Свет
Путин е уверен дека ја добива војната: протече дел од разговорот меѓу Трамп и рускиот лидер

Според „Волстрит журнал“, американскиот претседател Доналд Трамп во приватен телефонски разговор со европските лидери рекол дека рускиот претседател Владимир Путин не сака да ја заврши војната бидејќи верува дека победува. Оваа информација според медиумот ја потврдиле три лица запознаени со разговорот.
„Во понеделникот, за време на телефонски разговор со европските лидери, претседателот Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не е подготвен да ја заврши војната во Украина бидејќи мисли дека победува“, напиша WSJ, повикувајќи се на свои извори.
Како што известуваат, тоа е потврда за она во што европските лидери се сомневаат долго време, но ова е прв пат да го слушнат директно од Трамп. Неговата изјава е во спротивност со неговите претходни јавни тврдења дека Путин искрено сака мир, според написите.
По разговорот со Путин, Трамп извести за своите разговори за време на телефонскиот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Џорџо Мелони, финскиот претседател Александар Стабс, германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави украинскиот UNN.
Според информациите на Аксиос, некои европски лидери изгледале изненадени или дури и шокирани од изјавите на Трамп.
Белата куќа одби да го коментира извештајот, цитирајќи ја објавата на Трамп на социјалните мрежи во која тој рече: „Тонот и духот на разговорот беа одлични. Да не беше така, веднаш ќе го кажев тоа.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.