Свет
Русија воведе промена во регрутирањето војници
Долниот дом на рускиот парламент едногласно изгласа да се воведе електронско испраќање на воени покани, што е новина во таа земја, а одлуката беше изгласана додека властите настојуваат да го отежнат избегнувањето на воениот рок. Думата прелиминарно го одобри законот во второ читање.
Руските власти соопштија дека за војната против Украина се мобилизирани нешто повеќе од 300.000 војници, а сега се обидуваат да регрутираат доброволци.
„Треба да го усовршиме и модернизираме системот за воено повикување“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на редовниот брифинг со новинарите во вторникот, каде што потсети и на проблемите за време на минатогодишната мобилизација.
Првичната одлука за мобилизација за прв пат по Втората светска војна поттикна десетици илјади мажи на воена возраст да избегаат во странство, а протести избија во неколку руски градови, но брзо беа задушени. Песков ја отфрли тезата дека плановите за дигитализација може да предизвикаат дополнителен бран на паника и емиграција кај младите Руси кои сакаат да избегнат борби во Украина.
„Овој план не е поврзан со мобилизација“, рече тој и повтори дека властите не планираат да извршат втор бран на мобилизација.
Според сегашниот систем, на машките регрути им се испраќаат покани на нивните адреси. Војската понекогаш има проблеми со проверката дали воените покани се соодветно примени и дали адресата е точна.
Според новиот предлог, поканите ќе се испраќаат електронски и ќе се сметаат за испорачани веднаш по електронската испорака. Минатата година, Кремљ вети дека ќе ги исправи „грешките“ во првичната мобилизациска кампања, во која некои мажи кои не беа подобни за мобилизација поради возраста или здравствената состојба беа повикани да се борат во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина за повлекувањето на Трамп од СЗО: Оваа организација треба да се зајакне, а не да се ослабува
Улогата на Светската здравствена организација (СЗО) треба само да се зајакне, а не да се ослабне, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави повлекување од организацијата. Кина ќе продолжи да ја поддржува СЗО во исполнувањето на нејзините одговорности, изјави портпаролот на министерството Гуо Џиакун на редовната прес-конференција.
Трамп денеска објави дека Соединетите држави ќе се повлечат од Светската здравствена организација, објаснувајќи дека, според него, глобалната здравствена агенција погрешно се справила со пандемијата „Ковид-19“ и со другите меѓународни здравствени кризи. Трамп, исто така, рече дека СЗО не успеала да биде независна од несоодветно политичко влијание од земјите-членки и дека барала големи плаќања од Соединетите држави, несразмерни со сумите обезбедени од други поголеми земји, како што е Кина.
„СЗО не украде, сите крадат од Соединетите држави. Тоа нема да се повтори“, рече Трамп при потпишувањето на извршната наредба за повлекување, набргу по неговата инаугурација за втор мандат.
Овој потег значи дека САД ќе ја напуштат здравствената агенција на Обединетите нации за 12 месеци и ќе ги стопираат сите финансиски придонеси за нејзината работа. САД се убедливо најголемиот финансиски поддржувач на СЗО, со околу 18 отсто од вкупното финансирање.
Последниот двегодишен буџет на СЗО, за 2024 и 2025 година, изнесуваше 6,8 милијарди долари. Заминувањето на САД најверојатно ќе ги загрози програмите низ организацијата. Повлекувањето на Трамп од СЗО не е неочекувано. Тој, исто така, сакаше да ја напушти организацијата во 2020 година, за време на неговиот прв претседателски мандат, обвинувајќи ја СЗО дека и помага на Кина во нејзините напори да го измами светот за потеклото на коронавирусот. Според американскиот закон, напуштањето на СЗО бара отказен рок од една година и плаќање на сите неподмирени обврски.
Свет
Земјотрес во Тајван: 27 лица полесно повредени, има и материјална штета
Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала го погоди јужниот дел на Тајван, при што беа повредени 27 лица а предизвикана е и материјална штета.
Епицентарот на земјотресот бил на околу 40 километри југоисточно од округот Чијаи, на длабочина од 10 километри, соопшти тајванската централна метеоролошка агенција.
Материјална штета има во градовите Чиао и Таинан.
Пожарникарите соопштија дека 27 лица се хоспитализирани со полесни повреди.
Спасувачите се уште се на терен, а засега нема информации за смртни случаи, пренесоа медиумите во светот.
Свет
Трамп не е убеден дека примирјето во Газа ќе се одржи
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е уверен дека договорот за прекин на огнот во Појасот Газа ќе се одржи.
„Тоа не е наша војна, тоа е нивна војна. Но, не сум сигурен дека примирјето ќе се одржи“, рече Трамп како одговор на прашањата на новинарите, пренесе Би-би-си утрово.
Тој додаде дека Хамас е ослабен, и дека Појасот Газа изгледа како место на масовно уништување.
Трамп, поранешен магнат за недвижности, исто така рече дека „може да се направат убави работи“ со Газа ако планот се оствари.
„Тоа е феноменална локација на море. Знаете, се е добро“, додал американскиот претседател, пренесе Би-би-си.