кон САД и Европа
Путин рече дека по почетокот на специјалната операција во Украина, САД и Европа почнале да преземаат чекори што ја влошиле ситуацијата во прехранбениот сектор и производството на вештачки ѓубрива.
„Во САД, финансиските и економските власти не најдоа ништо подобро од тоа да тргнат по патот на вбризгување големи суми пари за поддршка на населението и поддршка на одделни бизниси и сектори во економијата“, рече тој.
„Ситуацијата ќе се влоши и цените на храната ќе поскапат“
Според него, сега има обид одговорноста за тоа што се случува на пазарот за храна да се префрли на Русија, а тоа е обид, за како што рече, префрлање од болна на здрава глава.
Путин додаде дека е убеден оти ситуацијата со светските ѓубрива ќе се влоши поради санкциите, а цените на храната ќе пораснат.
Извоз на житарки од Украина
Рускиот лидер изјавата дека Москва го спречува извозот на украински житарки ја нарече блеф и ја истакна подготвеноста да го зголеми извозот на пченица на 50 милиони тони. Тој го повика Киев да ги исчисти мините од територијата под негова контрола за безбеден извоз на житото и нагласи дека Русија нема да ја искористи таквата ситуација за да организира поморски напади.
„Гарантираме мирен премин без никакви проблеми. Тие мора да ги исчистат мините и да ги подигнат бродовите од дното на Црното Море што ги потонаа за да го отежнат влезот во пристаништата на југот на Украина“, рече Путин.
Тој исто така изјави дека има десетици странски бродови во украинските пристаништа, чии екипажи и натаму се држат како заложници. Путин уште еднаш ја изрази својата подготвеност да обезбеди мирен транспорт на жито и безбедно влегување на бродовите во Азовското и Црното Море.
„Веќе ја завршуваме работата за деминирање. Украинските војници таму поставија мини во три слоја. Работата се привршува, ќе ја создадеме потребната логистика“, рече тој. Путин додаде дека украинското жито може да се извезува и преку Дунав и Полска, а најевтиниот пат е преку Белорусија, но дека за тоа треба да се укинат санкциите.
Енергетска криза
Што се однесува до енергетската криза, рускиот претседател рече дека токму кусогледата енергетска политика на европските земји довела до актуелната криза.
„Банките престанаа да даваат кредити бидејќи се под притисок, осигурителните компании престанаа да обезбедуваат релевантни трансакции, престанаа да им даваат земјиште на локалните власти за да го прошират производството, ја намалија изградбата на специјализиран транспорт, вклучително и цевководи, сето тоа доведе до недоволно инвестирање во светскиот енергетски сектор, а како резултат на тоа има пораст на цените“, рече тој.
Путин додаде дека Европејците не ги послушале итните барања на Русија за одржување на долгорочни договори за снабдување со природен гас, што имало негативно влијание врз енергетскиот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Европскиот парламент го осуди укинувањето на абортусот во САД

Европскиот парламент денеска со големо мнозинство го осуди укинувањето на уставната заштита на абортусот во САД.
Тој повика и на вклучување на ваквата заштитна мерка во Повелбата на ЕУ за основните права.
Европратениците ја усвоија резолуцијата со 324 гласа „за“, 155 „против“ и 38 воздржани, што го одразува гневот во многу земји членки на ЕУ по контроверзната одлука на Врховниот суд на САД на 24 јуни.
Резолуцијата ги повикува членките на Унијата да додадат во Повелбата за основните права на ЕУ дека секој има право на безбеден и легален абортус.
Статусот на абортусот во земјите на ЕУ е определен со националните закони. Абортусот е легален и се практикува без големо политичко противење во многу земји членки на ЕУ, а е забранет на Малта и ограничен е во Полска.
Во резолуцијата се споменува неодамнешен случај на Малта, каде што една американска туристка имала нецелосен абортус, но поради забраната за абортус, нејзиното фетално ткиво не можело да се отстрани иако животот ѝ бил во опасност.
Исто така, се соопштува дека е поведено обвинение против активист за човекови права во Полска за обезбедување апчиња за абортус.
Во резолуцијата европратениците ја изразуваат својата загриженост за можното зголемување на протокот на пари за финансирање групи што се за забрана на абортусот по одлуката на Врховниот суд на САД.
Изразувајќи стравувања дека движењата против абортусот би можеле да се шират во Европа, некои европратеници рекоа дека е потребно усвојување заштитни мерки во ЕУ.
И покрај усвојувањето на резолуцијата во ЕП, не се очекува таа да има итно влијание врз законите за абортус во ЕУ.
Европа
Зеленски по оставката на Борис Џонсон: Тој беше вистински пријател на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е убеден оти британската политика кон Украина нема да се промени во блиска иднина и покрај оставката на Борис Џонсон.
„Џонсон беше вистински пријател на Украина“, рече Зеленски во интервју за Си-ен-ен додавајќи дека Украина доби многу од таквиот однос со него мислејќи првенствено на воената поддршка.
Зеленски изрази надеж дека директно ќе разговара со Џонсон за да дознае повеќе детали за неговата оставка, пренесува Си-ен-ен.
Европа
Џонсон не планира да поднесе оставка: Во тешки околности работата треба да продолжи

Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе се бори да остане на власт и покрај зголемените повици да се повлече.
Позицијата на Џонсон ја разнишаа низа оставки од колеги и министри кои сметаат дека тој не е добар премиер. На неделниот распит премиерот во Парламентот пристигна со борбен став.
По оставката на повеќе од 20 функционери, некои претставници сметаат дека Џонсон не може да ги пополни тие позиции во време кога се повикува владата да одговори на растот на трошоците за живот и да ја поддржи економијата, чиј раст забавува и е загрозен со рецесија. Неговата судбина би можела да биде решена најрано в среда кога таканаречениот комитет 1922 ќе се состане за да ги утврди правилата за гласање доверба. Портпаролот на Џонсон рече дека Џонсон верува оти ќе преживее такво гласање.
„Работата на премиерот во тешки околности е да продолжи да работи“, рече Џонсон. Претходно, тој се обиде да го покаже својот авторитет со брзо назначување на Надим Захави за министер за финансии, а кој е популарен политичар во Конзервативната партија заслужен за брзата набавка на вакцината против Ковид-19.
Но, настапот на Џонсон во Парламентот наиде на брутален одговор, пишува „Ројтерс“. Тешката позиција во која се наоѓа се покажа кога некои негови колеги од власта не успеаја да се воздржат од смеење додека лидерот на опозицијата му кажа дека е лидер на лесната бригада.
Џонсон беше прашан за неговата оставка од тројца членови на неговата партија.
Го нападна и поранешниот министер за здравство, Саџид Џавид, наведувајќи ги сите афери и гафови. „Во одреден момент треба да одлучиме дека е премногу. Тој момент е денес“, рече Џавид. Според анкетата на YouGov, 69 отсто од Британците се согласуваат со поранешниот министер.