Европа
Русија одговара на санкциите на ЕУ: Москва сака контрола врз изворите на гас што Европа планира да ги снабдува

Русија има намера да го задржи статусот крал на гасот во случај на намалување на директните испораки на гас во Европа со контролирање на алтернативните извори на увоз на гас, се вели во написот на колумнистот Абдел Хаким ал-Рувајд за агенцијата „Нун пост“.
„Освен што ја минимизираат штетата од воведувањето на антируските санкции, Русите сакаат да го задржат статусот крал на гасот“, смета Хаким ал-Рувајд. Така, Русија или ќе остане главен снабдувач на енергија за Европа или ќе ја преземе контролата врз секој проект што го смета за алтернатива на рускиот гас.
Како аргумент тој ги наведува податоците за интересот на Москва за инвестирање во најдолгиот подводен гасовод во светот „Нигерија – Мароко“, кој Европската Унија го смета за алтернатива на испораките од Руската Федерација.
Ова ќе ѝ овозможи на Русија да го примени своето колосално искуство во вакви проекти и да го прошири своето влијание во Африка, се наведува во написот.
Европската комисија се подготвува да усвои план во случај на остар прекин на испораките на гас за Европа од Русија, кој предвидува обврска на земјите што имаат сино гориво да го делат со оние што немаат.
Документот предвидува земјите што имаат алтернативни извори на снабдување, вклучително и Шпанија, да пренасочуваат дел од својот гас во земјите што немаат такви извори.
Дополнително, се очекува воведување рационализација на потрошувачката на енергија, со што компаниите од земјите со помалку енергетски проблеми не би стекнале конкурентска предност пред компаниите од земјите со повеќе проблеми во оваа област, пренесуваат светските агенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
СЗО за мајмунските сипаници: Нема да биде потребна масовна вакцинација

Од Светската здравствена организација осврнувајќи се на проблемот со мајмунски сипаници во неколку земји, наведуваат дека не веруваат дека епидемијата на мајмунски сипаници надвор од Африка ќе бара масовна вакцинација бидејќи мерките како што се добра хигиена и безбедно сексуално однесување ќе помогнат да се контролира ширењето, пренесуваат медиумите.
Ричард Пебоди, кој го води тимот на СЗО за патогени со висока закана за Европа, за Ројтерс изјавил дека сегашните залихи на вакцини и антивирусни лекови се релативно ограничени.
Неговите коментари следеа откога американскиот Центар за контрола и превенција на болести соопшти дека се во процес на пуштање на некои дози од вакцината „Џиннеос“ за употреба во случаи на мајмунски сипаници.
Германската влада рече дека ги проценува опциите за вакцинација, додека ОК веќе има понудено вакцини на некои здравствени работници, анализираат медиумите.
Според нив, јавните здравствени власти во Европа и Северна Америка истражуваат повеќе од 100 сомнителни и потврдени случаи на вирусната инфекција.
Примарни мерки за контрола на епидемијата се следење на контакт и изолација, рече Пебоди, истакнувајќи дека не се работи за вирус кој лесно се шири, ниту пак досега предизвикал сериозно заболување. Вакцините што се користат за борба против мајмунски сипаници може да имаат некои значајни несакани ефекти, додал тој, според Ројтерс.
Не е јасно што ја предизвикало појавата, а научниците се обидуваат да го разберат потеклото на случаите и дали нешто се променило во врска со вирусот. Нема докази дека вирусот мутирал, соопшти агенцијата на ОН претходно оваа недела.
Многу од заразените, но не сите на кои им е дијагностицирана актуелната епидемија на мајмунски сипаници биле мажи кои имале секс со мажи, покажале анализите според агенциите.
Повеќето од потврдените случаи не биле поврзани со патување во Африка, што укажува на тоа дека може да има многу неоткриени случаи, кажал Пебоди.
„Значи, го гледаме само врвот на ледениот брег“, рекол тој.
Со оглед на темпото на избувнувањето и неизвесноста за тоа што ја води, постои загриженост дека големите настани и забави ова лето би можеле да ги влошат работите, оценил тој.
„Не им велам на луѓето да не се забавуваат и да одат на разни настани, важно е што прават луѓето на забавите. Значи, станува збор за безбедно сексуално однесување, добра хигиена, редовно миење раце, сите овие работи ќе помогнат да се ограничи преносот на овој вирус“, изјавил Пибоди, пишува Ројтерс.
Европа
Кисинџер: „Ако наскоро не дојде до мир, на Европа и се заканува уште поголема војна“

Поранешниот американски државен секретар и претседателски советник за национална безбедност Хенри Кисинџер на Светскиот економски форум во Давос го повторил предупредувањето издадено пред неколку дена од српскиот претседател Александар Вучиќ – дека ако наскоро не се постигне мир, на Европа и се заканува уште поголема војна, пишуваат српските медиуми.
Кисинџер разговарал со нејзиниот основач и извршен директор Клаус Шваб (84) на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос и кажал дека моменталното расположение во светот сугерира дека поразот на Русија ќе биде фатален за Западот, бидејќи ќе доведе до реорганизација на Европа и до хиерархии на моќ.
Кисинџер рекол и дека војната во Украина не треба да трае долго и дека Западот треба да ја притисне Украина да ги прифати условите од прекинот на огнот, кои не се во согласност со нејзините сегашни цели и ситуацијата на теренот, пренесуваат медиумите во регионот.
„Преговорите мора да почнат во текот на следните два месеци, бидејќи во спротивно ќе се создадат тензии кои нема така лесно да се надминат. Идеално, линијата на поделба треба да биде враќање на претходната состојба на работите. Инсистирањето на продолжување на војната по тие два месеци нема да доведе до слобода на Украина, туку до нова војна против самата Русија“, изјавил Кисинџер.
Поранешниот американски државен секретар додал дека Русија е дел од Европа веќе 400 години и дека во клучните моменти гарантира дека ќе се одржи рамнотежата на силите на Стариот континент.
„Европските лидери не треба да заборават на долгорочните односи и не треба да ризикуваат до степен Русија и Кина да станат постојани сојузници“ изјавил политичарот.
„Се надевам дека Украинците ќе го помират своето херојство со мудроста“, кажал Кисинџер и порачал дека Украина треба да биде неутрална тампон зона, а не погранична земја.
Европа
Зеленски: Единствениот руски функционер со кој би разговарал е Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера се обрати на Светскиот економски форум во Давос. Во своето обраќање преку видео врска, Зеленски рече дека единствениот руски функционер со кој тој ќе разговара е Владимир Путин.
Тој рече дека средбата со Путин ќе има само една цел, а тоа е да се стави крај на војната.
„Без него не се носат одлуки. И ние мора да бидеме јасно свесни за тоа. И ако зборуваме за конкретна одлука за завршување на војната, тогаш оваа одлука нема да биде донесена без него“, посочил Зеленски, според светските агенции.
Изјавил дека Украинците немаат голема желба да се сретнат со посредници.
„Не прифаќам никакви средби со никого од Русија, освен со претседателот на таа земја. И само ако има едно прашање на маса, она за завршување на војната. Тоа е тоа. Нема што друго да се зборува“, рекол Зеленски.
Во своето обраќање на Светскиот економски форум, претседателот на Украина повикал на максимални санкции против руската нафта, банките и ИТ секторот и апелирал да не се тргува со Русија. Исто така, Зеленски ги повикал меѓународните компании да инвестираат во Украина, а не во Русија.