Свет
Путин со реакција на одговорот од Западот: „Го игнорираат клучното прашање“

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека САД и НАТО не ги исполниле безбедносните барања на Русија во однос на Украина, но Москва сѐ уште е подготвена да разговара. Ова е прва реакција на Путин на писмените одговори на Западот на барањата на Русија, кои ги даде во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон по неколкунеделниот молк за кризата на украинско-руската граница, пренесуваат медиумите во светот.
Кремљ соопшти дека Путин му рекол на Макрон дека ќе ги проучи писмените одговори од Вашингтон и НАТО оваа недела пред да одлучи за понатамошна акција.
„Привлечено е внимание на фактот дека САД и НАТО не ги зедоа предвид главните грижи на Русија“, соопшти Кремљ. Сè уште не е објавен писмен одговор, но Лавров во четвртокот рече дека јавноста набргу ќе биде информирана.
Русите бараат од Западот да не го шири НАТО на исток и да не поставува офанзивно оружје во близина на границите на Русија. Москва сака северноатлантските воени капацитети и инфраструктура да се вратат на она што беше пред поранешните земји од Варшавскиот пакт да влезат во НАТО.
„Клучното прашање е игнорирано – како САД и нивните сојузници имаат намера да го почитуваат принципот на безбедносен интегритет дека никој не треба да ја зајакнува својата безбедност на сметка на безбедноста на друга држава?“, истакнале од Кремљ, кој често се повикува на декларации на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кои ги содржат овие принципи, пишува во новинарските извештаи.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во петокот изјави дека Москва не сака војна.
„Ако зависи од Русија, нема да има војна. Ние не сакаме војни. Но, исто така не сакаме нашите интереси да бидат газени, игнорирани“, изјави тој за руските радиостаници.
Во петокот тој изјави дека не може да ја исклучи можноста во источна Украина да има сили што сакале да предизвикаат конфликт, пренесуваат руските агенции.
„Според западните податоци, мислам дека има околу 100.000 војници на фронтот. А режимот во Киев не ги контролира повеќето од овие вооружени луѓе“, рече Лавров.
НАТО во петокот соопшти дека внимателно ја следи Русија, која регрупирала десетици илјади војници во близина на границата со Украина. Генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека алијансата е подготвена да го зголеми своето воено присуство во Европа и дека руската агресија може да има и форма на сајбер-напад, обид за државен удар или саботажа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кокаин откриен во контејнер со банани на Малта

Малтешките цариници заплениле рекордни 1,5 тони кокаин скриен во контејнер со кој се превезувале банани од Колумбија во Словенија, пренесуваат медиумите во соседството. Како што пишува словенечки „Дневник.си“, големата заплена на кокаин е втора поголема заплена годинава.
Црногорската полиција на почетокот на годинава запленила пратка од 400 килограми кокаин од Еквадор, пишува словенечкиот весник.
Вредноста на дрогата, според написите, се проценува на 300 милиони евра.
Цариниците заплениле 50 кеси, во кои имало 1.494 пакувања кокаин, од кои секоја тежела по еден килограм, соопштила царината на Малта. Според локалните весници, бродот го имал пристаништето Копер како крајна дестинација.
Случајот го истражува наркополицијата на Малта, пишуваат медиумите.
Европа
Борел: ЕУ нема да дозволи Украина да остане без воена опрема

Министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, изјави дека блокот нема да дозволи Украина да остане без воена опрема додека војната против Русија продолжува на нејзина територија.
„Европската Унија нема да дозволи Украина да остане без опрема“, изјави Борел пред новинарите во Брисел по состанокот на министрите за одбрана на ЕУ, пренесува „Ројтерс“.
Тој додал дека руската армија претрпела големи загуби доколку бројките и извештаите се покажат како точни.
„Не би се осмелил да претпоставам колку долго Русија може да се спротивстави“, изјавил Борел.
Европа
Ѓукановиќ: Проблемите на Балканот се последица на конфузија во односите со ЕУ, ни треба членство

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во Берлин изјавил дека голем дел од проблемите на Западен Балкан се должи на конфузијата во односите на Европската Унија и дека третите страни го искористиле тоа за да ги зајакнат своите спротивставени интереси, пренесуваат медиумите во соседството.
„Мислам дека оваа конфузија беше предизвикана од многу шарени пораки, кои со години доаѓаат од разни адреси“, изјавил Ѓукановиќ по разговорот со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Осврнувајќи се на изјавата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за потребата од создавање европска политичка заедница, Ѓукановиќ на новинарите им кажал дека би било важно да се слушне малку подетаљна елаборација на таа идеја.
„Европа треба да го потврди она што го кажа во изминатите 30 години кога реализира неколку бранови на проширување: „А тоа е дека секоја европска земја, вклучително и секоја земја од Западен Балкан, има свое место во ЕУ и дека Европа ја продолжува политиката за проширување, што значи дека секој ќе си го добие своето место во зависност од способноста да спроведе реформи и да достигне стандарди. Ништо освен тоа“, нагласил црногорскиот претседател.
Според него, ваквата порака „малку ќе ја расчисти маглата над Западен Балкан, која се прошири благодарение на конфузијата во последните неколку години и повторно го отвори просторот за влијание на малигните политики“.
„Затоа што, сакале да си признаеме или не, Западен Балкан е традиционално простор во кој многумина успешно манипулираа низ историјата, многумина успешно нѐ спречија во она што се нашите стратешки интереси“, рекол црногорскиот претседател.
Тој додал дека ова е време кога треба да се престане со манипулациите и сите да се фокусираат на она што е несомнен заеднички интерес и заедничка цел, во чие остварување ЕУ треба да му помогне на регионот со своето единство и одлучност.
„Добивме очекувана, многу поволна порака дека Германија го гледа Западен Балкан во ЕУ и дека, се разбира, сака да продолжи да ги почитува правилата во политиката за проширување што важат за сите сегашни членки на ЕУ“, рекол тој.
„Повеќе не може да се толерираат разни ставови бидејќи тие само дополнително ќе ја заматат суштината, а таа суштина е неизбежноста на европската перспектива. Кога таа суштина ќе се замагли, тогаш, се разбира, се отвора простор за натамошно влијание на трети страни, кои дејствуваат од антиевропската платформа“, изјавил тој.
„Мислам дека не ни треба алтернатива, ни треба членство“, нагласил Ѓукановиќ.