Европа
Русија: Во „Азовстал“ се предадоа околу 1.000 украински борци, меѓу нив и припадници на „Азов“

Речиси 1.000 украински борци скриени во фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол се предале, соопшти руското Министерство за одбрана. Руското министерство соопшти дека 694 борци на украинската армија и баталјонот „Азов“ се предале во изминатите 24 часа.
Оттаму додаваат дека досега се предале вкупно 959 лица, од кои 265 ја напуштиле челичарницата при првите евакуации во понеделникот. Оние кои ќе ја напуштат фабриката се носат на територија под руска контрола. Украинските власти сè уште не ги дале најновите информации за тоа колку борци денеска ја напуштиле фабриката за челик во Мариупол.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека акцијата за спасување војници продолжува. „Нашите воени и разузнавачки претставници надгледуваат. Вклучени се највлијателните меѓународни посредници“, рече Зеленски.
Русија и Украина споменуваат договор според кој војниците можеле да ја напуштат фабриката за челик, но многу детали од договорот не се јавни. Останатите прашања се: Уште колку борци има внатре? Дали е договорена замена на заробеници и, доколку е така, под кои услови?
Кремљ соопшти дека заробениците ќе бидат третирани во согласност со меѓународните стандарди. Украина соопшти дека сака размена на затвореници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Песков: „Русија има план доколку НАТО се прошири“

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека руското Министерство за одбрана има планови за безбедноста на земјата доколку НАТО се прошири.
Песков денеска изјави дека Русија прави напори да ја обезбеди својата безбедност, особено во контекст на можното распоредување на оружје на НАТО во Финска и Шведска.
„Таквите опции се разгледуваат, а тоа не го прави Кремљ, туку Министерството за одбрана. Веќе кажавме дека имаат соодветни планови и се прават напори за да се обезбеди нашата безбедност“, изјави Песков на прашањето дали Русија разгледува опции за одговор на евентуалното формирање на базата НАТО во Финска недалеку од руската граница, пренесува ТАСС.
Прашан за коментар за процесот на приклучување на Финска и Шведска во НАТО, Песков рече дека претседателот Владимир Путин веќе ја разјаснил својата позиција „и нема што да се додаде“.
Шефовите на дипломатиите на Финска и Шведска и амбасадорите на 30 членки на НАТО рано денеска ги потпишаа протоколите за пристапување во алијансата.
Тие ќе можат да влезат во НАТО откако сите членки ќе ги ратификуваат документите.
Европа
Шолц: Мораме да се подготвиме дека оваа ситуација нема да се промени во догледна иднина

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги подготвува граѓаните на Германија за натамошни поскапувања.
„Актуелната криза нема да помине за неколку месеци – порача социјалдемократот (СПД) на почетокот на таканаречената „заедничка акција“ со највисоките претставници на работодавачите и синдикатите, во кабинетот на канцеларката. Војната на Русија во Украина и нарушените синџири на снабдување поради пандемијата на корона создадоа општа неизвесност. Мораме да се подготвиме за фактот дека оваа ситуација нема да се промени во догледна иднина“, рече Шолц. „Германија се соочува со „историски предизвик“, додава тој.
Целта на овој прв од серијата состаноци е да се најдат инструменти за потиснување на растот на цените. Резултатите ќе бидат познати дури наесен, пишуваат тамошните медиуми.
„Како држава, добро ќе ја поминеме оваа криза само ако се обединиме, ако заеднички, рака под рака, изнаоѓаме решенија“, нагласи Шолц.
„Пораката што ми е важна е да се држиме заедно“, рече канцеларот.
Претседателот на работодавците Рајнер Дулгер исто така гледа темни облаци на хоризонтот.
„Земјата се соочува со најтешката економска и општествено-политичка криза од обединувањето. Тоа може да се надмине само со заеднички напори. Постојаниот економски раст, како што е забележан пред пандемијата на корона и почетокот на војната во Украина, веќе не е нешто што се зема здраво за готово. Пред нас се тешки години“, рече тој.
Европа
Рускиот министер за одбрана: Воспоставуваме поморски коридори за извоз на жито

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Русија воспоставува два хуманитарни поморски коридора во Црното и Азовското Море за да го олесни извозот на жито.
„Преземаме сет на мерки за да овозможиме безбедна пловидба во водите на Црното и Азовското Море. Опасноста од мини во пристаништето Мариупол е целосно елиминирана“, рече Шојгу, а пренесе руската новинска агенција РИА Новости.
Русија постојано повторува дека не го попречува извозот на украинско жито.