Европа
Русија: Евакуиравме над 30.000 луѓе од пограничните области со Украина

Околу 30.400 луѓе, меѓу кои речиси 8.000 деца, се евакуирани од областите што граничат со Украина поради гранатирање и напади, изјави рускиот комесар за човекови права.
Комесарката Татјана Москалкова во интервју за порталот Аргументи и Факти изјави дека сите евакуирани се сместени во речиси 1.000 центри за привремено сместување низ Русија.
Украина, која беше нападната од Русија во февруари 2022 година, возврати со гранатирање и напади врз руските погранични области, при што војската тврди дека нападите се насочени кон инфраструктурата клучна за воените напори на Москва.
Украинските сили уште во август започнаа напад и упаднаа во регионот Курск, преземајќи контрола над десетици места. Оттогаш, тие ги задржаа повеќето од нивните позиции.
Москалкова рече дека и се пожалиле дека сега не се знае каде се наоѓаат повеќе од 1.000 руски државјани на Курск и дека се верува дека биле однесени од украинските воени сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Гори руска рафинерија по украински напад: црн чад го покрива небото, пожарот беснее

Украина во текот на ноќта нападна нафтена рафинерија во градот Сизран во руската област Самара, изјави во средата регионалниот гувернер, пренесува Ројтерс.
„Службите за итни случаи работат на погодената територија. Според прелиминарните информации, нема жртви“, напиша Вјачеслав Федоришчев на апликацијата за пораки Телеграм.
💥 Russia: Syzran Oil Refinery struck by Ukrainian drones. 900km from Ukraine in Samara region.
The facility refined 8.5 million tons of crude oil annually – 170,000 barrels per day, accounting for 2.6% of Russia's total capacity. pic.twitter.com/7fngd5FCtN— Igor Sushko (@igorsushko) February 19, 2025
Тој не прецизираше дали рафинеријата е оштетена. Каналите на Телеграм, База и Маш објавија дека по нападот избувнал пожар.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека системите за воздушна одбрана уништиле девет украински беспилотни летала во текот на ноќта, над регионите Брјанск, Татарстан и Тула и Црното Море.
Европа
Папата има воспаление на двете белодробни крила, тој е во болница: Ватикан објави нови информации

Папата Франциско помина мирна ноќ во болница и појадуваше, објави Ватикан во најновиот извештај за кревкото здравје на Папата.
Франциско има воспаление на двете белодробни крила, објави во вторникот Ватикан, што го отежнува лекувањето на 88-годишниот папа кој на 14 февруари беше примен во римската болница Гемели.
Билатералната пневмонија е сериозна инфекција која може да предизвика воспаление и лузни во двете белодробни крила и да го отежне дишењето.
Ватикан во понеделникот соопшти дека лекарите по втор пат го промениле третманот на папата за време на неговиот престој во болница за да одговорат на сложената клиничка слика.
Франциско, кој е папа од 2013 година, неколкупати имал грип и други здравствени проблеми во последните две години.
Европа
Порошенко: Канцеларијата на Зеленски ми кажа да го поддржам законот ако не сакам да се соочам со санкции

Поранешниот украински претседател и актуелен пратеник Петро Порошенко ја обвини канцеларијата на Володимир Зеленски за уцена. „Ми беше кажано дека ако мојата парламентарна група гласа за нацрт-законот за нуклеарната централа „Хмелницки“, нема да имам проблеми со санкциите“, рече Порошенко во интервју за „Украинска правда“.
Да потсетиме, Зеленски на 13 февруари ја одобри одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување неограничени санкции за неколку лица од висок профил, вклучувајќи го и Порошенко. Порошенко ги осуди санкциите како неуставни и политички мотивирани.
Парламентарната пратеничка група на Порошенко се спротивстави на неодамнешниот предлог-закон за купување на два руски реактори од Бугарија за нуклеарна централа, потег што Зеленски го нарече клучен за енергетската независност на Украина.
Некои пратеници го критикуваа договорот, нарекувајќи ги реакторите застарени и скапи. Парламентот се соочуваше со постојано одложување на усвојувањето на законот, што доведе Бугарија да го продолжи рокот за договорот до март.
Порошенко, исто така, го обвини Зеленски за пречекорување на неговите овластувања со санкции. Тој го критикуваше нацрт-законот против олигарсите од 2022 година, кој ги дефинира олигарсите како поединци со значително медиумско влијание, политички ангажман и имот што надминува 2,27 милијарди украински гривни (52 милиони евра).
„Зеленски манично сонуваше за санкции“, рече тој, додавајќи дека само силниот одговор од Венецијанската комисија го спречи усвојувањето на законот.
Порошенко даде интервју и за украинскиот информативен сајт Censor.net. Во тоа интервју тој посочи дека украинските власти планираат да одржат претседателски избори до крајот на оваа година. „Запишете го – 26 октомври годинава“, рече тој. Тој додаде дека државната печатница сега го пресметува бројот на гласачки ливчиња потребни за одржување на изборите.
Тој истакна дека оваа информација ја добил од анонимни упатени лица од кабинетот на украинскиот претседател. „Според нашите извори, Украинската изборна комисија почнува да го ревидира избирачкиот список. Ова е исклучиво заради подготовка за изборите“, изјави тој.
Петгодишниот мандат на Зеленски требаше да заврши на 20 мај минатата година. Изборите требаше да се одржат во март или април 2024 година, но беа одложени затоа што земјата се уште е во вонредна состојба. Според украинскиот устав, Зеленски продолжува да ги извршува своите должности додека не биде избран нов шеф на државата.