Вести
Пјонгјанг не стравува од ширење на санкциите на САД, продолжува со нуклеарната програма
Северна Кореја не стравува од ширење на санкциите од САД, кои би биле насочени на отсекување на оваа земја од глобалниот финансиски систем и ќе продолжи со забрзаниот развој на своите нуклеарна и ракетна програма, изјави во вторникот за Reuters заменикот амбасадор во севернокорејската мисија во Обединетите нации во Женева, Чо Мјонг-нам, а регионалните агенции во средата јавуваат за уште еден ракетен тест од страна на Пјонгјанг кој бил неуспешен.
Според севернокорејскиот дипломат Чо Мјонг-нам, развојот на нуклеарната и ракетна програма вклучува „способност за превентивен прв напад“ и развој на интерконтиненталните балистички ракети (ICBM).
Претходно во понеделникот Reuters извести, цитирајќи висок американски функционер во администрацијата на претседателот Доналд Трамп дека се разгледува проширување на санкциите против Северна Кореја, чијашто цел е да се запре ширењето на нуклеарната и ракетна програм на оваа земја.
Севернокорејскиот дипломат смета дека најавата за проширување на санкциите произлегува од посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на Јапонија, Јужна Кореја и Кина, и вели дека во Пјонгјанг не се загрижени поради можната забрана за меѓународни трансакции.
Тој сегашните санкции ги нарече „одвратни и нехумани“ и додаде дека Северна Кореја е под санкции веќе половина век, но преживува благодарејќи на својата самодостатност. Притоа остро ги осуди заедничките воени вежби кој на поделениот Корејски полуостров во моментов ги спроведуваат САД и Јужна Кореја.
Северна Кореја во средата „многу веројатно“ неуспешно извела ново ракетно тестирање, две седмици откако беа стрелани четири проектили во Јапонското Море, пренесува агенцијата Yonhap, повикувајќи се на јужнокорејското министерство за одбрана.
„Јужна Кореја и САД се запознаени со лансирањето на севернокорејската ракета и веруваат дека тоа било неуспешно“, изјавил портпаролот на министерството. Притоа не ги навел деталите околу типот на тестираната ракета.
Јапонската новинска агенција Kyodo, пак, известува цитирајќи неименувани владини извори, дека Пјонгјанг веројатно истрелал неколку ракети во средата утрото. Проектилите веројатно се лансирани од истокот на Северна Кореја, додава агенцијата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
