Свет
Русија и Кина објавија заедничка изјава против ширењето на НАТО и независноста на Тајван
Русија и Кина денеска со соопштение го повикаа НАТО да го запре ширењето на исток, а Москва нагласи дека ја поддржува позицијата на Пекинг за Тајван и се противи на независноста на таа островска држава во која било форма.
Заедничката изјава, која вклучува жестоки критики за САД, е објавена за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Кина по повод Зимските олимписки игри. Кремљ објави дека Путин и кинескиот претседател Шји Џјинпинг имале топли и значајни разговори во Пекинг, а односите меѓу двете земји ги опиша како напредно партнерство од посебен карактер.
По тој повод Путин го претстави новиот договор за испорака на природен гас за Кина, што е нов показател за продлабочување на односите меѓу двете соседни земји во време на растечки тензии со западот.
„Руската страна ја повторува својата поддршка за кинеската политика, потврдува дека Тајван е составен дел на Кина и се противи на секаков облик на негова независност“, се вели во соопштението.
Москва и Пекинг изразиле загриженост за „напредокот на американскиот план за развој на глобален систем за противракетна одбрана и потоа негово распоредување во разни региони во светот“ и посочиле дека се противат на понатамошното проширување на НАТО кон исток барајќи од алијансата да се откаже од својoт „идеолошки пристап од времето на Студената војна“.
Запирање на проширувањето на НАТО во соседството на Русија е главното барање на Кремљ во спорот со западот за Украина. САД ја отфрлија идејата Русија да ја одредува иднината на Киев, но се отворени за разговори за други теми, како што е контролата на оружјето.
Кина го поддржува рускиот предлог за правни безбедносни гаранции во Европа, порачаа двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.