Свет
Путин: Ќе ја поддржиме Камала Харис, се смее толку експресивно и заразно што значи дека сѐ е во ред со неа
Русија сака Камала Харис да победи на претседателските избори во САД, рече претседателот Владимир Путин во четвртокот во очигледно ироничен коментар наведувајќи ја нејзината заразна смеа како причина што му се допаѓа повеќе од Доналд Трамп.
Путин говореше еден ден откако американското Министерство за правда обвини двајца руски медиумски директори за наводна нелегална шема за користење проруска пропаганда за влијание на ноемвриските избори.
Водачот на Кремљ претходно оваа година, пред претседателот Џо Бајден да се повлече од трката, исто така со очигледна иронија изјави дека го претпочита него пред Трамп бидејќи Бајден е попредвидлив политичар од старата школа.
На прашањето како сега гледа на изборите, Путин на економски форум на рускиот Далечен Исток рече дека тоа е избор на американскиот народ.
Но, тој потоа додаде дека бидејќи Бајден им препорачал на своите поддржувачи да ja поддржат Харис, „и ние ќе го сториме тоа, ќе ја поддржиме неа“.
„Таа се смее толку експресивно и заразно што значи дека сѐ е во ред со неа“, рече Путин и додаде дека тоа може да значи дека ќе се воздржи од дополнителни санкции против Русија.
Американските разузнавачки агенции веруваат дека Русија сака Трамп да победи бидејќи тој е помалку посветен да ја поддржува Украина во војната против Русија, пренесуваат медиумите во светот.
Но, Путин рече дека Трамп како претседател наметнал повеќе санкции за Русија од кој било во Белата куќа пред него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украинските хакери нападнаа руски банки: блокирани сметките на граѓани низ целата држава
Хакери од Главната управа за разузнавање на Украина извршија уште еден сајбер напад врз банкарскиот систем на Руската Федерација.
„Како резултат на операцијата, беше нарушена работата на најголемите банкарски институции на државата агресор, кои ја обезбедуваат работата на окупаторските сили на вооружените сили на Русија“, се вели во соопштението на Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана во Украина.
Се наведува дека Банката на Русија, Тинкоф банка, Газ банка и платниот систем на СБП биле под сајбер напад, пренесува „Укринформ“.
Корисниците во многу региони на Руската Федерација се жалат на блокираното работење на онлајн услугите на финансиските институции, неможноста да се користи лична сметка, суспензијата на веб-страниците и мобилните апликации на банките. Исто така, клиентите на банките не можат да плаќаат за услуги преку Интернет.
Во соопштението на ГУР се истакнува дека на 7 септември бил извршен сајбер напад врз бројни руски ресурси вклучени во водењето на војната.
Особено беа нападнати претпријатијата кои произведуваат елементи за радио-електронската база, други резервни делови за руско оружје и опрема за обработка на метал.
Погодени се и ресурсите на компаниите кои учествуваат во развојот на воената инфраструктура на Русија, се додава во соопштението.
Свет
Eксплодира цистерна на Хаитите, најмалку 15 загинати
Најмалку 15 луѓе во западниот дел на Хаитите загинаа по експлозија на цистерна полна со гориво, објави денеска премиерот на Хаити, Гари Конил, на социјалните мрежи.
Околу 40 луѓе се тешко изгорени во инцидентот што се случи кај Мирагоане во областа Нипс, соопшти премиерот. Ова се прелиминарни бројки, додаде тој.
Регион
Ердоган ги спореди израелските напади во Газа со геноцидот во Сребреница
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска по разговорот со претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ изјави дека Израел ќе одговара за злосторствата во Газа, споредувајќи ги со геноцидот во Сребреница.
„За жал, денес во Газа и на окупираните палестински територии сме сведоци на сличен масакр што беше извршен пред очите на целиот свет во Босна и Херцеговина во 1990-тите“, рече Ердоган, кој денеска го прими Беќировиќ во Истанбул.
Тој додаде дека Израел ќе биде кривично гонет за убиствата на повеќе од 41.000 Палестинци во Газа, вклучително и турскиот активист Ајсенур Езги Ејги, кој беше убиен на Западниот Брег минатата недела.
„Сторителите на геноцидот во Газа, како оние во Сребреница во 1995 година, ќе одговараат пред меѓународните судови“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Турција ја спонзорирала Резолуцијата на ОН за осуда на геноцидот во Сребреница и дека таа земја се залага за стабилноста на Босна и Херцеговина. Тој ги повика властите во БиХ да се приклучат во борбата против движењето ФЕТО, сметајќи дека таа организација е терористичка.
Фето е движење на Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник, а сега противник на претседателот Ердоган, кого го смета за виновен за обидот за воен удар во јули 2016 година. Беќировиќ рече дека пријателството меѓу Босна и Херцеговина и Турција е нераскинливо.
„Република Турција е докажан пријател на Босна и Херцеговина и една од најсилните членки на НАТО алијансата и затоа, меѓу другото, нејзината поддршка за Босна и Херцеговина е исклучително важна“, нагласи Беќировиќ.