Европа
Путин: Кризата со растот на светските цени нема никаква врска со Русија

Рускиот претседател Владимир Путин повтори дека постапките на Москва немаат никаква врска со енергетската и прехранбената криза во светот и повторно го обвини Западот дека неговата економска и финансиска политика создала такво сценарио, пренесуваат агенциите во светот.
Сегашни и поранешни енергетски функционери изјавиле за Си-ен-ен дека се загрижени оти руската инвазија на Украина, по долгогодишно недоволно инвестирање во енергетскиот сектор, ќе го доведе светот во криза, која дури може да ја надмине нафтената криза од 70-тите и раните 80-ти.
Според анализите на светските медиуми, американскиот претседател Џо Бајден ја обвини руската инвазија на Украина за растот на цените на домашниот пазар, но и за недостиг на храна на глобално ниво.
Во интервју за рускиот државен „Канал 1“, Путин ги обвинил Соединетите Американски Држави дека „пумпаат големи суми пари“ во својата економија како дел од борбата против ефектите од пандемијата на коронавирусот, што доведе до инфлација и недостиг на храна, а цените на храната скокнаа.
Како уште една причина за кризата на пазарите на храна и енергија тој ги обвинил и краткорочните политики на европските земји, а пред сè на Европската комисија, во енергетскиот сектор.
„Меѓу другото, Европејците не ги послушаа нашите итни барања за зачувување на долгорочните договори за снабдување со ист природен гас во европските земји, а исто така почнаа да ги раскинуваат договорите. Тоа имаше негативно влијание врз европскиот енергетски пазар – цените скокнаа. Русија нема апсолутно никаква врска со тоа“, изјавил Путин.
Штом поскапе бензинот, веднаш скокнаа и цените на ѓубривата бидејќи некои од нив се произведуваат и со помош на гас. Сè е меѓусебно поврзано, додал Путин.
„Но, ние предупредивме за тоа и тоа нема никаква врска со каква било воена операција во Русија“, рекол тој.
Кремљ минатата недела соопшти дека Москва е подготвена да даде значаен придонес преку извоз на жито и ѓубрива за да се избегне кризата со храна, но само доколку Западот ги укине политички мотивираните ограничувања за Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шолц: Путин не сметаше на ова, a сега го боли глава

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека нападите на руската армија врз станбените згради во Киев ја покажуваат неопходноста од меѓународно единство за поддршка на Украина.
Руската армија утринава го гранатираше Киев и погоди најмалку две станбени згради.
Тој го истакна претходното единство на Г7, Европската Унија и НАТО во организирањето поддршка за Украина.
„ Можеме со сигурност да кажеме дека Путин не сметаше на ова и дека сè уште го боли глава поради големата меѓународна поддршка за Украина, но секако и храброста на Украинците во одбраната на земјата“, изјави денеска Шолц, по првата сесија на самитот на Г7.
Нападите врз цивилни објекти, додаде тој, покажуваат дека поддршката на Украинците е правилна одлука.
Германската влада претходно беше критикувана поради неподготвеноста да испрати оружје во Украина. Сепак, Шолц рече дека „Германија и САД секогаш ќе дејствуваат заедно кога станува збор за безбедноста на Украина“.
Тој додаде дека заедно со американскиот претседател Џозеф Бајден биле едногласни за тоа што треба да се направи.
Европа
Зеленски: Ќе ги вратиме сите наши градови

Украина ќе ги врати сите градови што ги зазедоа Русите, вклучително и Северодонец, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Како што објави претседателот, Украина била погодена од 45 руски проектили во последните 24 часа.
Зеленски ги опиша нападите како циничен обид да се скрши духот на украинскиот народ. Зеленски повторно побара повеќе оружје од Западот, коментирајќи дека немилосрдните ракетни напади потврдиле дека санкциите против Русија не се доволни за да и’ се помогне на Украина.
Северодонецк падна во рацете на руските сили по неколкунеделните борби.
Европа
Лажен Кличко разговарал со градоначалниците на Берлин, Мадрид и Виена

Градоначалниците на Берлин, Виена и Мадрид разговарале во видео повик со личност која звучела и изгледала како градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, но биле измамени.
Европските градоначалници биле измамени при видео повици за кои се покажало дека се лажни, пишува Гардијан. Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифеј во петокот учествуваше во закажаниот разговор на платформата за видео конференции Webex со личност за која рече дека изгледала и звучела како Кличко.
„Немаше знаци дека видеоповикот не бил одржан со вистинска личност“, се вели во соопштението од нејзината канцеларија.
Дури по околу 15 минути наводниот градоначалник на Киев почнал да зборува за проблемот со украинските бегалци. Лицето на видеото, кое се претставувало како Кличко, ги повикало бегалците да се вратат во Украина и да се приклучат на војската.
По таа изјава, на градоначалничката на Берлин и’ станало сомнително. Откако врската накратко била прекината, кабинетот на градоначалничката на Берлин контактирал со украинскиот амбасадор во Германија. Тој стапил во контакт со Киев и потврдил дека личноста во видеоповикот не е вистинскиот Кличко, објави Der Spiegel.
Deep fake снимките користат форма на вештачка интелигенција која создава слики од лажни настани или анимации на политичари кои држат лажни говори.
„За жал, реалноста е дека војната се води со сите средства, вклучувајќи го и Интернетот, со цел да се поткопа довербата со дигитални средства и да се дискредитираат партнерите и сојузниците на Украина“, рече Гифеј.
Ист видео повик имаа и градоначалниците на Виена и Мадрид.
Канцеларијата на градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, исто така, поднесе пријава во полиција за некој што лажно се претставувал како Кличко во видео повик. Според неговиот портпарол, градоначалникот веднаш по почетокот на разговорот му се посомневал и го прекинал разговорот.
Градоначалникот на Виена, Мајкл Лудвиг, во средата објави на Твитер дека разговарал со Кличко преку видео повик. Твитот беше избришан во саботата. Набргу потоа, на официјалната страна на Виена беше објавено соопштение дека Лудвиг се чини дека бил жртва на „сериозен случај на сајбер криминал“.