Европа
Путин се согласи на мировни преговори, рече Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, утринава зборуваше за вчерашниот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, кој траеше речиси еден и пол час. Песков рече дека Трамп повика на брз прекин на непријателствата и мирно решавање на конфликтот.
„Претседателот Путин, од друга страна, ја истакна потребата да се елиминираат основните причини за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне преку мировни преговори“, рече Песков за новинарите.
Тој додаде дека рускиот претседател ја поддржува идејата дека „дојде време нашите земји да соработуваат“ и го покани Трамп да ја посети Москва.
Путин исто така изрази подготвеност да прими американски претставници во Русија за да разговараат за теми од заеднички интерес вклучувајќи ги и прашањето за Украина и мирното решение во таа земја, рече Песков.
Во меѓувреме, шефот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин, за државната новинска агенција РИА изјави дека телефонскиот разговор на Путин со Трамп бил длабок и значаен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ: Путин ќе разговара со Трамп

Кремљ потврди дека специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин за време на вчерашната посета на Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател и Виткоф се согласиле за потребата од разговор меѓу Трамп и Путин, но точниот датум сѐ уште не е договорен.
„Точното време на разговорот меѓу двајцата претседатели сѐ уште не е одредено“, изјави Песков за новинарите.
„Откога господинот Виткоф ќе му ги пренесе на својот претседател сите информации што ги добил во Москва, тогаш ќе одредиме време за разговор“, додаде тој.
Песков исто така за новинската агенција ТАСС изјави дека двете страни „разбираат дека е неопходен разговор меѓу претседателите“.
Европа
ЕУ ќе ги продолжи санкциите кон Русија и покрај унгарските закани

Високи дипломати на Европската Унија утринава се согласија да ги продолжат санкциите против речиси 2.000 руски граѓани, вклучително и претседателот Владимир Путин, многу високи политичари и бизнисмени.
Санкциите, кои мора да се обновуваат едногласно на секои шест месеци, остануваат во сила до 15 септември 2025 година.
По заканата на Унгарија дека ќе стави вето на списокот, четири лица беа отстранети од списокот, а три лица, кои неодамна починаа, исто така беа избришани, велат извори од ЕУ.
Банкарскиот и енергетски тајкун Михаил Фридман, кој делумно ја доби правната битка против санкциите на ЕУ минатиот април, останува на листата, велат изворите.
Европа
Американското разузнавање: Путин нема намера да се откаже од освојување на Украина

Рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од својата цел да ја контролира Украина и покрај напорите на САД да посредуваат за прекин на огнот, објави „Вашингтон пост“ повикувајќи се на извори запознаени со доверливите извештаи на американските разузнавачки служби.
Според еден американски функционер, Путин и понатаму има „долгогодишна желба да ја обнови мајката Русија и останува решен да воспостави контрола над Киев. Оваа процена беше меѓу разузнавачките извештаи дистрибуирани до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 6 март.
Некои официјални лица веруваат дека дури и ако Русија се согласи на привремен прекин на огнот, Москва би ја искористила паузата за повторно да се вооружи, да го прекрши договорот и да изврши провокации, кои потоа ќе ѝ ги припише на Украина.
Пред три дена, за време на преговорите во Џеда, Украина се согласи на 30-дневен прекин на огнот под услов и Русија да го стори тоа. Овој договор го поттикна Вашингтон да ја обнови воената и разузнавачката поддршка за Киев.
Путин вчера изјави дека Русија е подготвена да го прифати американскиот предлог за прекин на огнот, но само доколку Украина ги прекине мобилизацијата, воената обука и увозот на оружје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли условите на Путин како руска манипулација и повика на построги санкции против Москва.
Трамп, кој претходно предупреди на погубни финансиски последици за Русија доколку војната се одолжува, вчера изјави дека изјавата на Путин е „многу ветувачка“, но „не е целосна“.
Европски разузнавач изјави за „Вашингтон пост“ дека Москва го гледа Трамп како слаб, непринципиел и потенцијално подложен на манипулации врз основа на неодамнешните разузнавачки информации.
Ако се постигне траен прекин на огнот, Русија, најверојатно, ќе се врати на хибридните методи, пропагандата, економскиот притисок и сајбер-нападите што ги користеше против Украина пред нејзината инвазија во 2022 година, додаде функционерот.
Американските власти и понатаму се внимателни во процената на можните мировни услови што Путин би можел да ги прифати, но тие не гледаат индикации дека тој се откажал од своите напори да го врати Киев под руско влијание.
Западни безбедносни извори претходно за „Блумберг“ изјавија дека Путин поставил максималистички барања во врска со територијалните отстапки, мировните сили и украинската неутралност, свесен дека овие услови се неприфатливи за Киев и европските земји.